Достапни линкови

Вести

Сијарто: Унгарската нафтена компанија МОЛ ќе ги зголеми испораките на нафта за Србија

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто

Унгарската нафтена компанија МОЛ ќе ги зголеми испораките во Србија по стапувањето во сила на американските санкции против српската нафтена индустрија (НИС), изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

„Бидејќи МОЛ игра важна улога во снабдувањето со сурова нафта и гориво за Србија, нашите српски пријатели можат да се потпрат на зголемени испораки од МОЛ“, рече Сијарто во објава на социјалните мрежи, пренесува Ројтерс.

Според него, ова зголемување нема да може целосно да го замени недостатокот на испораки од Хрватска.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во четврток изјави дека реалната проценка е дека рафинеријата во Панчево може да работи до 1 ноември без дополнителен прилив на нафта, додавајќи дека кога станува збор за гориво, нема да има проблеми до Нова Година.

За време на своето обраќање до граѓаните, по повод воведувањето на американските санкции врз НИС, Вучиќ рече дека овој период може да биде подолг за пет или седум дена, но тешко дека би бил подолг од тоа.

Од јануари, кога НИС беше ставен на листата на санкционирани компании, Соединетите Држави го одложија спроведувањето на санкциите осум пати, последниот пат до 8 октомври.

НИС беше ставен на листата на санкции на САД на 10 јануари поради таканаречениот секундарен ризик, т.е. мнозинско руско сопствеништво.

Американските санкции имаат за цел, меѓу другото, да го спречат финансирањето на војната во Украина, преку пари што доаѓаат од руските енергетски компании.

Вучиќ претходно изјави дека Белград ќе разговара со Русија за решавање на санкциите против српската нафтена индустрија.

Почна процесот на враќање на надворешното напојување со струја на нуклеарната централа Запорожје

Нуклеарната централа во Запорожје
Нуклеарната централа во Запорожје

Процесот за враќање на надворешното напојување со електрична енергија на нуклеарната централа Запорожје во југоисточна Украина е започнат, изјави Рафаел Гроси, генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) на 9 октомври.

Процесот започна по „интензивни консултации“ со властите во Украина и Русија, изјави Гроси во соопштението.

Нуклеарната централа е под руска контрола кратко време откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година. Таа се потпира на дизел генератори за итни случаи од 23 септември кога беа прекинати надворешните далноводи.

„Оттогаш Гроси соработува со Русија и Украина за предлози насочени кон овозможување на централата да ја добие електричната енергија однадвор што ѝ е потребна за ладење на своите шест исклучени реактори и потрошеното гориво“, се вели во соопштението на МААЕ.

Фокусот е ставен на создавање на потребните безбедносни услови за поправки што треба да се извршат на оштетените делови од два далноводи лоцирани на спротивните страни од фронтовската линија во близина на електраната.

„Иако ќе биде потребно извесно време пред да се обнови поврзувањето со мрежата на нуклеарната централа Запорожје, двете страни се ангажираа со нас на конструктивен начин за да се постигне оваа важна цел заради нуклеарната безбедност“, рече Гроси во изјавата.

Ситуацијата во нуклеарката во Запорожје е „критична“ бидејќи работи на генератори за итни случаи Ситуацијата во нуклеарката во Запорожје е „критична“ бидејќи работи на генератори за итни случаи
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:17 0:00

Секоја страна редовно ја обвинува другата за воени дејствија што ја загрозуваат нуклеарната безбедност, а Гроси постојано предупредуваше за ризикот од нуклеарна несреќа предизвикана од борбите во близина на централата.

Нуклеарните реактори на централата се затворени, но централата сè уште има потреба од електрична енергија за одржување на безбедносните функции како што е ладењето на реакторите.

Руската државна нуклеарна корпорација Росатом претходно изјави дека сака да ја рестартира централата. Но, претходно на 9 октомври, рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков беше цитиран од Интерфакс дека изјавил дека засега нема основа за нејзино рестартирање во отсуство на надворешен извор на енергија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела изрази загриженост за ситуацијата во нуклеарната централа Чернобил во северна Украина откако нападот со беспилотни летала врз блискиот град Славутич ја прекина струјата во деактивираната централа три часа.

„Чернобилската централа, местото на најлошата нуклеарна несреќа во светот, останува без надворешен далновод“, рече Гроси во изјавата од 9 октомври.

Украина соопшти дека централата се снабдува од други извори на енергија.

Израелската влада го одобри договорот со Хамас

илустрација
илустрација

Израелската влада синоќа(9 октомври) го одобри договорот со кој Хамас ќе ги ослободи сите 48 преостанати заложници во Газа, соопшти Кабинетот на премиерот.

Со усвојувањето прекинот на огнот стапи во сила.

Ослободувањето на заложниците, во замена за околу 2.000 палестински затвореници и делумно повлекување на израелската армија (ИДФ), претставува прва фаза од мировниот план за Газа на претседателот на САД, Доналд Трамп.

Повеќето министри од кабинетот гласаа во корист на договорот, вклучувајќи го и министерот Офир Софер од крајнодесничарската партија Религиозен ционизам на министерот за финансии Безалел Смотрич, чии останати министри беа против договорот.

Против гласаа и сите членови на ултранационалистичката партија Оцма Јехудит.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) сега ќе се повлечат на нови линии во рамките на Појасот Газа, задржувајќи распоред што контролира околу 53 проценти од територијата на Газа, по што ќе почне 72-часовниот период во кој Хамас треба да ги ослободи сите заложници.

Доколку се спроведе, договорот ќе ги зближи двете страни повеќе од кој било претходен напор за запирање на војната што се разви во регионален конфликт, вовлекувајќи земји како Иран, Јемен и Либан во конфликт и преобликувајќи го Блискиот Исток.

Наместо ефективен, судот одреди куќен притвор за бизнисменот Марковски

Истрагата се однесува за злоупотреби со тендер во РЕК Битола (фотоархива).
Истрагата се однесува за злоупотреби со тендер во РЕК Битола (фотоархива).

Управителот и сопственик на фирмата „Марковски компани“, кој е и почесен конзул на Белорусија во Северна Македонија, Борче Марковски, и еден од поранешните раководители во РЕК Битола, добија куќен притвор.

Мерката им ја определи Основниот суд во Битола, откако битолското Основно јавно обвинителство (ОЈО) отвори истрага за злоупотреби со јавни набавки и за двајцата бараше најстрога мерка – ефективен притвор. Сепак, судот се одлучил за поблагата мерка, а обвинителите најавуваат жалба.

„Надлежниот јавен обвинител не се согласува со ваквата одлука, особено имајќи ги предвид ризиците од бегство на осомничените, од кои едниот има и значителен имот во друга држава. Од тие причини обвинителството ќе вложи жалба на одлуката на Судот и ќе бара мерка ефективен притвор“, велат од ОЈО Битола.

Истрагата за злоупотреби со тендер во РЕК Битола опфаќа вкупно осум лица и една фирма – „Марковски компани“.

Станува збор за тендер распишан во 2023 година кој е поврзан со дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во производните единици „Рудници“ во РЕК Битола, а за којшто ОЈО Битола тврди дека бил наместен за „Марковски компани“. Тендерот тежел 106,2 милиони денари или околу 1,7 милиони евра.

Меѓу осомничените се уште еден вработен во компанијата, како и поранешен директор на РЕК Битола и други бивши раководни лица во комбинатот.

Покрај притворот за Марковски и еден од раководителите, обвинителството бараше на тројца од осомничените да им се одземат пасошите и да се пријавуваат повремено во судот.

Ексдиректорот на РЕК Битола, пак, веќе се наоѓа во притвор како осомничен во друга постапка, додека за уште едно раководно лице осомничено во случајот со „Марковски компани“ исто така на сила се други мерки на претпазливост во друга истрага.

Фон дер Лајен следната недела на турнеја низ Западен Балкан

Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија (фотоархива).
Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија (фотоархива).

Претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен следната недела ќе ги посети земјите од регионот на Западниот Балкан, информираше на 9 октомври портпаролката на ЕК, Паула Пињо.

Пињо нагласи дека повеќе детали за оваа годишна турнеја на Фон дер Лајен низ Западниот Балкан, Европската комисија ќе соопшти во текот на утрешниот ден.

Очекувањата се дека во рамки на турнејата, фон дер Лајен ќе го посети и Скопје на 15 октомври.
Турнејата на Фон дер Лајен се поклопува со втората годишнина од усвојувањето на Планот за раст на Западниот Балкан, кој, како што нагласи портпаролот на ЕК за проширување Гијом Мерсие, ги поставува темелите за подготовка на земјите од регионот за интеграција во единствениот европски пазар и носи директни придобивки за граѓаните.

Планот за раст за Западен Балкан беше усвоен од страна на Европската комисијата на 8 ноември 2023 година. Тој има за цел да ги интегрира партнерите на ЕУ од Западниот Балкан во Единствениот европски пазар, да ја унапреди регионалната економска соработка, да ги продлабочи реформите поврзани со пристапувањето кон Унијата и да го зголеми претпристапното финансирање за да се забрза социо-економската конвергенција на регионот со блокот.

Планот за раст за Западен Балкан содржи вкупно шест милијарди евра, од кои четири милијарди се во форма на заеми, додека две милијарди се грантови. Парите од овој фонд се исплаќаат двапати годишно, а за да ги добијат земјите од регионот треба да ги спроведат реформите утврдени со реформските агенди.

Сите проекти од Планот за раст мора да бидат завршени до крајот на 2027 година и нема да има продолжување на роковите.

Велика Британија најави помош во борба против илегалната миграција и руското мешање на Западен Балкан

Домаќин на состанок на министрите за надворешни работи од европските земји е британската министерка Ивет Купер.
Домаќин на состанок на министрите за надворешни работи од европските земји е британската министерка Ивет Купер.

Велика Британија најави дека ќе мобилизира средства од околу 16 милиони евра за борбата против мрежите за илегална имиграција и ризикот од руско мешање во земјите од Западен Балкан.

На денешниот Самит во Северна Ирска на министрите за надворешни работи на Западен Балкан и земјите – членки на ЕУ вклучени во Берлинскиот процес, шефицата на британската дипломатија Ивет Купер изјави дека Велика Британија ќе одвои 11,5 милиони евра за „иновативни програми“ насочени кон борба против мрежите за илегална имиграција, кои дејствуваат на Балканот.

Таа најави и околу 4,6 милиони евра за зајакнување на капацитетите за кибер одбрана на балканските земји од руското мешање.

„Знаеме дека безбедноста на Западен Балкан влијае врз безбедноста на цела Европа и на нашата безбедност овде во Велика Британија“, посочи Купер.

Дводневниот министерски состанок што почна синоќа со прием организиран од Купер, се одржува како дел од Берлинскиот процес и подготовка за самитот на лидерите од Западен Балкан во Лондон на 22 октомври.

На состанокот од регионот присуствуваат министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, соопштија дека во фокусот на дискусиите биле регионалната соработка, европските перспективи на земјите од Западен Балкан и заедничките безбедносни предизвици.

Министерот Тимчо Муцунски, како што посочија, во обраќањето на состанокот ја нагласил потребата од заеднички одговор на современите безбедносни ризици – хибридни и сајбер закани, дезинформации, миграции, нелегално финансирање и организираниот криминал.

„На состанокот беше истакнато дека политиката на проширување на Европската унија претставува витална рамка за трансформација на општествата и унапредување на добрососедските односи, демократските стандарди и владеењето на правото. Заедничко беше констатирано дека постепената интеграција, Планот за раст и Заедничкиот регионален пазар значајно го приближуваат Западен Балкан до Европската унија и го прават пристапниот процес поопиплив за граѓаните“, соопштија од МНР.

Покрај министрите од регионот, во Белфаст, каде што се одржа состанокот, присуствуваа и министри или високи претставници и од Германија, Франција, Италија, Австрија, Словенија, Грција, Бугарија и други земји.

Берлинскиот процес е дипломатска иницијатива, што почна во 2014 година со цел забрзување на процесот на пристапување на шесторката од Западен Балкан кон Европската унија.

Макрон треба да именува премиер додека истекува рокот за буџетот

Емануел Макрон, претседател на Франција (фотоархива).
Емануел Макрон, претседател на Франција (фотоархива).

Францускиот претседател Емануел Макрон веројатно утре (10 октомври) ќе именува нов премиер, соопштија од неговиот кабинет, пренесе ДПА.

Во Париз, како што пишува агенцијата, се шпекулира со неколку имиња за тоа кој ќе ја преземе функцијата, па така се споменуваат лидерот на Социјалистичката партија Оливие Форе, поранешниот социјалистички премиер Бернар Казнев, како и центристичкиот политичар Жан-Луј Борло, кој беше член на претходните влади на Жак Ширак и Никола Саркози.

Часовникот отчукува за Макрон да донесе одлука бидејќи според Уставот на Франција, владата мора да достави нацрт-буџет за 2026 година до парламентот најдоцна до понеделник. Доколку тоа не се случи, наведува ДПА, би можеле да се продлабочат политичките превирања во земјата, а сето тоа дополнително да влијае и врз силно задолжената француска економија.

Вршителот на должноста министер за финансии, Роланд Лескир, уверува дека Франција ќе го усвои буџетот за 2026 година и ќе ги испочитува обврски.

„Постои мнозинство пратеници кои сакаат стабилност и се согласуваат за една точка: Франција има потреба од буџет за 2026 година кој ги исполнува нашите обврски кон нашите европски партнери – и токму тоа ќе се случи“, рече тој на состанок во Луксембург.

Досегашниот премиер на Франција, Себастиен Лекорну поднесе оставка од функцијата во понеделник по помалку од еден месец на функцијата, велејќи дека во недостатокот на компромис низ целиот политички спектар е невозможно да се владее.

Политичката ситуација во Франција е кревка од 2022 година, кога Макрон го изгуби мнозинството во парламентот.

Проблемите се влошија кога тој неочекувано распиша предвремени парламентарни избори минатата година, што резултираше со „парламент без мнозинство“ поделен на три идеолошки блока: неговата централно-десничарска алијанса, левицата и крајната десница (RN).

Нови санкции од САД, опфатени и кинеско пристаниште и рафинерија за нафта

Министерството за финансии го намалува текот на парите за Иран, вели американскиот министер за финансии, Скот Бесент, по последниот сет санкции.
Министерството за финансии го намалува текот на парите за Иран, вели американскиот министер за финансии, Скот Бесент, по последниот сет санкции.

Министерството за финансии на САД соопшти дека вовело санкции против повеќе од 50 лица, компании и бродови поврзани со нафтениот сектор на Иран, засилувајќи ја репресијата врз клучниот извор на приходи за Техеран.

Санкциите се насочени кон лица кои помагаат во олеснувањето на иранските испораки на течен нафтен гас, а вклучуваат и кинеско пристаниште и рафинерија за нафта, соопшти Министерството, пренесе новинската агенција АФП.

Ваквиот потег доаѓа неколку недели откако Обединетите нации најавија т.н. „брзи санкции“ против Иран поради неговите нуклеарни и ракетни програми, продлабочувајќи ја меѓународната изолација на Техеран.

„Министерството за финансии го намалува текот на парите за Иран со демонтирање на клучните елементи од иранската машинерија за извоз на енергија“, изјави американскиот министер за финансии, Скот Бесент.

На листата санкционирани е и „Шандонг Џинченг Петрохемикал Груп“, кинеска рафинерија за која американското Министерството наведува дека од 2023 година купила милиони барели иранска нафта.

Министерството, исто така, ја санкционираше и компанијата што управува со терминалот за сурова нафта „Рижао Шихуа“ во пристаништето Ланшан, обвинувајќи ја фирмата дека прифатила десетина бродови што превезуваат милиони барели иранска нафта.

Ова е четврт сет санкции од Министерството за финансии на САД кои се насочени кон кинески рафинерии откако американскиот претседател Доналд Трамп се врати на власт во јануари оваа година.

Стотици поединци, компании и бродови претходно беа санкционирани поради нивните врски со Иран како дел од кампањата на американската администрација за „максимален притисок“.

Потегот на Министерството за финансии значи дека сиот имот и уделите во имоти што ги имаат санкционираните ентитети се блокирани. Сите компании што се во директна или индиректна сопственост на некое од санкционираните лица се исто така блокирани, соопшти Министерството.

ЕК ќе ги истражува обвинувањата за шпионажа од Унгарија

Седиштето на ЕУ во Брисел (фотоархива).
Седиштето на ЕУ во Брисел (фотоархива).

Интерна група во рамки на Европската комисија (ЕК) ќе ги истражува обвинувањата дека Унгарија ги шпионира европските институции, изјави портпаролот на ЕК.

Ова следува откако тврдења за шпионажа беа изнесени од неколку медиуми, вклучувајќи ја унгарската група за истражувачко новинарство „Директ 36“ и германски „Шпигел“.

„Комисијата ги зема предвид сите денешни извештаи дека унгарското разузнавање извршило шпионски операции против Европската Унија и нејзиниот персонал. Комисијата ги сфаќа многу сериозно ваквите обвинувања“, рече портпаролот на Комисијата.

Портпаролот на постојаната претставништво на Унгарија во ЕУ во Брисел, пак, не коментираше за обвинувањата, но ги упати новинарите од „Ројтерс“ на изјавата на министерот за надворешни работи Петер Сијарто за унгарскиот портал Индекс.

Во изјавата Сијарто вели дека нема сознанија за случајот што го откри „Директ 36“ и оти според него, ваквите тврдења се неосновани.

Отворена истрага за тендер на „Марковски компани“ во РЕК Битола

РЕК Битола
РЕК Битола

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола отвори истрага за злоупотреби со јавни во Рударско енергетскиот комбинат (РЕК) – Битола, подружница на Електрани на Северна Македонија.

Станува збор за тендер од 2023 година што е поврзан со дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во производните единици „Рудници“ во РЕК Битола.

Тендерот кој е предмет на истрага тежел 106,2 милиони денари или околу 1,7 милиони евра.

Во истрагата опфатени се осум лица и една фирма, која како што соопшти и Управата за финансиска полиција, е „Марковски компани“. Меѓу осомничените се нејзиниот управител и сопственик, Борче Марковски и еден вработен во компанијата.

Борче Марковски во јавноста е познат и како почесен конзул на Белорусија во Северна Македонија.

Со истрагата се гонат и петмина службени лица од РЕК Битола – еден поранешен директор и четворица бивши раководители и директори во производните единици „Рудници“ во рамки на комбинатот.

Службените лица од РЕК Битола се товарат за продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувања, а тројца од нив и за измама во службата.

„При дефинирањето на условите за јавната набавка тие ги повредиле начелата на сразмерност и конкурентност и овозможиле на една фирма, односно на осомниченото правно лице, да се јави како единствен понудувач и да склучи договор за јавната набавка, односно да се стекне со противправна имотна корист од големи размери“, велат од ОЈО Битола.

Обвинителството наведе и дека иако дел од осомничените службени лица знаеле дека компанијата добитник на тендерот не ги извршила договорените обврски, тие потпишувале записници и извештаи за извршена работа со кои потврдувале дека „комплетно е извршена демонтажа, транспорт и монтажа на погонските станици од РЕК Осломеј во РЕК Битола“.

Бизнисменот Борче Марковски, еден вработен и компанијата како правно лице, пак, се осомничени за продолжено кривично дело злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство.

„Правното лице, сопственикот и управител и уште едно лице вработено во компанијата се осомничени дека иако биле свесни дека работите не се извршени, доставувале фактури врз основа на кои од РЕК Битола незаконито наплатиле 106.200.000 денари со вклучен ДДВ“, велат од ОЈО Битола.

Обвинителството, како што најави, ќе достави предлог до судот да се определи притвор за две лица – сопственикот на „Марковски компани“ и еден од раководителите во РЕК Битола. За двајца други раководни лица од комбинатот и за вработениот во Марковски компани ќе бара одземање на пасошите и повремено јавување во судот.

„Поранешниот директор на РЕК Битола веќе се наоѓа во притвор по друга постапка, а уште едно службено лице од РЕК Битола во друга постапка е веќе обезбедено со мерки на претпазливост кои ги почитува до овој момент“, додаваат од битолското Обвинителство.

За случајот се огласија и од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) наведувајќи дека никој од актуелното раководство во РЕК Битола не бил приведен во истрагата туку станува збор за лица од поранешното раководство и побараа „целосно расветлување на случајот“ и „утврдување на фактичката состојба“.

Како што пишуваше Радио Слободна Европа претходно, „Марковски компани“ во последните пет години од државата има добиено најскапи тендери според цената на услугите и тоа често со непосредно спогодување.

„Марковски компани“ најголем „копач“ на тендери
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:22 0:00

Фирмата редовно, во изминативе десетина години добивала работа од „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) и подружницата РЕК Битола. За пет години склучиле 66 договори кои чинат 141 милион евра, а фирмите подизведувачи го поврзуваат со семејството на поранешниот премиер Зоран Заев.

Сопственикот Борче Марковски, стана почесен конзул на Белорусија во 2016 година поради „добрите економски релации со оваа земја“.

Неговата фирма во Белорусија била претставена како соработник на државни компании кои пак се поврзуваат со претседателот Александар Лукашенко и се под санкции на САД, а во одреден период и на ЕУ.

Марковски има фирма и во Србија, и таму редовно добива тендери од „Србија шуми“.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG