Порака на единство меѓу двете Помесни православна сестрински Цркви и порака на единство во верата меѓу двата православни народи е пораката која Македонската православна црква – Охридска Архиепископија(МПЦ-ОА) ја испраќа со присуството на претставници на црквата на литургија началствувана од рускиот Патријарх Кирил во Москва, велат од МПЦ-ОА за Радио Слободна Европа.
Митрополитот преспанско-пелагониски, Петар и епископот велички, Никола, учествуваа на литургијата на 8 октомври во манастирот „Свети Сергеј Радоњишки“, на Сергеов посед, близу Москва.
Од МПЦ - ОА велат дека изминативе денови неколкумина високи македонски црковни претставници, архијереји на МПЦ-ОА се во посета на сестринските Помесни Православни Цркви меѓу кои струмичкиот митрополит г. Наум е во посета на епархиите на Романската Православна Црква, а митрополитот г. Петар е во посета на епархиите на Руската Православна Црква.
Но, ова е прва посета на член на Светиот Синод на МПЦ-ОА во Москва, по признавањето на Руската православна црква на автокефалноста на МПЦ-ОА во 2022 година. Признавањето од Руската Црква следуваше откако во мај истата година Вселенската патријаршија донесе одлука за признавање на црковната јерархија на Охридската архиепископија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет. По тоа следуваа признавања на автокефалноста на Македонската црква од останатите православни цркви, меѓу кои и Српската.
Прва посета на Москва
Од МПЦ-ОА потврдија дека на покана од црковна Москва, Митрополитот Петар е во неколкудневна посета на Руската православна црква.
„Посетата на РПЦ вообичаено подразбира и учество во нејзиниот богослужбен живот, па затоа и митрополитот Петар сослужуваше на литургијата по повод празникот на преподобниот Сергиј Радонешки“, велат од МПЦ за Радио Слободна Европа.
Во два и пол часовната литургија која се одржа вчера, на 8 октомври 2025, рускиот Патријах Кирил во својот говор истакна дека „молитвата за руската власт и војска треба да биде срцевина на духовниот живот затоа што од нивните дејства зависи иднината на Русија и во извесна смисла и иднината на црквата“.
„И како треба да се работи на тоа никакви надворешни сили повеќе и никакви непријателски внатрешни сили, како што беше во минатиот век, да не го разнишаат единството и целината на нашето општество и повторно да не го нафрлат врз нашиот народ некој јарем на безбожност или млакост кон Бога, од која денес толку страда. Нема да набројуваме земји, но општо земено ќе кажеме, западното општество“ рече Патријархот Кирил.
Новинарот Бранко Ѓорѓиевски кој важи за добар познавач на верските заедници, вели дека односите и комуникацијата со Руската православна црква не може така лесно да се стават во контекст на „нормалност и редовност“, особено затоа што престојот на Митрополитот Петар во Москва доаѓа по три години во кои немало такви вакви посети и служби, како и во период во кој на еден руски достоинственик му беше забранет влез во Македонија.
Дополнително во септември минатата година Синодот на МПЦ-ОА ја поддржа проруската Украинска Православна Црква, која беше забранета од Украинскиот парламент во август 2024 година, потег за кој Ѓорѓиевски вели дека и одговарал на Руската Црква.
Како ќе реагира Вселенската патријаршија?
„Значи, сега се отвораат врати на една директна комуникација на наши достоинственици со Руската црква чии достоинственици се речиси изолирани од најголемиот дел на други Православни цркви поради нејзините ставови и поддршка на војната и агресијата врз Украина. Затоа, прашање е како на оваа посета ќе реагира Вселенската патријаршија, но и другите православни цркви? “, вели Ѓорѓиевски.
Украинската православна црква (УПЦ) е една од двете најголеми православни религиозни организации во Украина, заедно со Православната Црква на Украина (ПЦУ). УПЦ важи за блиска до Москва и Руската православна црква (РПЦ). Пред почетокот на војната беше наречена Украинска православна црква на Московската патријаршија, но по руската инвазија започната во февруари 2022 прогласи „независност“ од Москва. Неколку месеци подоцна украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша закон за забрана на православните цркви поврзани со Русија во Украина, кој претходно го усвои Врховната рада (Парламентот на Украина), а кој ја опфаќа и УПЦ.
Ѓорѓиевски вели дека МПЦ-ОА и досега била на „тапет“ поради мислењата дека во нејзиниот Синод има владици и крило кое силно лобира за руски интереси и дека одредени одлуки се носат под притисокот на таа групација на владици.
„Оттаму, по ова посета може да се постави прашање дали е ова и сигнал за поинтензивни контакти и присуство на руски црковни лица во Македонија, а од кои некои и доаѓале во изминативе три години? Јасно е дека Руската црква ја смета македонската како својата „порта“ за надминување на изолацијата но не и само заради тоа. Мислам дека главната цел на руската стратегија кон МПЦ-ОА е да не придобијат на својата страна во судирот кој што црковна Москва го има со Вселенската патријаршија“, вели Ѓорѓиевски.
Отворена врата за комуникација
Процесот за добивање на официјалниот томос за автокефалност на МПЦ-ОА од Вселенскиот патријарх, започна на 4 јуни 2022 година со врачувањето на документот од патријархот српски Порфириј на архиепископот Стефан, со кој се потврдува одлуката на Српската православна црква, објавена на 24 мај по нивното сослужување на заедничката литургија во Соборниот храм во Скопје, со која СПЦ ја одобри и упати благослов за автокефалноста на МПЦ – Охридска Архиепископија, ставајќи крај на 55-годишниот спор меѓу двете цркви.
Ѓорѓевски вели дека во таквата ситуација сега се наметнуваат прашањата дали МПЦ-ОА мора да добие Томос за автокефалност од Вселенската патријаршија или и е доволен само дадениот од СПЦ, околу правото на употребата на националното име на нашата Црква, на придавката „Македонска“, а со што македонската црква има проблеми со Вселенската патријаршија но не и со Московската патријаршија.
„ МПЦ-ОА мора да се води со свои интереси и затоа би било ризично да застанеме само на една страна. Тие бараат да се комуницира и со Москва и со Цариград но не смее ни се случи скршнување од главната цел да ја добиеме полната црковна автокефалност, а што досега не е остварено“, додава тој.
Ова не е единствениот потег со кој МПЦ-ОА ја покажува наклонетоста кон руската црква.
Во јануари 2023 година во Северна Македонија беше вториот човек на Руската православна црква, владиката Антониј кој одржа заедничка литургија со поглаварот на македонската црква, архиепископот Стефан. Ден претходно, рускиот владика задолжен за надворешни црковни односи и заменик на рускиот патријарх Кирил, во друштво на други црковни лица од Русија и на рускиот амбасадор во Скопје, Сергеј Бездникин, беше во посета на седиштето на македонската црква во Скопје.
Поради сомнеж за шпионажа, пак, Северна Македонија во септември 2023 го протера рускиот архимандрит Васијан Змеев. Истото го направи и Бугарија, каде рускиот свештеник живееше како црковен претставник на Московската патријаршија во Софија.