Францускиот премиер Себастиен Лекорну поднесе оставка на 6 октомври, само неколку часа по назначувањето на неговиот нов кабинет, втурнувајќи ја Франција повторно во политичка криза во која е заглавена од 2022 година.
Што може да се случи следно и како дојде до оваа ситуација:
Опциите на Макрон: нов премиер, избори или оставка
По прифаќањето на оставката на Лекорну, францускиот претседател Емануел Макрон се соочува со три непријатни избори.
Прво, може да именува нов премиер. Малку е веројатно тоа да биде фигура од неговиот табор, а Макрон досега одбиваше да назначи левичар, бидејќи тие сакаат да ја ослабат неговата тешко извојувана пензиска реформа. Левичарски премиер, пак, би ги разгневил десничарите, кои бараат поголем фокус на ред и закон, имиграција и штедење.
Макрон би можел да го распушти парламентот и да распише нови парламентарни избори, потег за кој рече дека не сака да го направи, а кој потенцијално би можел да доведе до влада на крајно десничарската „Национален собир“ (RN), доколку освои мнозинство.
Неговата последна опција – и онаа што повеќепати ја одбиваше – е да поднесе оставка. Не е јасно кој би победил на претседателски избори, но анкетите сугерираат дека Национален собир има големи шанси.
Макрон ја изгуби контролата врз парламентот во 2022 година
Политичката ситуација во Франција е кревка од 2022 година, кога Макрон го изгуби мнозинството во парламентот.
Проблемите се влошија кога тој неочекувано распиша предвремени парламентарни избори минатата година, што резултираше со „паламент без мнозинство“ поделен на три идеолошки блока: неговата централно-десничарска алијанса, левицата и крајната десница (RN).
Притисокот врз буџетот ја продлабочува кризата
Под нормални околности, малцинската влада на Макрон можеби ќе успееше некако да преживее.
Но, два клучни фактори ја усложнија ситуацијата.
Првиот е буџетската криза. Франција е под сè поголем притисок да ја среди јавната потрошувачка. Таа има најголем буџетски дефицит во еврозоната, а Макрон им довери на низа премиери задача да протуркаат намалени буџети.
Мишел Барние беше првиот кој се обиде, но парламентот го собори во декември поради неговите предлози за кратења во буџетот за 2025 година. Неговиот наследник, Франсоа Бајру, успеа да ја протурка законската рамка за 2025, но беше сменет минатиот месец поради предлогот за буџетот за 2026.
Лекорну, кој е верен поддржувач на Емануел Макрон, беше назначен по Бајру, но издржа помалку од еден месец, откако политичките ривали едногласно ги отфрлија неговите назначувања за членови на кабинетот.
Претседателскиот наследник ја комплицира ситуацијата
Друг клучен фактор за политичката нестабилност е трката за наследник на Макрон. Претседателот не смее повторно да се кандидира во 2027 година, па сите партии се обидуваат да си ја зацртаат идеолошката територија пред изборите.
Тоа ја направи речиси невозможна задачата да се најде заеднички јазик во парламентот, оставајќи ги премиерите на Макрон на милост и немилост на тврдоглавите пратеници кои не сакаат компромиси.
Не е изненадување, тогаш, што Макрон веќе смени пет премиери од 2022 година досега.