Вести
Условна казна за вториот обвинет за нападот врз Арсовска во Чаир
Второто обвинето лице за нападот врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, доби условна казна затвор од две години која нема да се изврши ако во наредните пет години не стори ново кривично дело.
Пресудата беше изречена денеска, 31 октомври, во Основниот кривичен суд Скопје откако обвинетиот призна вина за делото „насилство“ за коешто се гонеше.
„Обвинетиот Реџеп Нуредини на главна расправа покажа искрено каење за стореното, за неговото грубо однесување спрема оштетената. Меѓутоа, и самата градоначалничка покажа доблест да му прости за стореното на обвинетиот, дури и не се приклучи кон кривичниот прогон, ниту пак најави имотно правно побарување. Што помогна за изречената максимална алтернативна казна во случајот“, изјави адвокат на обвинетиот Насер Рауфи, по изрекувањето на пресудата.
Арсовска, како што пренесува државната агенција МИА, од судот излезе видно вознемирена и не сакаше да даде изјава за медиумите. Но, се огласи на социјалните мрежи.
За нападот на Арсовска, скопскиот првостепен суд во септември изрече уште пресуда. Обвинетиот Сулејман Љамалари беше осуден на две години затвор за насилство.
Инцидентот се случи на 11 јули 2025 година Чаир, период кога Арсовска објавуваше материјали и упатуваше обвинувања за дивоградби на територијата на оваа скопска општина.
Орбан ќе бара од Трамп ослободување од санкциите за руската нафта
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека се надева дека ќе го убеди претседателот на Соединетите Држави, Доналд Трамп, дека Унгарија треба да биде ослободена од американските санкции врз руската нафта поради нејзината голема зависност од цевководните мрежи за снабдување со енергија.
Орбан рече дека на средбата со Трамп на 7 ноември ќе разговара за американските санкции против руските нафтени компании „Роснефт“ и „Лукоил“ и дека целта е да се склучи широк економски договор со Соединетите Држави, пренесува „Ројтерс“.
„Унгарија е земја без излез на море. Ние зависиме од транспортните правци преку кои енергијата може да стигне до Унгарија. Тоа се главно нафтоводи. Мораме да ги натераме Американците да ја разберат оваа специфична ситуација ако сакаме да одобрат исклучоци од американските санкции против Русија“, рече Орбан.
Тој, исто така, нагласи дека Германија, и покрај тоа што има пристап до морето, побарала исклучок за една од своите рафинерии.
Германскиот министер за економија во вторник изјави дека добил уверенија од Вашингтон дека санкциите врз „Роснефт“ нема да се однесуваат на германската сестринска компанија на „Роснефт“, објаснувајќи дека станува збор за компанија што Германија ја ставила под стечај и повеќе не претставува руска сопственост.
Берлин тврди дека германската подружница на „Роснефт“ има мнозински удел во рафинеријата за нафта „Шведт“.
Новите американски санкции, кои претставуваат ризик за зависноста на Унгарија од увоз на сурова нафта од Русија, беа објавени неколку дена по пожарот во главната рафинерија на Дунав на унгарската нафтена група „МОЛ“, поради што таа мораше да работи со намален капацитет, потсетува „Ројтерс“.
Унгарската влада во четврток објави нацрт-закон за измена на законот за складирање на увезена сурова нафта и деривати на сурова нафта за да ѝ се овозможи да назначи таканаречени резервни бензински пумпи за снабдување со гориво на клучните корисници во случај на криза во снабдувањето.
Парламентот на Летонија гласаше за повлекување од Истанбулската конвенција
Парламентот на Летонија гласаше за повлекување од меѓународниот договор насочен кон борба против насилството врз жените, откако конзервативниот партнер во владејачката коалиција го поддржа потегот, спротивставувајќи им се на премиерот и на претседателот.
Истанбулската конвенција, воспоставена од Советот на Европа и потпишана од десетици земји-членки, го дефинира насилството врз жените како кршење на човековите права и се занимава со различни форми на насилство врз основа на пол.
Сепак, противниците на договорот тврдат дека тој воведува дефиниција за пол што оди подалеку од биолошкиот пол, врамувајќи го како општествен конструкт. Тие велат дека постојните национални закони се доволни за справување со насилството врз основа на пол, објавува Ројтерс.
Една од трите коалициски партии, Зелените и Синдикатот на земјоделци, отстапија од премиерката Евика Силина и и се придружија на опозицијата за да го протуркаат гласањето за излез од конвенцијата со 56 гласа во парламентот со 100 места.
„Ова нема да влијае на семејното насилство на никаков начин. Заштитата од семејно насилство беше во законодавството на Летонија дури и пред Истанбулската конвенција“, изјави за Ројтерс Гунарс Гутрис, претставник на Зелените и синдикатот на земјоделци.
Околу 5.000 луѓе протестираа во центарот на Рига во среда против повлекувањето, објави јавната телевизија ЛСМ.
„Ова ќе биде катастрофален удар за угледот на Летонија во Европската Унија, како и на меѓународно ниво“, изјави за Ројтерс Андрис Сувајевс, претседател на Прогресивната парламентарна група, либералната владина коалициска партија.
Конвенцијата беше потпишана за прв пат во Истанбул во 2011 година, а стапи на сила три години подоцна, а повеќето земји од Европската Унија ја потпишаа и ратификуваа.
Летонија, која го ратификуваше договорот од 2023 година, е на пат да биде втората земја што ќе се повлече од него.
Турција доби остри критики од Европската комисија кога се повлече во 2021 година.
Во 2020 година, тогашната десничарска влада на Полска го започна процесот на повлекување од договорот, но оттогаш беше заменета од центристичкиот кабинет на премиерот Доналд Туск, кој ги откажа плановите минатата година.
Минатата година, чешкиот парламент не успеа да ја ратификува конвенцијата што ја потпиша во 2021 година.
Израел ги врати останките на уште 30 Палестинци во Газа
Израел ги врати телата на уште 30 Палестинци во Газа како дел од тековниот договор за размена според планот за прекин на огнот постигнат со посредство на САД, изјавија на 31 октомври од една болница за АФП.
Медицинскиот комплекс Насер во Кан Јунис за АФП информираше дека „телата на 30 палестински затвореници се примени од израелска страна како дел од договорот за размена“.
Според примирјето, Израел треба да врати 15 палестински останки за секој починат израелски заложник вратен од Хамас. САД и ЕУ ја прогласија Хамас за терористичка организација.
Трансферот од петок го зголемува бројот на вратени во Газа на 225.
Израел и Хамас на 9 октомрви постигнаа договор за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на заложниците како дел од неговиот план за ставање крај на двегодишната војна во палестинската енклава.
Само еден ден по втората годишнина од нападот на Хамас врз Израел, што го предизвика разорниот напад на Израел врз Газа, индиректните разговори во Египет доведоа до договор за почетната фаза од рамката од 20 точки на Трамп.
Хамас, исто така, соопшти дека постигнал договор за прекин на војната во Појасот Газа, велејќи дека договорот вклучува повлекување на Израел од територијата, како и размена на заложници и затвореници.
Единаесет повредени во руски напад врз украинскиот град Суми
Русија изврши ноќен напад врз североисточниот украински град Суми, при што беа ранети 11 жители, меѓу кои и четири деца, соопштија украинските служби за итни случаи на 31 октомври.
Регионот Суми се граничи со Русија и е под постојан напад и од беспилотни летала и од ракети.
Службите за итни случаи на Телеграм објавија дека Русија погодила висока станбена зграда, куќи и инфраструктура.
Според гувернерот на регионот, Игор Калченко, Русија нападнала железничка станица, уништувајќи неколку вагони и оштетувајќи згради.
Вчера во напади на руските ракетни и беспилотни летала низ Украина беа убиени најмалку шест лица, а десетици други беа повредени, вклучувајќи деца, додека руските трупи ги засилуваат нападите околу стратешкиот источен град Покровск во земјата.
Претседателот Володимир Зеленски на 30 октомври ги опиша нападите како „сложен, комбиниран напад“, истакнувајќи дека руските сили користеле над 650 беспилотни летала и повеќе од 50 ракети од различни видови, вклучувајќи балистички ракети.
Последен ден од изборната кампања за вториот круг од локалните избори
Завршува двонеделната кампања за вториот круг од Локалните избори 2025 коишто ќе се одржат в недела на 2 ноември. На полноќ почнува молкот кој трае до недела до 19 часот.
Во вториот круг за градоначалници ќе се гласа во 32 општини и во Градот Скопје, а ќе се прегласува за членови на Совет на три избирачки места во општината Шуто Оризари.
На полноќ почнува молкот кој трае до недела до 19 часот.
В сабота (1 ноември) во општините каде што ќе има втор круг за градоначалници вообичаено први ќе гласаат болните и изнемоштените, затворениците и лицата во домашен притвор чии пријави се прифатени од општинските изборни комисии.
Во Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово на 2 ноември нема да има гласање бидејќи во првиот круг од локалните избори немаше доволен граѓани кои излегле да гласаат.
Во овие општини ќе има нова постапка за избор на градоначалници која ќе почне по завршувањето на локалните избори, односно по објавувањето на конечните резултати од локалните избори.
Во првиот круг од локалните избори беа избрани советници во 79 општини и Градот Скопје, а беа избрани градоначалници во 44 општини, кои веќе ги добија решенијата и ги преземаа новите функции.
Британското Министерството за надворешни работи за РСЕ: Додик и Цвијановиќ остануваат под санкции
Милорад Додик и Жељка Цвијановиќ остануваат под санкции на Велика Британија. Ова се наведува во одговорот на Министерството за надворешни работи на Велика Британија за Радио Слободна Европа на прашањето дали таа земја ќе ги укине санкциите против претседателот на Сојузот на независни социјалдемократи и членката на Претседателството на Босна и Херцеговина.
Нивниот одговор доаѓа еден ден откако Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на Соединетите Држави (OFAC) ги тргна од листата санкции Додик, Цвијановиќ, како и уште 48 членови на семејството на Додик, нивните фирми и блиски соработници.
Во одговорот на британското министерство се наведува дека режимот на санкции на Обединетото Кралство овозможува воведување санкции за оние кои ја подривaт или загрозуваат сувереноста, територијалниот интегритет, меѓународниот субјективитет или уставниот поредок на Босна и Херцеговина.
„Милорад Додик и Жељка Цвијановиќ и понатаму се под санкции поради таквите постапки. Санкциите имаат своја цел. Се надеваме дека Милорад Додик и Жељка Цвијановиќ ќе го променат досегашниот курс и ќе покажат суштинска посветеност на почитувањето на Дејтонскиот мировен договор и државните институции на Босна и Херцеговина“, се наведува во одговорот за РСЕ.
Велика Британија на 11 април 2022 година објави дека ги санкционирала Милорад Додик и Жељка Цвијановиќ поради, како што беше наведено, обидите да ја нарушат легитимноста и функционалноста на државата БиХ.
Санкциите, кои вклучуваат забрана за патување и замрзнување на имот, се првите воведени во рамките на режимот на британски санкции за БиХ, нагласуваше тогаш британската влада, со појаснување дека „ова не се санкции против Република Српска, ниту против нејзините граѓани“.
Британските санкции значат дека Додик и Цвијановиќ не можат да патуваат во Обединетото Кралство ниту да користат или пристапат до било каков имот што можеби го поседуваат таму.
Како што е наведено во одлуката на британските власти, „охрабрени од руските подривни активности во меѓународниот систем“, Додик и Цвијановиќ ја искористиле својата позиција за да ја форсираат де факто сецесијата на Република Српска – еден од двата ентитети на Босна и Херцеговина – што е директно спротивно на уставот на државата.
„Милорад Додик започна акција за повлекување на Република Српска од клучни државни институции, користејќи раздорна, опасна, националистичка реторика, нарушувајќи го домашниот и регионалниот мир и поттикнувајќи етничка омраза и негирање на геноцидот.
Во меѓувреме, во октомври 2021 година, Жељка Цвијановиќ ја искористи својата канцеларија за да поднесе нацрти закони во Република Српска со кои се обидуваше да се пренесат државни надлежности на ниво на ентитет. Цвијановиќ јавно ги величеше воените злосторници и негираше геноцид во Сребреница“, се наведува во документот на британската влада.
Во време на воведување санкциите, Додик беше член на Претседателството на БиХ, а Цвијановиќ претседателка на Република Српска.
Османи ги повикува лидерите на косовските политички партии на состанок во петок
Косовската претседателка Вјоса Османи ги повика лидерите на политичките партии на состанок во петок напладне, додека Косово продолжува со обидите за формирање нова влада, речиси девет месеци по одржувањето на изборите.
Оваа средба доаѓа откако кандидатот за премиер, Албин Курти од победничката партија Движење Самоопределување, не успеа да добие доволно гласови во Собранието во неделата за избор на новата влада. Според Уставот, претседателката мора да именува нов кандидат за формирање влада во рок од десет дена од неуспехот на првиот кандидат.
Сепак, не е јасно дали ќе биде назначен нов мандар кој ќе треба да формира Влада поради недостаток на волја кај партиите да постигнат договор околу владејачка коалиција.
Лидерот на втората по големина партија, Демократската партија на Косово (PDK), Мемли Красниќи, во неделата ја отфрли можноста да стане следниот премиер, во случај претседателката да го праша дали има парламентарно мнозинство.
Неколку дена откако не доби поддршка од Собранието за трет мандат, Албин Курти – кој моментално ја извршува функцијата премиер – најави нови избори во декември.
Тој изјави дека Демократскиот сојуз на Косово и Нисма не сакале да соработуваат со него, додека тој самиот не сакал коалиција со PDK.
Во меѓувреме, во вторникот, советникот на претседателката, Беким Купина, изјави дека за време на состанокот закажан за петок, претседателката ќе ги повика лидерите на парламентарните партии на политички компромис.
„Претседателката ќе ги охрабри политичките партии да соработуваат за да се избегне каква било блокада што би можела негативно да влијае врз добросостојбата на граѓаните и функционирањето на институциите на Косово,“ изјави Купина за Радио Слободна Европа во вторникот.
Купина додаде дека претседателката ќе ја нагласи важноста од усвојување на буџетот на Косово, како и одобрувањето на Планот за раст на Европската унија, за време на претстојните разговори со политичките партии.
Косово формираше нов парламентарен состав пред неколку месеци, но неуспехот во формирањето влада минатата недела го зголеми ризикот земјата да влезе во 2026 година без буџет.
Политичката парализа, исто така, доведе до тоа Косово да не може да добие ниту еден цент од Планот за раст на Европската унија за Западен Балкан, од кој е предвидено Косово да добие повеќе од 880 милиони евра.
Планот за раст опфаќа пакет од 6 милијарди евра за поддршка на приближувањето на економиите на шесте земји од Западен Балкан кон европските стандарди. Косово мора да го ратификува договорот со ЕУ во Собранието за да може да почне со користење на средствата.
Комунална Хигиена доби в.д. директор по дводневни преписки меѓу Арсовска и Управниот одбор
Скопското јавно претпријатие Комунална Хигиена, по дводневни институционални преписки доби нов директор. Актуелната градоначалничка Данела Арсовска го назначи за времен директор Александар Јовановски кој, како што се вели во градското соопштение, на ова позиција доаѓа од инспекторатот на Град Скопје.
Јовановски седнува на столчето на досегашниот в.д директор Сабахудин Рустеми кој заврши во притвор и си поднесе оставка и го доведе во прашање фунцкионирањето на претпријатието.
Рустеми доби притвор од 30 дена заедно со еден од раководителите во ЈП „Комунална хигиена“ поради основано сомнение за кривично дело „Загрозување на животната средина и природата со отпад“, соопшти Кривичниот суд.
Еден час пред одлуката на Арсовска, од Управниот одбор на Комуналната Хигиена пратија ургенција до неа, предупредувајќи дека претпријатието има нафта за само уште еден ден и дека без времен директор, никој не може да набави гориво за да може да функционира компанијата.
„За ваше запознавање, во моментов се при крај резервите со нафта наменета за специјалните комунални возила кои се употребуваат за собирање и транспорт на комуналниот отпад, што не може да се набави без потпис на в.д директор. Доколку во најкус можен рок не назначите в.д. директор на ЈП Комунална Хигиена, одговорноста за алармантаната состојба со одржување на хигиената во градот Скопје е Ваша“, се наведува во соопштението од Управниот одбор на Комунална Хигиена.
Во соопштението е наведено дека во изминативе 4 години, градоаначалничката до сега именувале пет времени директори и разрешила четири од нив.
Во изминатите два дена градоначалничката Арсовска и Управниот одбор на КХС се обвинуваа кој е надлежен да назначи нов директор и кој е виновен за катастрофалната состојба со хигиената во градот.
До ова дојде откако минатата недела Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи (МВР), во координација со повеќе инспекциски и здравствени институции да спроведе вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и во ЈП „Комунална хигиена – Скопје“, поради сериозни проблеми со собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад.
Обвинителството утврдило дека Рустеми и еден од раководителите кои се приведени, со пропуштање на целосниот надзор над собирањето и транспортирањето на комунален отпад, како и со непрописно управување со отпадот тие овозможиле во текот на месецов да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини со што предизвикале го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести.
Ердоган и Мерц јавно ги „судрија“ ставовите околу војната во Газа
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и германскиот канцелар Фридрих Мерц се судрија околу војната во Газа за време на заедничката прес-конференција во Анкара на 30 октомври, јавува германската новинска агенција ДПА.
Додека Мерц ја потврди цврстата поддршка на Германија за Израел, Ердоган повторно ја обвини земјата дека извршува „геноцид“.
Турскиот лидер посочи дека Израел оваа недела извршил масовни воздушни напади врз Газа, иако стапи во сила примирје на 10 октомври. Израел, пак, во средата соопшти дека го „обновил“ спроведувањето на примирјето.
„Тие не само што ја напаѓаат Газа, туку отсекогаш имале намера да ја покорат преку глад и геноцид, и тоа сè уште трае,“ изјави Ердоган.
Забелешките на Ердоган беа одговор на изјавата на Мерц, кој на турски новинар му рече дека Израел станал прибежиште за милиони Евреи, меѓу кои и многумина преживеани од Холокаустот.
„Затоа Германија секогаш цврсто ќе стои на страната на Државата Израел,“ рече канцеларот.
Мерц додаде дека Израел го искористил своето „право на самоодбрана“ по нападот предводен од Хамас на 7 октомври 2023 година, велејќи дека разорната војна можела да се избегне доколку Хамас ги ослободел заложниците порано и го положел оружјето.
„Тогаш оваа војна ќе завршеше веднаш,“ изјави германскиот канцелар.
Ердоган возврати дека не се согласува со Мерц, нагласувајќи дека Хамас нема ниту нуклеарно, ниту тешко вооружување, додека Израел поседува такви средства и повторно ја бомбардирал Газа и покрај примирјето договорено пред две недели.
Ердоган изјави дека Израел повторно ја нападна Газа во последните денови и покрај прекинот на огнот во енклавата.
„Дали Германија не го гледа ова?“, праша Ердоган, додавајќи дека хуманитарна должност на Турција, Германија и другите земји е да го прекинат гладот и масакрите во Газа.
Во вторникот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху нареди обновени напади врз Газа по убиството на израелски војник во Рафах, на југот на Газа, и по, како што соопшти владата, „инсценираното“ пронаоѓање на остатоци од заложник.
Турција одржува контакти со Хамас, организација која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка. Анкара одигра клучна улога во посредувањето на примирјето во Појасот Газа пред околу две недели, иако прекинот на огнот во меѓувреме стана нестабилен.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете