Достапни линкови

Вести

Српската листа ја нарече „нелегална“ одлуката на ЦИК да не ја сертификува на изборите

Златан Елек, претседател на Српската листа
Златан Елек, претседател на Српската листа

Српската листа ја оцени како „нелегална и дискриминаторска“ одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) да не ја сертификува оваа најголема партија на косовските Срби, која ја ужива поддршката на Белград, за октомвриските избори во Косово.

Претседателот на Српската листа, Златан Елек, на прес-конференција на 22 август изјави дека иако Канцеларијата за политички партии препорачала сертифицирање, ЦИК одлучила да ја отфрли таа препорака.

„Јасно е дека Албин Курти, (вршител на должноста премиер) и неговиот член во ЦИК, пред сè мислам на Албан Красниќи, сопругот на Аљбулена Хаџија (в.д. министерка за правда), не можат да ѝ простат на Српската листа што не е избрана на функцијата претседател на Собранието на Косово“, рече тој.

„Оваа реакција на Курти е, пред сè, добивање бесплатни политички поени. Ќе ги преземеме сите потребни законски мерки за да обезбедиме прво сертифицирање на сите кандидати, и за градоначалници и за советници“, додаде Елек.

Според Елек, што се однесува до политичката застапеност на Србите на Косово, од едната страна е неговата партија, додека од другата страна се „некои квазисрпски партии поддржани од Албин Курти“, додавајќи дека Курти „сака да го подели српското политичко тело“.

Игор Симиќ од Српска листа изјави дека жалбата против одлуката на ЦИК е напишана и ќе биде испратена до Изборниот одбор за жалби и поплаки по прес-конференцијата.

Српската листа може да поднесе жалба против одлуката до Изборниот одбор за жалби и поплаки (ЕПГ), кој, според некои правни експерти, ќе ја поништи одлуката на ЦИК. Слична ситуација постоеше и пред парламентарните избори во февруари, кога Изборниот одбор за жалби и поплаки поништи одлуката на ЦИК, па Српската листа освои девет мандати.

На седницата на ЦИК на 21 август, предлогот за сертифицирање на Српската листа доби само два гласа „за“, два беа „против“ и седум воздржани.

Српската листа одлучи да учествува на локалните избори оваа година, по бојкотот на претходните локални избори на кои градоначалниците Албанци ја презедоа и ја задржаа власта во четири општини со српско мнозинство на северот од земјата од мај 2023 година.

Доколку биде сертифицирана, се очекува Српската листа повторно да ги преземе сите четири општини на северот од Косово: Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.

Српската листа беше на власт во сите десет општини со српско мнозинство во Косово до ноември 2022 година, кога одлучи да ги напушти институциите на северот, поради барањето на Владата на Косово да ги замени српските регистарски таблички за автомобили со косовски.

Дождот го изгасна пожарот во Јасен

илустрација
илустрација

Дождот што заврна врнеше нешто повеќе од два часа на подрачјето на ловиштето „Јасен“, помогна пожарот да биде изгаснат, соопштија денеска од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

„Но и покрај поголемата количина на заврнат дожд, на некои места од пожарната линија сè уште може да се забележи чадење, поради што по кревањето на маглата и чадот, ќе продолжиме со пешадиско дејствување врз жешките точки што покажуваат знаци на горење. Овој терен ќе биде пребаран и со дронови со термални камери. Екипи на ЈП „Јасен“ продолжуваат со патролирање сè додека не се потврди дека пожарот е целосно изгаснат“, се наведува во соопштението од Дирекцијата.

Оттаму апелираат граѓаните да бидат внимателни со цел да не предизвикаат пожар, како и да го пријават секое сомнително однесување.

„Доколку граѓаните забележат електрични жици што се допираат или искрат, веднаш да пријават во „ЕВН“ или на бројот 112“, се додава во соопштението на ДЗС.

Борбата со големиот шумски пожар на ова место траеше повеќе од 10 дена. На терен беа и специјалци од армијата и полицијата од елитните единици „волци“ и „тигри“, претежно алпинисти, кои работат во опасни услови на расчистување на појасот и за сузбивање на огнената стихија.

Поради честите пожари летово, на територијата на цела држава е прогласена кризна состојба, која Владата на седница на 7 август ја продолжи за нови 30 дена.

За да се зајакнат капацитетите во справување со пожарите, Дирекцијата за заштита и спасување преку општините потпиша договори со 352 граѓани што се пријавија на неодамнешниот повик за обука на пожарникари.

САД ги проверуваат визите на повеќе од 55 милиони странски државјани

илустрација
илустрација

Американската администрација на 22 август објави дека проверува повеќе од 55 милиони луѓе со важечки американски визи за какви било прекршувања што би можеле да доведат до депортација.

Ова е дел од сè построгата акција против странците на кои им е дозволено да останат во САД.

Во писмен одговор на прашање од АП, Стејт департментот рече дека сите носители на визи, вклучително и странските туристи, се предмет на постојан преглед за да се утврди дали не се „подобни“ за влез или престој во Соединетите Држави.

Доколку се пронајдат такви информации, визата ќе биде поништена и, доколку носителот на визата веќе е во САД, тој или таа ќе биде депортиран, додаде Стејт департментот.

Откако претседателот Доналд Трамп ја презеде функцијата, неговата администрација се фокусираше на депортирање на мигранти кои се нелегално во САД, како и на носители на студентски визи и визи за размена.

Пораките од Стејт департментот укажуваат дека тековниот процес на проверка, за кој официјалните лица признаваат дека одзема многу време, значително се зголемил и дека дури и оние кои имаат дозвола за престој во САД можат нагло да ја повлечат.

Минатата година, во САД имало 12,8 милиони луѓе со зелени карти и 3,6 милиони луѓе со привремени визи, според Министерството за внатрешна безбедност.

Бројката од 55 милиони укажува дека некои од луѓето што се разгледуваат може да бидат надвор од САД со туристички визи со повеќекратен влез, изјави Џулија Гелат од Институтот за миграциска политика.

Таа ја доведе во прашање вредноста на трошењето ресурси за луѓе кои можеби никогаш нема да се вратат во САД.

Стејт департментот соопшти дека се фокусира на индикатори за неподобност, вклучувајќи луѓе што престојуваат подолго од нивните визи, криминални активности, закани за јавниот ред, вклученост во каква било терористичка активност или давање поддршка на терористичка организација.

„Ги разгледуваме сите достапни информации како дел од нашиот преглед, вклучувајќи ги полициските или имиграциските евиденции или какви било други информации што ќе се појават по издавањето виза што може да укажуваат на потенцијална неподобност“, соопшти Стејт департментот.

САД, исто така, ќе престанат да издаваат работни визи за возачи на комерцијални камиони, објави вчера државниот секретар Марко Рубио на мрежата X.

„Зголемениот број странски возачи кои возат големи камиони со приколки по американските патишта ги става во опасност животите на Американците и ја загрозува заработката на американските камионџии“, напиша Рубио.

Кривична пријава за двајца поранешни раководители на АД Пошта поради несовесно работење во службата

АД Пошта - експозитура
АД Пошта - експозитура

СВР Скопје поради постоење основано сомнение за сторени кривични дела „несовесно работење во службата“, до надлежното ОЈО поднесе кривична пријава против В.С. и Б.А. поранешни генерални директори на АД Пошта во државна сопственост Скопје.

Како што соопшти МВР, од преземените опсежни истражни дејствија, пријавените во текот на 2023 година пропуштиле должен надзор над работењето на своите подредени раководители на подружници во друштвото.

Тие дозволиле да биде постапено спротивно на членови од Законот за јавни набавки каде е пропишано дека договорните органи од оваа секторска дејност смеат да извршат набавки без спроведена постапка за јавна набавка која не смее да ја надмине висината од 24.000 евра.

„На тој начин тие практично овозможиле да бидат извршени набавки без спроведена постапка за јавна набавка во вкупен износ од 56.546 евра, што претставува надминување на предвидениот и дозволениот праг на извршени набавки, без спроведена постапка за јавни набавки, во вкупен износ од 32.546 евра. Сума за која пријавените го оштетиле буџетот на АД Пошта“, наведуваат од МВР.

Италија уапси Украинец за нападот врз гасоводот „Северен тeк“

Гасни меурчиња од гасоводот „Северен тек 2“ се издигаат на површината на Балтичкото Море, во близина на Борнхолм, Данска, 27 септември 2022 година.
Гасни меурчиња од гасоводот „Северен тек 2“ се издигаат на површината на Балтичкото Море, во близина на Борнхолм, Данска, 27 септември 2022 година.

Полицијата во Италија уапси Украинец осомничен за координирање на напад врз гасоводот „Северен тек“ во септември 2022 година, изјави во четврток главниот германски обвинител, додавајќи дека тој ќе биде изведен пред германски судија откако ќе биде префрлен.

Експлозиите беа сметани и од Русија и од Западот како чин на саботажа, а никој никогаш не ја презеде одговорноста за тешката штета на гасоводот што носи гас од Русија до Европа, што означува голема ескалација на конфликтот во Украина и влошување на енергетската криза на Стариот континент.

Осомничениот, идентификуван само како Серхиј К. според германските закони за приватност, бил дел од група луѓе кои поставиле експлозивни направи на гасоводот во близина на данскиот остров Борнхолм во септември 2022 година, соопштија обвинителите.

Серхиј К. и неговите соучесници тргнале од Росток на североисточниот брег на Германија со едрилица за да го извршат нападот, рекоа тие, додавајќи дека бродот бил изнајмен од германска компанија користејќи фалсификувани документи за идентификација преку посредник.

Властите дејствуваа врз основа на европска потерница, а осомничениот се соочува со обвиненија за заговор за предизвикување експлозија, неуставна саботажа и уништување.

Карабиниерите го уапсија во среда во покраината Римини на италијанскиот јадрански брег, соопштија германските обвинители.

Италијанската полиција сè уште не го коментираше апсењето.

„Северен тек“ беше систем од подводни гасоводи што ги поврзуваа Русија и Германија преку Балтичкото Море, клучен за снабдување со природен гас на поголемиот дел од Европа.

Првиот гасовод, „Северен тек 1“, беше пуштен во употреба во 2011 година и со години беше главен канал преку кој „Газпром“ испраќаше руски гас до ЕУ, додека „Северен тек 2“ беше изграден, но никогаш не беше пуштен во употреба поради војната во Украина и санкциите.

Овие проекти ќе ѝ овозможеа на Германија директно да купува руски гас, заобиколувајќи ги транзитните земји како Украина и Полска, и со тоа носеа голема геополитичка тежина

Во времето на саботажата во септември 2022 година, Европа веќе се обидуваше да ја намали својата зависност од руската енергија, но „Северен тек“ сè уште ја симболизираше врската помеѓу рускиот гас и европската економија.

Експлозиите што сериозно ги оштетија цевководите дополнително ја продлабочија енергетската криза, ги зголемија цените на гасот и ги поттикнаа политичките дебати за безбедноста на европската инфраструктура.

Саботажата означи драматичен крај на ерата на енергетска соработка меѓу Европа и Русија, со долготрајни последици за европската енергетска политика и безбедноста на снабдувањето.

Мицкоски: Владата има право да именува повереници во општините, ако изборите се неуспешни

Христијан Мицкоски, Архивска фотографија
Христијан Мицкоски, Архивска фотографија

Премиерот, Христијан Мицкоски не ја исклучува можноста да се создаде проблем во изборниот процес со оглед на тоа што независните кандидати можат да учествуваат со само два потписа од граѓани од изборната единица, што пак може да го зголеми бројот на кандидати и да направи гласачкото ливче да биде долго и збунувачко.

Сепак, тој истакна дека ако тоа се случи и изборите бидат неуспешни, Владата има уставно и законско право и можност да именува повереници во општините.

„Сѐ е можно. Можно е гласчкото ливче да биде 7 - 8 метри, да ги обесхрабри граѓаните да излезат, да се намали цензусот, но тука сакам да предупредам дека согласно Уставот и Законот, ако не е успешен избирачкиот процес, Владата е таа која именува владини повереници“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека „неодговорното однесување на поединци или поедини политички партии ќе резултира со ваков тип на можности“.

Според него, дали тоа ќе се случи, ќе се знае „ за многу скоро од денеска“.

„До 1 сепетември треба да заврши овој процес и да се види каков ќе биде“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања денеска (21 август).

Прашан, кога ќе бидат познати сите кандидати за градоначалници и носители на листите за советите во општините, рече дека тоа ќе се случи до крајот во предвидените рокови до крај на овој и почетокот на следниот месец.

„Пет-шеснаесет општини кои останаа мислам дека ќе ги комплетираме до крајот на месецов. Во првата недела од септември, од 1 до 5 септември ќе имаме состанок на ИК и на ЦК на партијата така што тогаш ќе ги комплетираме сите овие непознаници од аспект на градоначалници советници. Последниот рок е 13 септември“, истакна Мицкоски.

Претходно, Државната изборна комисија (ДИК) го усвои новиот Правилник за регулирање на постапка за собирање потписи за поддршка на кандидатски листи поднесени од група избирачи и за начинот на определување на нотарите за локалните избори 2025 година.

Со него, на независните кандидати за советници и градоначалници ќе им бидат потребни само два потписи за учество на претстојните локални избори.

Првиот круг од изборите е закажан за 19 октомври, а вториот за 2 ноември. Цензусот за избор на градоначалник и советници во првиот круг, е излезност на минимум една третина од вкупниот број запишани избирачи во општината или градот Скопје, согласно Изборниот законик.

НБРМ: Раст на кредитите, но и на депозитите

илустрација
илустрација

Нов раст на депозитите и кредитите регистрирала Народна банка за месец јули. Како што соопштуваат, бил регистриран годишен раст од 13 проценти и на вкупните депозити и на вкупната кредитна поддршка.

Според Народната банка зголемувањето кај депозитите во поголем дел се должи на растот во секторот „домаќинства“, при помал раст и на депозитите на корпоративниот сектор, а кај вкупните кредити поради повисоките кредити на двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот сектор.

„Вкупните депозити на домаќинствата во јули годинава се повисоки за 1,1 процент на месечна основа. Тоа се должи на растот на депозитните пари, долгорочните депозити во денари и краткорочните депозити во странска валута, при помал раст и на останатите компоненти. Годишниот раст изнесува 13,3 проценти и како што информира централната банка е резултат на зголемените депозитни пари, долгорочните депозити во денари и во странска валута, а во помала мера и на краткорочните депозити“, информираат од НБРМ.

Кредитите на домаќинствата, пак, минатиот месец се со месечен раст од 0,8 проценти и годишен од 10,4 проценти. Според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај најзастапените категории - потрошувачките и станбените кредити, е забележан месечен раст од еден процент, соодветно, при годишно зголемување од 9,8 проценти и 15,3 проценти соодветно.

Овој месец, автомобилските кредити се повисоки за 1,8 проценти на месечна основа, а на годишна основа забележаа пад од еден процент.

Кредитите одобрени на кредитните картички се непроменети на месечно ниво, додека на годишно ниво оствариле пад за 7,4 проценти. Во јули, негативните салда на тековните сметки и кредитите одобрени врз други основи се намалени за 1,8 проценти и 0,7 проценти во споредба со претходниот месец, соодветно, додека на годишна основа се пониски за 4,9 проценти и 9,2 проценти, соодветно.

Вкупните депозити на корпоративниот сектор во јули, забележале месечен раст од 0,1 процент, при раст на сите видови депозити, со исклучок на краткорочните депозити во денари.

Годишниот раст од 14,5 проценти во најголем дел се должи на растот на депозитните пари и краткорочните депозити во денари.

Кредитите на корпоративниот сектор во јули се зголемени на месечно и годишно ниво за 0,4 проценти и 15,9 проценти, соодветно. Притоа, месечниот и годишен раст во целост произлегува од зголемените кредити во денари, а кредитите во странска валута се намалени.

Иран започна воена вежба, прва по дванаесетдневната војна со Израел

илустрација
илустрација

Иранската морнарица ја започна својата прва воена вежба по 12-дневниот застој со Израел пред два месеци, лансирајќи ракети кон цели во Оманскиот Залив и Индискиот Океан.

Вежбата „Одржлива сила 1404“ вклучува испукување крстосувачки ракети и користење дронови над отворено море. Министерот за одбрана Азиз Насирзаде изјави дека иранските сили се опремени со нови ракети и се подготвени да одговорат на секој потенцијален напад.

Европските потписници на нуклеарниот договор со Иран - Франција, Германија и Велика Британија - предупредија дека доколку Иран не успее да постигне договор со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) до 31 август, сите санкции на ОН ќе бидат повторно воведени.

Аналитичарите велат дека тоа дополнително би ја ослабнало економијата на Иран.

Деновиве Иран соопшти дека ќе ги продолжи разговорите со нуклеарниот надзорник на ОН, а двете страни веројатно ќе одржат уште една рунда разговори во наредните денови.

Инспекторите од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) не беа во можност да пристапат до нуклеарните постројки на Иран откако Израел и САД ги бомбардираа за време на 12-дневната војна во јуни, и покрај тоа што генералниот директор Рафаел Гроси рече дека инспекциите остануваат главен приоритет на агенцијата.

Техеран ја обвини агенцијата за олеснување на израелско-американските напади со извештај од 35-члениот одбор на инспектори на агенцијата, во кој се тврди дека Иран ги крши своите обврски поврзани со развој на нуклеарното оружје.

Парламентот на Република Српска в петок ќе расправа за референдум и мандатот на Додик

Седница на парламентот на Република Српска (илустрација)
Седница на парламентот на Република Српска (илустрација)

Предлогот за закон за измени на Законот за референдум и граѓанска иницијатива по итна постапка, како и усвојувањето на законската основа за покренување на процесот на референдум, е една од точките на дневниот ред на вонредната седница на Собранието на Република Српска, закажана за петок, 22 август.

Одлуката беше донесена на колегиумот на Собранието на 21 август.

Како што е наведено во дневниот ред, граѓаните треба да го искажат своето мислење за одлуката на Судот на Босна и Херцеговина и Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина за одземање на мандатот на Милорад Додик од функцијата претседател на РС. Со одлуката на Судот на Босна и Херцеговина, со која се потврди одлуката на ЦИК за одземање на неговиот мандат, Додик ги изгуби сите уставни и законски овластувања на претседател на РС.

Владејачката коалиција претходно се согласи референдумот да се одржи на 18 или 25 октомври.

Уставот на Босна и Херцеговина не содржи одредба што изрично дозволува или забранува референдум, но ниту едно од пониските нивоа на власт не може да свика референдум само на делот од територијата што се однесува на надлежноста и одлуките на државата Босна и Херцеговина.

На дневен ред на Собранието на РС се и заземањето став за идните чекори на институциите на Република Српска, како и дискусијата за одговорот на институциите на РС на пресудата на Судот на Босна и Херцеговина и одлуката на ЦИК.

На својата седница, Собранието треба да ја констатира оставката на премиерот на РС, Радован Вишковиќ.

Со оглед на тоа што РС во моментов нема ниту претседател ниту премиер, прашање е кој ќе ги потпише документите потребни за распишување на референдумот.

Според конечната пресуда на Судот на Босна и Херцеговина, Додик е осуден затоа што го потпишал објавувањето на законот, кој претходно беше поништен од високиот претставник Кристијан Шмит, за неспроведување на одлуките на Уставниот суд и Канцеларијата на високиот претставник на територијата на РС.

Со конечна пресуда, на Додик му е забрането да извршува јавна функција шест години, а тој ја откупи едногодишната затворска казна.

Одбраната на Додик испрати жалба до Уставниот суд на Босна и Херцеговина на пресудата.

Централната изборна комисија, која по конечната пресуда на Судот на Босна и Херцеговина му го одзеде мандатот на Додик во согласност со законот, треба да распише вонредни избори за претседател на РС во рок од 90 дена.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG