Новинарство под опсада: Смртоносната реалност на известувањето од фронтот во Украина  

Новинарот на Украинскиот сервис на РСЕ Маријан Кушнир реагира за време на артилериски напад на украинските близу Кипјанск

Вира Хирич работеше како продуцент за украинската редакција на Радио Слободна Европа сè до 28 април 2022 година, кога руска ракета ја погоди нејзината куќа во Киев и ја уби на самото место.

Таа е една од десетиците новинари убиени во Украина откако Русија ја започна целосната инвазија во 2022 година.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Убиена новинарка: Како Вира Хирич од РСЕ загина од руска ракета?

Украина претрпе десетици илјади цивилни жртви во текот на последните три години борби.

Меѓу нив, според податоците на Меѓународната федерација на новинари (IFJ), најмалку 117 медиумски рабпотници ги загубиле животите за време на тековните напади на Москва врз земјата.

Една од нив беше Викторија Рошчина, поранешна фриленсерка за украинската редакција на Радио Слободна Европа, која загина во руско заробеништво во 2024 година. Кога телото на 27-годишната Викторија беше вратено во Украина годинава, според извештаите, имало бројни знаци на тортура и недостасуваа внатрешни органи.

Видете и ова: Украинската новинарка Викторија Рошчина почина во руско заробеништво

И други новинари станаа жртви на напади и насилство за време на конфликтот.

Според Институтот за масовна информација (ИМИ), невладина организација со седиште во Киев која има за цел да ги штити правата на новинарите, Москва извршила околу 830 злосторства против новинари и медиумски организации во Украина. Освен тоа, најмалку 30 украински медиумски работници моментално се во руски притвор.

Многу новинари се соочуваат со сериозни ризици додека известуваат од линиите на фронтот.

Новинарката на Радио Слободна Европа, Јевгенија Китаева-Русецка, снимала интервју со украински војник кога во близина експлодирала руска ракета, тешко ранувајќи го борецот.

Китаева-Русецка за малку избегнала да биде повредена и веднаш се стрчала да му помогне на ранетиот војник. „Се фаќаш за сè што се сеќаваш од курсевите за прва помош и правиш сè, баш сè, само за да го одржиш во живот“, изјави таа.

Емоционален товар
Војната остави и силни емоционални последици врз оние што биле сведоци на големото човечкото страдање.

Марјан Кушнир, новинар на Радио Слободна Европа кој известувал од најжестоките борбени зони, вели дека „војната е како да гледаш како ти гори домот, а не можеш ништо да направиш. По три години, ми е преку глава од оваа војна и веќе не сакам да ја снимам.“

Видете и ова: Кога војната ќе дојде во вашиот дом

Финансискиот опстанок е исто така сериозен предизвик за украинските медиуми за време на војната.

Русија гранатираше телевизиски кули, изврши сајбер-напади и уништи медиумска инфраструктура и деловни простории.

Според ИМИ, овие напади придонесоа за затворање на 332 медиуми од февруари 2022 година, што дополнително го отежнува известувањето за војната од страна на украинските новинари.

Други медиумски организации беа приморани да избираат меѓу финансиски опстанок и уредничка независност. Од 2022 година, многу украински медиуми сè повеќе зависат од грантови за да опстанат, бидејќи субвенциите и традиционалните извори на приход се намалиле.

И покрај овие огромни пречки, украински новинари како Марјан Кушнир продолжуваат да покажуваат истрајност, но многумина признаваат дека се физички и емоционално исцрпени.

„Пред целосната инвазија мислев дека целиот мој живот ќе го посветам на известување за војни“, вели Кушнир. „Сега не сакам ни да размислувам за тоа. Не сакам да зборувам за тоа. Но не смееме да молчиме.“