Собранието во септември ќе заседава двапати - на 2 и на 12 септември, за да се донесат сите закони кои пристигнале во процедура пред почетокот на кампањата за локалните избори. Ова денеска го најави собранискиот спикер Африм Гаши на брифинг со новинарите. Според него, традиционално Парламентот во предизборието не одржува редовни седници и комисиски расправи, па затоа сите парламентарни партии начелно се согласиле законите што стигнале до денеска да бидат распределени на двете седници.
„Повеќето од нив се во прво читање, а идејата е до почетокот на кампањата да бидат целосно разгледани,“ рече Гаши.
Тој најави и дека ќе предложи Собранието на седницата на 12 септември да усвои Декларација за фер и демократски избори.
„Со тоа ќе испратиме добра порака и до граѓаните и до сите политички актери,“ додаде спикерот. На седницата на 12 септември е предвидено да се одржат и пратенички прашања.
Видете и ова: Инфлацијата на кандидати може да ги поскапи изборитеРаботата на пратениците официјално продолжи денеска, на 25 август, по летниот одмор кој претходно беше прекинат на 16 август.
Тогаш беше свикана итна седница за измените на Изборниот законик по скратена постапка, но предлогот не помина поради недостиг на Бадентерово мнозинство, откако против гласаа пратениците на ДУИ.
Собранискиот спикер Гаши денеска рече дека ако не ја свикале седницата тоа ќе значело дека Собранието не се обидело да ги донесе измените и немало да се знае кој е за, а кој против, но на новинарско прашање рече дека причината на свикувањето на седницата не била за политички маркетинг на власта, туку дека сакале да направат последен обид за донесување на изменте.
Гаши порача дека нема најави дека ќе се направи уште еден обид за менување на Изборниот законик на следните две седници.
Собранието не ги донесе измените на Изборниот законик со кои требаше да се регулира колкав процент потписи од вкупниот број избирачи запишани во изводот на Избирачкиот список на изборната единица (ИЕ) треба да соберат независните кандидати за учество на локалните избори.
Проблемот за независните кандидати настана откако минатата година беа донесени измени на Изборниот законик, со кои им се наметна повисок законски праг за да се кандидираат на избори.
Видете и ова: Независните кандидати не веруваат на изјави - бараат сигурен начин за учество на изборитеНаместо 1000 потписи од избирачи во конкретна изборна единица, на независните кандидати им беше наложено да обезбедат потписи од најмалку еден отсто од вкупниот број запишани избирачи, доколку станува збор за парламентарни избори.
Пред седницата на кој не беа донесени измените на Изборниот законик, Собраниската комисија за политички систем го прифати амандманот предложен од Левица, ако листа на кандидати за пратеници ја поднесува група избирачи, да треба да соберат најмалку 0,5 отсто потписи од запишаните гласачи во изборната единица. Првичниот предлог бараше 0,95 проценти потписи.
Локалните избори ќе се одржат и без да бидат избрани нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), ниту пак Народен правобранител, потврди Гаши.
Локалните избори се распишани за 19 октомври, а изборната кампања почнува на 29 септември.