Ажурираниот трговски договор меѓу ЕУ и Украина е лоша вест за Киев, ја сигнализира моќта на земјоделското лоби на ЕУ и е злокобен знак за тоа колку ќе биде тешко за земјата, разурната од војна, конечно да се приклучи на ЕУ.
Договорот, кој беше прелиминарно договорен од Брисел и Киев на крајот на јуни, сега е потврден со конкретен предлог од Европската комисија, во кој Радио Слободна Европа имаше увид. Се очекува членките на ЕУ да го одобрат договорот на почетокот на септември, кога ќе заврши летната пауза.
Во суштина, станува збор за нова верзија на Договорот за асоцијација што Украина го потпиша во 2014 година и неговиот дел за слободна трговија (познат во жаргонот на ЕУ како Длабок и сеопфатен договор за слободна трговија) што стапи на сила во 2016 година.
Во 2021 година, Украина се обиде повторно да преговара за договорот под поповолни услови, што веројатно значеше повисоки квоти за извоз, но процесот беше прекинат од инвазијата на Русија во февруари 2022 година.
Бесцарински пристап до украински стоки во ЕУ
Како поддршка на Киев, ЕУ веднаш им понуди на украинските производи целосен безцарински пристап до Унијата, познат како Автономни трговски мерки (АТМ). Мерките беа продолжени за уште една година во 2023 година и повторно, веројатно за последен пат, во 2024 година, пред официјално да истечат во јуни.
Автономни трговски мерки понудија добредојден извор на приход за Украина и алтернативен пат за извоз на нејзините земјоделски производи низ целиот свет, бидејќи Кремљ ги блокираше трговските патишта на Црното Море.
Видете и ова: Зошто трговијата меѓу ЕУ и Украина станува помалку слободна?Сепак, земјоделците од ЕУ не беа премногу задоволни. Жалејќи се дека евтините украински прехранбени производи ги преплавуваат локалните пазари и создаваат нелојална конкуренција, земјоделците во многу земји од Централна и Источна Европа периодично протестираа и ги блокираа границите меѓу ЕУ и Украина во текот на изминатите три години.
Со оглед на силното политичко влијание на земјоделскиот сектор во Полска, Унгарија и Романија, Европската комисија беше принудена да ги измени автономните трговски мерки и да воведе заштитни мерки за ограничување на увозот на одредени производи од Украина кога ќе достигнат одредени прагови - што неодамна беше активирано неколку пати.
Во овој нов трговски договор, политичкото влијание на земјоделското лоби на ЕУ во Брисел е повторно очигледно. Во ажурираниот предлог на ЕУ се споменува дека Европската комисија собира „мислења од заинтересирани страни“ за либерализацијата на трговијата со Украина.
Иако документот не ги открива идентитетите на тие страни, поголемиот дел од поднесоците дојдоа од „здруженија и компании“, при што во документот се забележува дека „повеќето поднесоци од засегнатите страни во земјоделско-прехранбениот сектор на ЕУ повикуваат на ниско до умерено зголемување на пристапот до пазарот за увоз од Украина, истакнувајќи ги прекините што ги доживеаа кога увозот можеше слободно да влегува преку трговските мерки“.
Иако Киев сакаше ажурираниот Договор за длабока и сеопфатна слободна трговија да биде што е можно поблиску до автномните трговски мерки, тврдејќи дека целосното враќање на стариот договор би можело да ја чини Украина три милијарди евра, се чини дека земјоделците од ЕУ повторно победија.
Да бидеме јасни, договорот е подобар за Киев од оригиналната верзија од 2016 година, бидејќи на Украина и обезбедува целосен пристап до Унијата за извоз на производи како што се печурки, сок од грозје, преработени млечни производи, јогурти и кефири. Главните извозни производи на Украина, како што се шеќер, живина, јајца, пченица, пченка и мед, исто така може да се извезуваат во ЕУ со повисоки квоти отколку во 2016 година, но не со двојно или дури петкратно зголемување за кое се залагаше Киев.
Квотите за повеќето месни производи, како што се говедско, свинско и јагнешко месо, остануваат на сила, што е загуба за Украина бидејќи ќе пропушти дополнителен приход, а победа за земјоделците од ЕУ кои се грижат за дополнителна конкуренција.
Какви отстапки ќе мора да направи Украина?
Спогодбата е исто така неповолна за Украина бидејќи го поедноставува процесот на запирање на увозот од таа земја. Претходно, група земји можеа да „го повлечат чкрапалото“ и да побараат привремено запирање на увозот доколку се забележи ненадеен скок. Сега е доволно само една земја да ја извести Европската комисија.
Можеби најголемата отстапка на Украина е нејзиното ветување постепено да се усогласи со различните стандарди за храна и санитарните услови на ЕУ. Тој процес ќе започне оваа година, со што од Киев ќе се бара годишно да известува за тоа кои закони се донесени.
Видете и ова: Знак на поддршка, но без акција: Дипломатското разочарување на Украина во Брисел и ХагЦелосна имплементација на сите правила и прописи на ЕУ се очекува до крајот на 2028 година.
Во предлогот на Европската комисија се забележува дека „многу засегнати страни повикаа на постепено усогласување на Украина со стандардите за производство на ЕУ, како и на силна заштитна мерка. Поголемиот дел од поединците кои одговорија беа против понатамошна либерализација на трговијата со Украина пред таа да се усогласи со повеќе стандарди на ЕУ“.
За Украина, ваквите мерки би можеле да бидат „тешко апче за голтање“. Иако земјата е официјален кандидат за членство во ЕУ, малку е веројатно дека ќе се приклучи до 2028 година.
Спроведувањето на тие реформи ќе биде скапо, а трошоците веројатно ќе ги сносат украинските земјоделци. Со оглед на тоа што Украина сè уште нема да има целосен пристап до пазарот на ЕУ, ниту ќе има корист од земјоделските фондови на ЕУ, ќе биде потешко да се убеди украинскиот земјоделски сектор да ги прифати реформите.
Додека Унгарија во моментов го блокира патот на Киев кон ЕУ поради правата на унгарското малцинство во Украина, повеќето претставници на ЕУ веруваат дека земјоделското лоби во ЕУ ќе го забави обидот на Украина. Повеќе од 300 милијарди евра, 25 проценти од буџетот на ЕУ, одат во земјоделството, честопати во форма на директна помош за земјоделците. Тоа се пари што земјоделците од ЕУ веројатно нема да сакаат да ги споделат со своите украински колеги во блиска иднина.