Македонски пиперки со опасен пестицид продавани во Хрватска, инспекциите на терен

Зеленчук/архивска фотографија

Од македонските ниви, 15 илјади килограми црвени пиперки со високо ниво на пестицидот метомил стигнале на хрватскиот пазар. Европскиот систем за безбедност на храната објави дека пиперките се повлечени. Употребата на овој пестицид е забранета, а инспекциите вршат контрола кај производителите.

Хрватските власти по четврти пат годинава открија високо ниво на пестицид во македонски зеленчук. Последната ваква пратка до тамошниот пазар била испратена минатиот месец.

Вкупно 15.000 килограми или 25 тони црвени пиперки биле извезени од кај нас на 9 -ти септември, за две недели подоцна да биде земен примерок од анализа од малопродажната мрежа.

Анализата открила дека зеленчукот содржи метомил повеќе од дозволеното.

Информацијата ја објави Европскиот систем за безбедност на храната (RASFF) кој соопшти дека максималното дозволено ниво на овој пестицид е 0,01 mg/kg, но во македонските пиперки е утврдено негово присуство од 0,049 mg/kg .

Според овој Систем за брзо предупредување за храна и добиточна храна, ризикот од ова ниво на пестицид е сериозен.

Високо токсичен пестицид

Но што поточно тоа значи за човековото здравје и воопшто за животната средина, објаснува професорот Велимир Стојковски од Факултетот за ветеринарна медицина, кој за РСЕ вели дека метомилот е високо токсичен.

„Од биохемиски аспект, неговата акутна и хронична токсичност е навистина висока, а при тоа, тој има способност многу бргу да се ресорбира преку кожата, но и со вдишување исто така, како и со орално внесување директно“, додава д-р Стојковски, професор по биохемија.

Гадење, вртоглавица и конфузија, се само дел од последиците кои може да ги има некое лице, изложено на метомил во поголеми дози.

Видете и ова: Залихи од опасен пестицид се уште се употребуваат во земјоделието

Реакциите од изложеноста на овој пестицид се различни, дотолку повеќе што може да предизвикаат и респираторна парализа или смрт. Оттука, метомилот е токсичен и за добитокот, домашните, па и дивите животни, што е причина неговата употреба да биде строго лимитирана. Професорот Стојковски вели дека некои земји во светот, всушност и целосно го имаат забрането.

Штетните последици од употребата на овој пестицид, како што објаснува соговорникот на Радио Слободна Европа, се должат на кочењето на активноста на еден од клучните ензими во организмот, холинестераза.

Како што вели тој, холинестеразата е главниот „таргет“ на метомилот.

„Тоа е еден од клучните ензими кои ги регулираат скоро сите процеси во организмот, меѓу кои и преносот на нервниот импулс, бидејќи тој покрај физички, се пренесува и по хемиски пат. А нервниот систем е основниот систем кој му дава еден интегритет на организмот, значи нерви имаме секаде речиси. Тоа значи дека било какво нарушување на нервниот систем има далекусежни последици“, објаснува професорот.

Но штетите од овој пестицид или поточно, инсектицид, одат дотаму што тој може да ги контаминира и подземните води како последица на неговата „висока растворливост“ во вода.

Додека европските земји имаат одредена граница до која го дозволуваат присуството на остатоци од метомилот, македонската законска регулатива целосно го забранува. Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ) соопшти дека „фитофармацевтски производи кои содржат активна материја метомил се забранети за увоз, продажба и употреба, а доколку се затекнат вакви производи кај спомнатите субјекти, се преземаат соодветни санкции“.

Контроли од Инспекторатот и АХВ

Засега е нејасно како пестицидот завршил во зеленчукот и воопшто ја преминал хрватската граница, ако се знае дека „по извршената контрола на граничниот премин при влез во Хрватска, пратката не е запрена и дозволен ѝ е влез во земјата“.

Видете и ова: Трипуновски: Преку земјоделски задруги до спас од високите цени во маркетите

Во соопштението кое го достави до медиумите, Инспекторатот наведува дека нема информација за тоа како е постапено со пиперките, но на веб страницата на Европскиот систем за безбедност на храната е објавено дека тие се повлечени од пазарот.

По утврдено присуство на пестицидот метомил во пратката од 15 тони пиперки домашните инспекциски служби веќе вршат контроли кај извозникот, откупувачите и индивидуалните земјоделски производители.

Извозникот не е производител, пиперот го купил од други правни субјекти кои вршат откуп од индивидуалните производители – информираше Инспекторатот за земјоделство.

Во соопштението се појаснува дека „извозникот има извршено повеќе лабораториски анализи за присуство на пестициди во црвена пиперка од почетокот на берба на годинашната реколта при извоз и продажба, и тоа во акредитирани лаборатории во земјата и во други држави“.

Сепак, како што велат од Инспекторатот, до овој момент нема добиено резултати за зголемено количество на резидуи од фитофармацевтски производи или присуство на недозволени фитофармацевтски производи.

Контролите кои се во тек, овие инспектори ги вршат заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), до која Радио Слободна Европа достави прашања на кои, до овој момент, институцијата не одговори.

Видете и ова: Земјоделците се жалат на државата, граѓаните - на цените на овошјето и зеленчукот

Од Инспекторатот за земјоделство пак, најавија дека откако ќе заврши инспекцискиот надзор ќе следуваат и повеќе информации.

И други пестициди откриени во македонски зеленчук

Инаку, од почетокот на годината, ова е четврта пратка со македонски зеленчук во Хрватска во кој е откриено високо ниво на пестицид. Две од овие пратки се регистрирани во август, а и во двата наврати, зеленчукот бил задржан при контрола на границата.

Во една од пратките, се откриени остатоци од хлорпирифос, чија максимална дозволена граница е иста како и кај метомилот или 0,01 mg/kg. Тогаш, контролата нотирала присуство на наведениот пестицид од 0,026 mg/kg, а ризикот бил класифициран како потенцијално сериозен.

Само неколку дена претходно, откриени се остатоци од пестицидот форметанат, што е оценето како „потенцијално ризично“.

Првата пратка со македонски зеленчук која е задржана на хрватската граница годинава, е регистрирана во јануари кога се откриени остатоци од пестицидот имидаклоприд во граница над дозволената. Единствено во првиот случај се работи за зелка, а сите останати пестициди се откриени во црвени пиперки.

Слични случаи и во околните земји

Словенија повлече од продажба и албански црвени пиперки кај кои беше пронајден вишок пестициди ацетамиприд, формат и флоникамид.

Видете и ова: Замрзнување на цените, ама не на товар на земјоделците

Според словенечките медиуми, на кои се повикува албанскиот портал Ора њуз, пиперките првично биле спакувани во картонска кутија, а потоа во пластични кеси.

-Поради вишокот пестициди, производот не треба да се консумира. Лицата кои биле во контакт со контаминираната храна треба да ги дезинфицираат рацете, соопшти компанијата „Геапродукт“ која ги повлече пиперките од продажба.

Истиот тој период, Хрватска уништи четири тони домати произведени во Албанија, откако било утврдено дека биле испрскани со хлорфенапир, и тоа со петпати поголема количина од дозволената со овој отров кој ги убива инсектите. Претходно, Хрватска и Босна и Херцеговина уништија десеттина тони праски увезени од Албанија, бидејќи во ова овошје е пронајдено високо присуство на тешкиот метал никел.