Алтернативна мерка - условна казна доби докторката, онколог, Мери Пешевска, во случајот „Онкологија“ каде се гони за тешки дела против здравјето на луѓето, а во врска со лекување пациенти болни од рак на државната Клиника за радиотерапија и онкологија.
Ваква пресуда денеска (22 септември) изрече судијката Снежана Марковска од Основниот кривичен суд Скопје откако онкологот Пешевска на рочиштето одржано на 5 септември призна вина. Делото според судијката, е сторено од небрежност.
Алтернативната мерка значи две години затворска која ќе се изврши само доколку обвинетата во наредните пет години стори ново кривично дело.
За изречената пресуда, Пешевска и нејзиниот адвокат, како и обвинителството, имаат право на жалба до Апелациониот суд.
Судијката Марковска рече дека судот ценел дека со овој вид на казна во конкретниот случај, општеството може да се заштити од криминал.
„Условната казна не претставува избегнување на казнување туку судот оцени дека може да се оствари целта на казнувањето... Во овој случај може да се очекува самата закана од затвор кон обвинетата да ги оствари цели“, рече судијката додавајќи дека „судот оправдано очекува дека обвинетата може да ги поправи своите постапки“.
Видете и ова: Мајка на почината пациентка сведочеше на судењето за случајот „Онкологија“ против поранешниот директор Васев и двајца онколозиПешевска е една од вкупно четворицата лекари кои во овој предмет седнаа на обвинителна клупа.
Покрај неа, обвинети се и поранешниот медицински директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, докторот Нино Васев, како и онколозите Симонида Црвенковска и Драган Јакимовски. Тие отфрлија вина и за нив судскиот процес продолжува. На обвинетите им се суди за тешки дела против здравјето на луѓето, а на Васев и за несовесно лекување.
Извинување до пациентите
Обвинението за овој случај се однесува за несоодветен третман со погрешно дозирање и отстапки од онколошките протоколи кај најмалку 29 пациенти болни од рак.
Пешевска се товари во однос на третманот на седум пациенти, на кои им се извини кога призна вина на минатото рочите. Докторката рече не е сигурна дека токму таа ја продолжувала терапијата на конкретните пациенти бидејќи, тврдеше, нејзиниот печат во тој период стоел на шалтер и тоа го направила со цел здравствените работници побрзо да ја водат постапката, а пациентите да не чекаат.
„Совесно и одговорно тврдам дека мојата лозинка во системот и печатот и сум ги оставила на шалтер и ги користеле практиканти. Ја прифаќам вината“, рече Пешевска пред судот на 5 септември.
Давањето на печатот односно факсимилот на располагање на ексдиректорот Васев, го потенцираше и судијката при изрекувањето на пресудата. Според судот, од страна на онкологот Пешевска делото било извршено како „небрежно соизвршителство“.
„Додека работела заедно со Васев, иако била свесна дека може да настане тешка последница, лекомислено сметала дека нема да настапи [тешка последица], го ставила на располагање својот факсимил“, рече судијката Марковска.
За разлика од Пешевска, останатите обвинети отфрлија вина и за нив судењето продолжува.
„Не, апсолутно не“, одговори тогаш ексдиректорот Васев кога го прашаа дали чувствува вина.
За што се гонат лекарите од Онкологија
Изјаснувањето за вина следуваше откако своите воведни зборови односно презентација на обвинението во судница направи обвинителката Ана Гоговска-Јакимовска. Таа рече дека доказите ќе покажат оти несовесното лекување било системско, а не случајно.
Обвинителката потенцираше дека терапии се давале спротивно на утврдените постапки, без конзилијарно мислење, како и оти пациенти примале неподобни терапии – често со несоодветна доза, кои не само што не биле ефективни туку биле и штетни.
„Ќе докажеме дека не се изолирани грешки, туку образец на несоодветно постапување што резултирало со штета по животот на пациентите. Ќе покажеме дека не го почитувале професионалните обврски, туку делувале со очигледна несвесност и неодговорност. Ваквите нивни дејствија не биле само пропуст, туку со криминални последици“, рече Гоговска-Јакимовска.
Видете и ова: Обвинителството за случајот „Онкологија“: Несовесното лекување не било случајно, туку систематскоОдбраната на останатите обвинети, за кои судскиот процес продолжува, се надева дека ќе го побие обвинението сметајќи дека нема грубо кршење на медицинските правила и утврдените протоколи.
Тие ги оспоруваат и вештачењата што беа обвинителството преку инструментот за меѓународна правна помош ги правеше во Словенија и Србија. За дел од адвокатите, тие вештачења се спорни, односно не се правени од стручњаци заведени во тамошните регистри на вештаци.
Обвинение и за финансиски злоупотреби
Случајот „Онкологија“ предизвика бурни реакции во јавноста откако беа објавени медиумски написи за злоупотреби во лекувањето пациенти болни од рак.
Информациите предизвикаа и неколку протести пред Владата и Јавното обвинителство на кои граѓаните бараа брза разрешница и одговорност за случајот.
По објавите, Јавното обвинителство отвори истрага и во мај поднесе обвинение, а предметот го подели во два дела. Едниот е во однос на несоодветната терапија против Васев и тројцата онколози, додека другиот се однесува на финансиски злоупотреби.
Во вториот случај, исто така, обвинет е Нино Васев во својство на медицински директор, а со него на обвинителна клупа е и поранешниот економски директор Нехад Нухи. Тие се гонат за злоупотреба на службената положба, измама и проневера во службата во периодот од 2018 до 2022 година.
Видете и ова: Случај „Онкологија“: Обвинети онколози за несовесно лекување на пациенти и финансиски злоупотребиСпоред обвинението, се набавувале лекови на реверс без да постои правен основ, а потоа се правеле беспредметни тендери, а дел од лековите потоа фиктивно биле раздолжувани односно не биле употребувани на пациентите во чие име биле требувани. Обвинителството тврди дека штета направена на буџетот е речиси 36 милиони евра.
И Васев и Нухи го отфрлија обвинението. Одбраната тврди дека тоа е неосновано и политички монтирано врз основа на вештачења од лица кои биле исто така биле економски и медицински директори, а потоа биле сменети од функцијата токму од обвинетиот Васев поради злоупотреби.