Ги има на хартија, но ги нема пред гласачките кутии. Недоволниот број на луѓе што излегоа на гласање ги завршија изборите за градоначалници во четири општини во Северна Македонија уште пред да бидат објавени резултати од првиот круг.
Услов за да бидат успешни изборите е на гласање да излезат најмалку една третина или 33,33% од запишаните граѓани во Избирачкиот список. Но, на 19 октомври тоа не се случи во Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и во Центар Жупа.
Ова значи дека во четирите општини ќе има нови избори и целата постапка ќе се повтори од почеток до крај – од распишување избори, поднесување кандидатури, водење кампања, до гласање. Најверојатно денот на гласање би бил во првата половина од јануари 2026 година.
На Маврово и Ростуше и на Центар Жупа ваквото сценарио не им е непознато. Изборите пропаднаа и во 2021 година, а двете општини добија градоначалници во третиот обид – по изборите во август 2022, период кога традиционално во земјава доаѓаат дел од оние што се иселени.
Видете и ова: Изборни математики - кој против кого и со кого во вториот круг?Повеќе гласачи отколку резиденти
За бројот на иселени лица зборуваат и официјалните податоци. Во сите четири општини, во Избирачкиот список има повеќе гласачи отколку резидентно население што беше попишано во 2021 година.
Во Маврово и Ростуше и во Центар Жупа, на пример, има дупло повеќе запишани гласачи отколку резидентно население. Во Маврово и Ростуше бројот на гласачи во Избирачки список е 10.568, а на пописот пред четири години биле регистрирани 5.042 лица како резидентно население. Во Центар Жупа соодносот е 7.551 со 3.720.
И вкупното население (резидентно плус дијаспората која сама се попишуваше електронски) е помало од бројот на гласачи – 8.457 во Маврово и Ростуше и 6.155 во Центар Жупа.
Во Врапчиште, пак, ДИК регистрирал 27.262 гласачи, додека со пописот бројот на резиденти изнесуваше 19.842, а на вкупно население 31.129.
Во Гостивар запишани се 82.893 гласачи, а резидентното население во 2021 броело 59.770, додека вкупното 93.956.
Но, и од Државниот завод за статистика (ДЗС) и од Државната изборна комисија (ДИК) уште по објавување на резултатите од пописот излегоа со ставови дека станува збор за различна категорија од Избирачкиот список и дека меѓу двете не може да се прави разлика.
Поранешниот директор на ДЗС, Апостол Симовски, кој беше на чело на институцијата кога се спроведуваше пописот, потенцирајќи ги разликите посочува дека Избирачкиот список се прави врз основа на регистарот на државјани и тоа се сите кои имаат право на глас, независно дали се во државата или надвор.
„А со пописот, резидентното население ги покрива оние што се тука, а од оние што се нерезидентно население ние опфативме само дел, најголемиот дел не беше опфатен бидејќи тоа беше оставено на добра волја самите да се попишат преку интернет. Но тоа, не го направија сите“, објаснува за РСЕ, Симовски.
Сепак, тој е согласен дека ваквите разлики во бројките даваат слика за тоа колку луѓе се иселени.
„Токму така, во тоа време кога се спроведуваше пописот, ако добро се сеќавам беа околу 2 милиони и 450 илјади државјани. Ние како резидентно попишавме еден милион и 873 илјади лица. Значи целата оваа разлика се луѓе кои се надвор од државата. Ние опфативме околу 260 илјади како нерезидентни што значи дека околу 400 илјади лица кои се надвор не беа опфатени од различни причини – немаа обврска да се попишат, имаше бојкот и антикапмања, можеби некои не разбрале итн.“, вели Симовски.
Видете и ова: Попис под лупа – стариот спорен, електронскиот ги раскара партнерите во ВладатаСпоред пописот во 2021 година, бројот на резидентно население изнесуваше 1.836. 713 лица, а на вкупно 2.097.319 лица.
Бројот на граѓани кои имаат право на глас на овие локални избори, според Избирачкиот список што го заклучи ДИК, изнесува 1.832.415.
Реакциите на ДИК за споредбите на овие бројки, откако беа објавени резултатите од пописот, изминатиот период беа во слична насока како и на Заводот за статистика, односно дека станува збор за различни методологии на собирање податоци и различни категории.
Владата ќе назначи повереници во четири општини
А, што ќе се случува во четирите општини каде поради немањето одзив пропаднаа изборите за градоначалници? Според законските регулативи, по завршувањето на вториот круг ДИК ќе треба да ја информира Владата дека не се избрани градоначалници, која ќе има рок од 15 дена да назначи повереници што ќе ги вршат задачите на градоначалниците додека да се изберат нови.
Од Владата засега не откриваат дали веќе се размислува кои лица ќе ги назначат.
„Ви посочуваме дека постои законска регулатива согласно која Владата треба да постапува во вакви случаи и истата во целост ќе биде запазена согласно сите законски рокови. Кога ќе се постапи по овие прашања, навремено ќе ја информираме јавноста“, ни одговорија од Владата.
А, откако Владата ќе назначи повереници, за 15 дена е должна да го информира Собранието чиј претседател Африм Гаши ќе треба да распише нови избори.
Нема цензус за повторените избори
Новите избори во четирите општини ќе треба да се организираат во рок од 60 дена од завршувањето на тековните локални избори односно од објавувањето на конечните резултати од вториот круг што ќе се одржи на 2 ноември. Калкулациите упатуваат дека така дека крајниот датум за одржување на нови избори ќе истече околу средината на јануари 2026 година.
При новото гласање во Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа, нема да се „брка“ цензус од една третина излезност бидејќи Изборниот законик во меѓувреме е изменет со што овој услов се отстрани.
На 19 октомври, Гостивар беше најблиску до прагот од 33,33% одзив од гласачите. На гласање излегоа 33,31% што значи дека фалеле уште 20-тина гласа плус.
Одзивот во Маврово и Ростуше беше 30,31%, во Врапчиште 25,18%, а најмал во Центар Жупа – 21,49%.
Видете и ова: Бајковити ветувања, скромни очекувањаДодека жителите на овие четири општини ќе чекаат нови избори за да гласаат, на 2 ноември, на гласање во втор круг ќе треба да се изберат градоначалници на 33 општини, вклучително и Градот Скопје.
Во првиот круг се избраа 44 градоначалници, како и нови членови на советите во сите општини, освен во Шуто Оризари каде ќе има прегласување за Советот на три избирачки места.