Реконструкција на Владата е неизбежна, а можно е и прекројување на силите во Собранието за власта да обезбеди Бадентерово мнозинство откако владејачките коалиции на ВМРО-ДПМНЕ и на ВРЕДИ(ВЛЕН) ја потврдија победата на локалните избори, но како коалиција не си дадоа поддршка едни на други за некои кандидати во вториот круг - особено во Скопје.
Двете владејачки партијаја потврдија победата на локалните избори со најмногу градоначалнички мандати, 55 за ВМРО-ДПМНЕ и десет за ВРЕДИ, резултат што го постигнаа по вториот круг на локалните избори на 2 ноември.
Видете и ова: Мицкоски: Реконструкција на Владата, веднаш по изборитеВо Владата ќе има промена најмалку поради тоа што еден министер заминува - на локалните избори, министерот за животна средина и вицепремиер Изет Меџити беше избран за градоначалник на скопската општина Чаир.
Козметичка или суштинска промена?
Аналитичари со кои разговараше РСЕ очекуваат оваа мини - промена да донесе и други рокади во Владата - и кај ресорите и кај персоналните решенија
„Секако ќе има некои поместувања, премиерот најави реконструкција, можно е дури пред Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во декември или непосредно после тоа. Очекувам до крајот на годината тоа да се расчисти и да се искористи моментот за таа реконструкција“, вели Александар Кржаловски, аналитичар и директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).
Мицкоски уште во август летово најави реконструкција по локалните избори, со порака дека „ниту една функција не е загарантирана ниту вечна“ и со цел да се подобрат капацитетите на Владата.
Скопје, Брвеница и Кичево се општините во кои коалициските партнери имаа проблем меѓусебно да ги поддржат кандидатите.
Според бројките за ниската излезеност во Сарај и во Чаир и гласовите што ги освои Ѓорѓиевски во вториот круг, видливо е дека гласачите на ВРЕДИ не гласале масовно и за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ. Во споредба со првиот круг, Ѓорѓиевски ја зголеми поддршката за околу 3.000 гласови. Бројот на неважечки ливчиња во вториот круг за Скопје е 10.310.
Видете и ова: Мицкоски: Реконструкција на Владата, веднаш по изборитеТоа го призна и Мицкоски, но рече дека нема да се одрази на коалицијата.
„Не мислам дека ВРЕДИ нѐ бојкотира. Никој гласовите не ги чува во џеб, ниту може да ги испорача од џеб. Тоа што го видовме меѓу двата круга од нашиот коалициски партнер во Скопје е една чесна заложба за Орце Ѓорѓиевски. Факт е дека гласачите кои гласаа за ВРЕДИ не излегоа и не го поддржаа Орце Ѓорѓиевски. Претпоставувам тоа било таква одлука на гласачите, и тоа е што е“, рече Мицкоски во обраќањето по првичните резултати од изборите.
Иако премиерот рече дека тоа нема да се одрази на владејачката коалиција, аналитичари очекуваат брзи промени во Владата и поради помалиот број гласови во споредба со претходните избори.
„Победија, но имаат намален фонд гласови. Тоа се гледа и од излезноста на гласачите. Треба да покажат повеќе агилност и повеќе иницијатива. Реконструкцијата зависи од кадровскиот потенцијал, но и од пораките што партиите ги добија од гласачите. Мислам дека премиерот ќе ги освежи кадрите во неговата партија, но очекувам и „осетна“ реконструкција во Владата, не само козметичка“, вели аналитичарот Бесим Небиу за РСЕ.
Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), во првиот круг на гласање излегле 48,30 отсто гласачи, додека во вториот кругот излезноста падна на 41,24 отсто.
Новинарот и аналитичар Назим Рашиди пак, за РСЕ рече дека „при кадровски промени имињата нема да значат многу ако Владата реално не се фокусира на потребите на граѓаните“.
Патот до Бадентерово мнозинство
Поради изборите, промени има и во составот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. На пратениците Јане Мицевски, Бети Стаменкоска Трајкоска и Дејан Проданоски, тројцата од ВМРО-ДПМНЕ, им престана пратеничкиот мандат затоа што се избрани за градоначалници.
Мицевски ќе ја води општина Сопиште, Стаменковска Трајкоска е идна градоначалничка на Кисела Вода, а Проданоски на Прилеп.
Државната изборна комисија (ДИК) утврди дека на местото на пратениците што се избрани за градоначалници ќе дојдат следните на листите: Александра Николовска и Мартин Стојановски од првата изборна единица и Мито Андонов од четвртата изборна единица.
Во актуелниот состав на македонското Собрание, од вкупно 120 пратеници 39 се припадници на малцинствата кои гласаат по принципот на Бадентер (гласови од пратениците кои припаѓаат на немнозинските заедници).
Принципот на т.н. Бадентерово мнозинство беше воведен со Охридскиот рамковен договор во 2001 година, за при гласањето за системски закони да се заштитат правата на малцинските заедници.
Тоа значи дека за одредени закони и одлуки не е доволно само просто мнозинство од сите пратеници, туку мора да има и мнозинство од пратениците кои припаѓаат на заедниците што не се во мнозинство (Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други).
Видете и ова: Во потрагата по Бадентер, закони може да заглават во собраниските фиокиБадентерово мнозинство е потребно за реформски односно системски закони и одлуките кои директно ги засегаат културата, употребата на јазици, образованието, личните документи, употребата на симболите... За некои од нив е потребен „мал бадентер“ – мнозинство гласови од пратениците од малцинствата кои се присутни на конкретната седница, додека за другите „голем бадентер“ – мнозинство од вкупниот број гласови од немнозинските заедници.
Ова значи, дека за власта да биде комотна потребни ѝ се 20 пратеници. Арбен Таравари со заминувањето во опозиција со себе повлече тројца пратеници што ја остави пратеничката група на ВРЕДИ со само 11 пратеници. Ако на нив се додадат уште три-четворица кои се од малцинствата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалициските партнери, како и оние за кои се шпекулира дека би преминале на владејачката страна, неофицијалните пресметки велат дека на власта би и недостигале уште барем уште пет пратеници за да има „голем бадентер“.
„Нам ни се важни реформите. Се надевам дека дел од силите и во парламентот ќе се прегрупираат во периодот што следи“, рече Мицкоски во обраќањњето по вториот круг од локалните избори, на прашање како ќе добие Бадентерово мнозинство.
Видете и ова: ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ ја потврдија доминацијата на локалните избориКржаловски смета дека тоа може да се обезбеди со преминување на пратеници од опозицијата кон власта.
„Не е неочекувано ако такво нешто почне да се случува и во овој мандат, како што беше чест случај во претходните, да има прелетувања од партии, од еден блок во друг. За очекување е некои пратеници од ДУИ или од нивните коалициски партнери, бидејќи од 19 пратеници само десетина се на ДУИ, а другите се од нивната коалиција, да преминат во ВРЕДИ и така да се постигне Бадентеровото мнозинство“, рече Кржаловски.
Аналитичарот Небиу, пак, смета дека со оглед на мнозинството гласови што ги доби на изборите, власта има простор да избере начин како ќе стигне до Бадентерово мнозинство.
„Националната алијанса за интеграција (коалицијата на опозициската ДУИ) очигледно не профункционира затоа што загуби на изборите. Мислам дека ќе има прегрупирања во оваа коалиција и можеби затоа власта е во комотна позиција“, изјави Небиу.
Во Владата има 23 министри, од кои шестмина се од партиите од коалицијата ВРЕДИ, меѓу нив и двајца вицепремиери.
Во Собранието, пак, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ има 58 пратеници, а ВРЕДИ остана со 11 пратеници откако Алијанса на Албанците (крилото на Арбен Таравари) излезе од Владата.
ДУИ има 19 пратеници, од кои 10 се на ДУИ, а девет се од останатите партии во коалицијата.