Одговори за системските пропусти кои доведоа до трагедијата во Кочани во која загинаа 63 млади луѓе и над 200 беа повредени, покрај во судница од следната недела ќе се бараат и во Собранието, каде се очекува за ова да заседава постојната анкетна помисија.
Во меѓувреме во Основниот кривичен суд Скопје продолжува судскиот процес во кој обвинети се пожарот во дискотеката „Пулс“ се 35 лица и три фирми – сите за делото „предизвикување на тешки дела против општата сигурност“. И сите, на рочиштето на 2 декември, се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
На обвинителна клупа седат сопственикот на дискотеката Пулс, управители, инспектори, членови на обезбедување, јавни службеници, па дури и поранешни градоначалници и функционери.
Тие на денешното рочишпте изразија сочувство до семејствата на загинатите и повредените, и посочија дека чувствуваат тага и болка, но не и вина за тоа што се случи во кочанската дискотека Пулс, која на концерт на бендот ДНК се запали од пиротехничките материјали.
Видете и ова: „Дискотеката „Пулс“ во Кочани со години била буре барут“, оцени еден од обвинителите на првото рочиштеСпоред обвинението, тие се обвинети за „тешките дела против општата сигурност“, од кои едно од најсериозните обвиненија е дека еден од осомничените, наводно примил мито за издавање лажни дозволи што овозможувале функционирање на дискотеката под друг правен вид.
Политичка одговорност во Собранието на 9 декември
Освен за кривичната одговорност, во Собранието ќе се дебатира и за евентуална политичка одговорност.
Анкетната комисија ја закажа пратеникот од Левица, Димитар Апасиев кој е претседател на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот по претставка на Здружението 16 март 2025 Кочани.
Нивната иницијатива ја добил во јули, а датумот за првата средба е закажан во вторник на 9 декември кога официјално родителите на загинатите и повредените млади од кочанската трагедија ќе се сретнат со пратениците во собраниска сала.
Во истиот ден во Собранието е закажана и пленарна седница на која пратениците ќе дебатираат и за буџетот за 2026 година.
Претседателот на Собранието Африм Гаши, на брифинг со новинарите изјави дека побарал од координаторот на пратеничката група на Левица, анкетната комисија да биде одложена за друг ден, за да може, како што вели Гаши, и тој и премиерот Христијан Мицкоски, како и сите други пратеници кои сакаат да присуствуваат да го сторат тоа. Одговор на барањето, како што вели Гаши, до сега не добил.
Власта и опозицијата со различно барање за ад-хок анкетни комисии
Додека Апасиев во петок ќе заседава со постојаната Анкетна комисија каде ќе се зборува за причините за трагедијата на 16 март годинава која одзеде 63 животи, пратениците од опозицијата и власта јавно се караат дали треба да се закаже уште една ад -хок комисија.
Според објаснувањето од собраниските служби, станува збор за барање на опозициските СДСМ и Левица за засебна ад-хок комисија на која ќе се бара одговорност само за оваа трагедија, додека од друга страна е барањето на владејачкото мнозинство кое смета дека треба да се отвори „пандорината кутија“ со дебата за системски пропусти кои довеле до многу други изминати трагедии, како таа со пожарот во модуларната тетовска болница, сообраќајните несреќи со автобусите на Дурмо Турс во Ласкарци и Беса транс, во Бугарија.
„ Составот на комисиите ќе биде ист“, вели, тој, но, додава дека се уште нема одговор од пратеничките групи за тоа прашање.
Со најавите за анкетни комисии осум месеци по несреќата во Кочани, во јавноста се отвори дилемата дали е потребна собраниска анкетна комисија додека се бара кривична одговорност во судница.
Од една страна се отвора прашањето дали доколку потрагата по правда се води само во судницата, таа ќе биде задоволена ако во неа не се опфатат формално оние кои не биле на сцена но индиректно овозможиле услови за да се случи трагедијата. А од друга страна, дали доколку анкетната комисија не добие доволно политичка поддршка од пратениците, може да пропадне и шансата за системска ревизија?
Анкетните комисии се привремени работни тела на Собранието кои имаат за цел извршување на посебни задачи. Според Уставот, наодите на анкетните комисии се основа за поведување постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавните функции.
Видете и ова: Анкетните комисии: Контрола на власта или партиски маркетинг?Собранискиот спикер Гаши на брифингот со новинарите истакна дека и тој самиот има дилеми дали треба баш сега да се одржуваат анкентни комисии, поради можноста за влијаење врз судскиот процес. Но сепак ја поддржал.
„Да, и јас сум потпишан на иницијативата со која се бара ад хок анкетна комисија за ситре досегашни трагедии“, додаде тој.
Контрола на власта или партиски маркетинг?
Според поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски, а анкетната комисија е инструмент преку кој Собранието проверува дали носителите на јавните актуелни функции си ги извршиле обврските и дали пропустите довеле до последици како во случајот со Кочани.
„Анкетната комисија не е истражен орган. Не навлегува во судска или обвинителска работа. Таа утврдува само политичка одговорност,“ објаснува Петковски.
Но, проблемот со анкетната комисија е во тоа што таа е веќе задоцнета, вели поранешната пратеничка, Ѓулистана Марковска, која беше дел и од првиот состав на Собранието по осамостојувањето на државата во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Таа објаснува дека временската рамка во која таа се случува може да изгледа како партиско надмудрување, а не како одговорен механизам.
„Комисијата може да се претвори во партиски суд. Пратениците таму најчесто настапуваат партиски, а не институционално. Искуството покажува дека таквите комисии се формираат или за да се заташка нешто, или за политички поени,“ предупредува Марковска.
Таа додава дека анкетни комисии има и треба да има само кога постои „сива зона“, случаи кога нема кривична одговорност, но постои политички пропуст.
Но, за трагедијата во Кочани, вели таа, веќе трае судски процес со јасни индиции за кривична вина, и патот на политичката одговорност веќе е компромитиран поради долгото одлoжување.
Судскиот процес стартуваше откако обвинителството покрена обвинение против 35 лица и три фирми.
На првото рочиште на 19 ноември, судот одлучи да се спојат судските постапки за два предмети за пожарот во „Пулс“. Кон првичниот со 34 обвинети лица и три фирми, беше додаден и процесот против газдата на агенцијата „Рубикон“ која била задолжена за обезбедување на дискотеката. Тогаш обвинителството направи промена поднесувајќи интегрален обвинителен акт и ревидирана листа на докази.
Воведните зборови ги даде кочанскиот обвинител Борче Јанев, кој рече дека „катастрофата што се случи во дискотеката ’Пулс‘ во Кочани не настана само од пропусти на една човечка рака“ Овој настан, како што рече, не е несреќа или случајна игра на судбината туку „се работи за цел сплет и низа на надоврзани пропусти, синџир од замижувања“.