Изборниот резултат во Молдавија е победа и за Брисел, исто колку и за Кишињев

илустрација

Претседателката на Молдавија, Маја Санду, и нејзината Партија на акција и солидарност (ПАС) изгледа дека ќе излезат како победници на клучните избори, и покрај тоа што се чини дека Кремљ спровел координирана дезинформациска кампања. Но, вистинскиот победник веројатно е Брисел.

ПАС, про-западна партија во една од најсиромашните европски држави, се соочи со жесток предизвик од својот најголем ривал, Патриотскиот изборен блок – алијанса на про-руски партии предводена од поранешниот претседател на Молдавија, Игор Додон.

Се предвидува дека ПАС освоила најмалку 54 од вкупно 101 пратеничко место – резултат што е изненадувачки, ако се има предвид дека многу анкети ги прикажуваа двете страни како изедначени, додека Кремљ вложуваше значителен напор да ја сврти рамнотежата во своја полза.

Со тоа што Молдавија е сместена помеѓу Украина и Романија – членка на НАТО и Европската Унија – Брисел беше во напнатост со недели пред гласањето на 28 септември.

Про-руска победа ќе внесеше сериозен клин во источниот фронт во време кога Москва изгледа охрабрено да ја тестира решителноста на Западот, додека постепено остварува придобивки на боиштата во Украина.

Сега, сепак, изгледа дека може да издише со олеснување: Молдавија барем засега останува надвор од дофатот на Кремљ.

„Проевропската победа на Молдавија е лекција за цела Европа за тоа како да се брани од руско мешање,“ изјави Сигфрид Мурешан, европратеник и потпретседател на Европската народна партија.

„Молдавија останува цврсто закотвена на проевропскиот пат. Добра вест за народот на Молдавија! Добра вест за Европа!“

Видете и ова: Молдавија блиску до проевропска влада на клучните парламентарни избори

Резултатот претставува политички хет-трик за Маја Санду, со победата на парламентарните избори што доаѓаат помалку од една година по нејзиното враќање во претседателската палата и референдумот за членство во ЕУ, кој беше добиен „за влакно“.

Влоговите навистина беа огромни на изборите кои во голема мера беа доживеани како избор меѓу Брисел и Москва. И ниту едната ниту другата страна не молчеа околу тоа кого поддржуваат.

Во предизборниот период, Русија тврдеше дека НАТО се подготвува да ја „окупира“ Молдавија, иако не понуди докази и повеќепати ја обвинуваше владата во Кишињев за „антируска хистерија“.

Санду, како и други, го обвинија Кремљдека „истура стотици милиони евра“ во земјата со цел да шири дезинформации.

Во последните недели, молдавските власти ги потврдија овие обвиненија со спроведување полициски акции низ целата земја, насочени кон, како што тие го нарекоа, „подготовка на масовни нереди и дестабилизација, кои биле координирани од Руската Федерација преку криминални елементи.“

Видете и ова: Во Србија уапсени осомничени за подготовка на дестабилизација на изборите во Молдавија

Две проруски партии – Срцето на Молдавија и Молдавија Маре (Голема Молдавија) – исто така беа исклучени од учество на овие избори поради обвиненија за поткуп на гласачи, незаконско финансирање на партиите и перење пари(конечната одлука за Голема Молдавија беше донесена на 28 септември, само неколку часа откако почна гласањето).

Европската Унија, која обично строго се придржува до неутралност кога станува збор за избори во земјите членки и кандидатите, овој пат малку се потруди да ја скрие својата наклонетост кон ПАС, при што портпарол на Европската комисија забележа дека Русија „длабоко се меша во изборниот процес.“

Но тука не беше крајот.

Во последно време бројни европски лидери се појавија во Кишињев со задолжителни фотографии со Санду, беа воведени и проширени санкции кон проруски политичари во последните неколку години, а на почетокот на 2025 година беше претставен план за раст вреден 1,9 милијарди евра (2,23 милијарди долари) за следните три години, наменет за финансирање инфраструктурни и енергетски проекти во земјата.

Можеби, пак, завршниот удар беше зададен само три дена пред изборите, кога Грција дозволи екстрадиција на олигархот Влад Плахотњук.

Видете и ова: Неколку дена пред изборите во Молдавија, екстрадиран олигархот Владимир Плахотњук

Сликата на главниот осомничен во долготрајната истрага за исчезнувањето на околу 1 милијарда долари од банките во 2014 година, како пристигнува во Кишињев со лисици на рацете, беше токму тоа што ѝ беше потребно на Санду, која ја изгради целата своја политичка кариера врз борбата против корупцијата.

Факт е дека ЕУ едноставно не можеше да си дозволи да ги загуби овие избори.

Откако партијата Грузиски сон ја задржа власта на парламентарните избори во Грузија минатата есен, Тбилиси се оддалечи од разговорите за членство во блокот, иако земјата сè уште номинално е кандидат.

И без крај на повидок за војната во Украина и моментумот на бојното поле што сè уште е во корист на Русија, Молдавија останува единствената земја во источното соседство на клубот што има одржлива шанса да стане членка.

Целта за постигнување на тоа во оваа деценија останува по изборите.

Кишињев и Брисел се подготвени да отворат преговори за сите 33 поглавја од проширувањето. Може да се одвива брзо бидејќи ЕУ е заинтересирана да додаде барем уште неколку членови и од Западен Балкан и од исток пред следните европски избори во 2029 година.

Досега ништо не се помести бидејќи Молдавија и Украина се поврзани во процесот, а Унгарија го блокира патот на Киев кон ЕУ поради проблеми со правата на малцинствата.

Можно е Молдавија сега да продолжи напред без Украина, потенцијално дури и подоцна оваа година.

Победата на ПАС е и украинска победа.

Важен центар за земјата разурната од војна, Киев тешко би можел да си дозволи да има уште еден непријателски сосед, овој пат на запад.

Сега, можно е Молдавија да е локомотивата што ќе ја влече Украина со себе во ЕУ.

Тоа е она што претставниците на ЕУ го имаа на ум кога двете земји добија зелено светло да се приклучат кон блокот пред три години.

Проевропската победа барем гарантира дека можноста е сè уште реална.