Исходот од изборите е потврда дека граѓаните ги поддржуваат досегашните владини политики, ја покажува промената во албанскиот блок и ја истакнува перцепцијата на гласачите за соработката или блокадите околу независните кандидати - вака политичкиот аналитичар Александар Кржаловски и новинарот Назим Рашиди гледаат на резулатите од првиот круг на локалните избори на 19 октомври.
Победата на ВМРО-ДПМНЕ над СДСМ во „македонскиот блок“, според Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), е поубедлива од очекуваната и укажува на можна најголема разлика во историјата, повеќе и од рекордот од 52 општини во вториот круг на претходните избори во 2021 годдина.
Кај „албанскиот блок, Кржаловски вели дека „неизвесноста“ натежна на страната на ВЛЕН во однос на ДУИ со „главната премија“ Чаир и водството во уште три општини, вклучително и Тетово.
„ДУИ се сведе само на Гостивар од големите општини, а и таму се двете Алијанси на Таравари и Села, а под прашање е и дали е постигнат цензусот од една третина гласачи. Тоа е главниот исход – дека мантрата на ДУИ за „легитимитетот“ се распрсна и всушност го потврди ВЛЕН како легитимен партнер во Владата“, вели Кржаловски за Радио Слободна Европа.
Видете и ова: Владејачките партии освоија најмногу градоначалници во првиот изборен круг
ВМРО-ДПМНЕ убедливо во македонскиот блок
Во првиот круг од локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ обезбеди убедливо водство, освојувајќи градоначалнички позиции во 32 општини низ државата.
СДСМ освои градоначалнички места само во три општини - Крива Паланка, Богданци и Кривогаштани — и очекува уште дваесетина втори кругови.
Коалицијата предводена од ВЛЕН победи во 5 општини, вклучително Чаир, додека „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ) предводена од ДУИ освои 4 градоначалнички места - во Гостивар, Липково, Чашка и Пласница.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓоргиевски, води во трката за градоначалник на Град Скопје со 39,4 проценти од гласовите и во вториот круг ќе се соочи со кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, кој освои 13,2 проценти – најдобар резултат за оваа партија досега.
„Левица има подем, но помал од тоа што тие очекуваа и се уште се некаде на "половина" од СДСМ. Независните не поминаа доволно добро, веројатно заради малиот (стандарден) одзив од под 50 отсто“, вели Кражловски.
Во Советот на Град Скопје, ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН обезбедија мнозинство, додека СДСМ има шест советници помалку.
Втор круг на изборите за градоначалници на 2 ноември ќе се одржи во уште 33 општини, а во три општини гласањето ќе биде повторено поради недоволен излезен цензус.
Видете и ова: Обвинителство и МВР: Изборен ден без инцидентиВЛЕН го засилува влијанието
Новинарот Назим Рашиди за Радио Слободна Европа вели дека кај македонскиот блок, очигледно е дека гласачите ги поддржуваат владините политики и претставници и според него тоа е „едноумие“ кое не е добро за демократијата „ако една партија контролира се“.
„Кога знаеме дека имаат релативно голема моќ и во централна власт, тоа ако не друго барем отвара многу дилеми како ќе оди понатаму. Но како и да е изборите се прифатија дека се фер и демократски“, вели Рашиди.
„Од другата страна мислам дека со тек на време самата ВМРО-ДПМНЕ ќе осети поголем притисок, бидејќи ако имаш толкава власт веќе не ќе можеш да кажеш дека некои работи не може да се направат, бидејќи моќта е во твоите раце во сите сегменти“, вели тој.
Резултатите во албанскиот блок, според Рашиди и победата на Изет Меџити, не само во општина Чаир, покажуваат дека ДУИ не ги слушала до крај критиките кои првично биле внатрешно во партијата.
Од друга страна, вели тој, соработката на ВМРО-ДПМНЕ со ВЛЕН може да се набљудува од два аспекта:
„Едниот е прогресивен бидејќи сепак имаме случај каде ВМРО-ДПМНЕ повикува да се гласаат градоначалници Албанци, што на некој начин го нема тој комплекс или таа меѓуетничка тензија, туку целиот процес се гледа во контекст на изборите или програмите“, вели Рашиди.
Од друга страна, спред Рашиди, во албанскиот блок имало поголема шеареноликост - поголема демократија ако се погледнат резултатите во советите, за кои вели дека во многу случаи не се исти со тие на градоначалниците.
Видете и ова: ОБСЕ/ОДИХР: Не е важен само изборниот ден, туку и предизборните и постизборните процесиПредизвиците на независните кандидати
Во однос на резултатот на независните кандидати, Рашиди смета дека слабата поддршка делумно произлегува од перцепцијата кај граѓаните дека без поддршка од партиите тешко може да се управува со градовите.
Според него, примерот со поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, и конфликтите со Советот, создадоа впечаток дека несоработката со партиите води кон блокади и нефункционалност.
Помал број на вкупниот број гласови
Но, иако ВМРО-ДПМНЕ доминира во првиот круг според бројот на освоени општини и мандати во советите, бројките откриваат дека најголемите партии во земјата добија помалку гласови во споредба со парламентарните избори од минатата година.
Според резултатите од гласањето за советничките листи, ВМРО-ДПМНЕ освои околу 301 илјада гласа, СДСМ околу 125 илјади.
Во споредба, на парламентарните избори во 2024 година, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ имаше над 436 илјади гласа, коалицијата предводена од СДСМ 154.687 гласа,
ДУИ и коалициските партнери во првиот круг избори добија приближно 114 илјади гласа, а ВЛЕН околу 92 илјади – споредено со паралментарните во 2024 „Европски фронт“ на ДУИ иамаше 137.561, а коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН) 107.081 гласа.
Инфографика - Локални избори 2025 v.s. Парламентарни избори 2024
„Левица“ сега освои околу 59 илјади, а на парламентарните имаше над 68 илајди, а движењето ЗНАМ сега освоеи нешто повеќе од 38 илјади гласа, а на парламентарните имаше 56.277, иако и Левица и ЗНАМ немаа поднесено листи за советници во сите општини.
Но, иако резултатите покажуваат дека и власта и опозицијата бележат пад на вкупната поддршка — делумно поради пониската излезност — сепак, според Александар Кржаловски, исходот може да се протолкува како потврда на досегашните владини политики.
„На некој начин е потврда за владините политики и правецот на движење на земјата, со поддршка да се продолжи и на локално ниво во тој правец“, вели Кржаловски.
Видете и ова: Локални избори 2025Рашиди вели дека вообичаено е на локалните избори излезноста да биде помала отколку на парламентарните, што значи дека бројот на гласови не треба да се толкува само апсолутно.
„Ако се анализира процентуално распределбата на гласовите, јасно се забележува тенденцијата на поддршка за различните партии, при што разликите се релативно стабилни. И покрај елементот на незадоволство кај дел од граѓаните, процентуалниот однос покажува дека поддршката останува во рамките на очекуваното“, вели тој.
Ова беа осми локални избори од независноста на земјата. Изборниот ден помина мирно, без инциденти, со излезност од 46,5 проценти, соопшти Државната изборна комисија.
Министерството за внатрешни работи и Обвинителството потврдија дека станува збор за „едни од најмирните избори досега“. Вториот круг е закажан за 2 ноември.