Димитријевиќ: Сериозно се подготвуваме за парламентарни избори кога и да се

Александар Саша Димитриевиќ, генерален секретар на СДСМ и шеф на централниот изборен штаб за локалните избори 2025 г.

СДСМ очекува да ја задржи локалната власт во општините каде ја има и досега, но се надева и на победа во други општини. Дали ќе го поддржи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево, што очекува во Кочани, дали раководството ќе си даде оставка при неуспех на изборите, но и аферата со прислушувањето и резолуцијата со црвените линии за ЕУ се дел од темите за кои разговараме со генералниот секретар Александар Саша Димитриевиќ во неделното интервју на РСЕ.

Господине Димитријевиќ, синоќа (13 септември) заврши рокот за пријавување за кандидатските листи за советници и градоначалници. Какви се вашите очекувања од претстојните локални избори?

СДСМ објави 64 кандидати за градоначалниции во речиси сите општини ќе одиме и со советнички листи. Очекувањата се граѓаните да го препознаат концептот којшто СДСМ го нуди, а тоа се чесни кадри со сериозна визија за заздравување на општините и на градовите, коишто ВМРО имаше шанса четири години да покаже што знае и што умее да направи, но за жал гледаме една тотална нефункционалност во општините коишто ги раководи ВМРО-ДПМНЕ. Ќе понудиме сериозна програма, ќе понудиме сериозни луѓе, ќе понудиме нешто што е изводливо и нешто што е функционално пред сè за граѓаните. Не ветуваме чуда и не ветуваме бајки што нема да може да се да се остварат. Ветуваме реални решенија за реалните проблеми со коишто граѓаните се соочуваат секојдневно.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Димитријевиќ: Очекувам СДСМ да ја врати довербата од граѓаните на локалните избори


Што за вас како партиско раководство ќе бидат успешни избори?

Јас очекувам граѓаните да го препознаат концептот којшто ќе го понуди СДСМ овие локални избори. Секако во општините во коишто во коишто владее СДСМ во овој момент очекувам повторно убедлива победа, но и сериозно кандидатите во другите општини, бидејќи навистина понудивме кадар којшто е којшто е одговорен и луѓе коишто се професионалци и докажани и покажани во своите средини, да дадат еден сериозен еден сериозен инпут, и граѓаните тоа да го препознаат.

Видете и ова: Црна кампања пред локалните избори, навреди наместо решенија

Велите ВМРО-ДПМНЕ од минатите парламентарни избори досега изгубила над 100.000 гласови. За вас какви ви се анализите, колку сте во плус или во минус?

Апсолутно тоа што го гледаме секојдневно и целата функционална нефункционалност на системот којшто го имаме како на локално така и на централно ниво, навистина покажува дека ВМРО-ДПМНЕ сериозно ја губи довербата кај граѓаните. Но, ако ме прашувате дали сме сè уште на потребното ниво како партија, секако треба уште многу да работиме и секако дека тоа во следниот период и до почеток на кампања и со самиот почеток на кампања ќе го покажеме. Очекувам сериозно враќање на довербата кај граѓаните во СДСМ.

Тоа значи повеќе од минатогодишните 150.000 гласови?

Апсолутно.

Спомнавте дека во општините каде што ја имате локалната власт очекувате повторно убедлива победа. Во Центар каде гледате поголем ривал? ВМРО-ДПМНЕ таму нема кандидат, таму е независната кандидатка Билјана Ивановска и кандидатот на ЗНАМ. Кој ви е поголем ривал?

Независно од противкандидатите во Центар, Горан Герасимовски покажа како се води една општина каква што е Центар. Во следните денови ќе излезе еден отчет за сработеното во Центар и не гледам друга алтернатива освен Горан Герасимовски и СДСМ за граѓаните на Општина Центар, бидејќи навистина во изминатите четири години и претходно покажавме дека се што ветивме во Општина Центар остваривме. Секако и ќе понудиме за реалните проблеми коишто ги имаат граѓаните во општина Центар и решенија коишто верувам дека ќе бидат препознаени.

Не ми одговоривте кој сметате дека е поголем, поголем ривал.

Не е, не е мое да давам проценка, наше е да си го сработиме, да тоа што го сработивме во изминатите години, да излеземе пред граѓаните со сериозна понуда, со чесна понуда и да ја побараме повторно поддршката. Верувам дека граѓаните на Центар а и граѓаните во другите општини ќе го препознаат тоа.

Го споменувавте Центар како партија и претходно, особено во однос на независните кандидати и најавувавте дека ќе излезете со информации за бизнис интереси на дел од независните кандидати. За што точно мислите кога најавувате такви информации?

Дел од независните кандидати има сериозни индиции дека се дека се поттикнати од други интереси, а не од интереси коишто се во функција на граѓаните. Односно да се натпреваруваме со идеи, а тие идеи да донесат мерки коишто ќе донесат навистина решенија и подобра иднина на граѓаните. Од тој аспект и во следниот период и во почетокот на кампањата ќе имаме, ќе имаме одредени активности.

Видете и ова: Независните кандидати за градоначалници може да ја поматат водата на партиите

Интересна е одлуката на раководството на партијата во Илинден да го поддржите поранешниот градоначалник во општината од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Жика Стојановски. Зошто се решивте да му дадете поддршка?

Во Илинден правевме долги консултации со членството и разговаравме за повеќе можни сценарија како да настапиме на претстојните локални избори, како во програмскиот, така и во кадровскиот дел. Жика Стојановски е човек кој сериозно добро ја познава Општина Илинден, човек којшто раководел со општината, има институционално познавање и во овој момент сметаме дека тоа е одговорно и со Жика ќе понудиме човек кој на некој начин ја познава добро општината и ќе ги обедини луѓето со цел да понуди навистина решенија какви што се потребни на жителите на Илинден.

За Кочани, партискиот лидер Венко Филипче на почетокот предлагаше да се обедините околу натпартиски кандидат. ВМРО излезе со поддршка за еден кандидат, а вие одлучивте да кандидирате свој. Што очекувате од Кочани за овие локални избори?

Ситуацијата после трагедијата во Кочани во самата општина е многу специфична и СДСМ во целиот изминат период беше многу внимателен и не сакавме на ниеден начин да покажеме дека трагедијата во Кочани ќе биде место каде што ќе добиваме политички поени. Бевме многу внимателни и во изјавите и повикувавме на едно обединување се со цел целото општество во Кочани да заздрави и да понудиме еден безбеден град во којшто нема ни да помислиме да се случат слични трагедии.

Во Кочани наш кандидат ќе биде докажан професор којшто е и граѓански активист долги години, тоа е претседателот на општинската организација на Кочани. Таму подготвуваме посебна посебен осврт на програмата во којшто ќе ги опфатиме сите актуелни проблеми коишто се таму и нудиме советничка листа којашто ќе опфати еден различен профил на луѓе кои би можеле да понудат и да бидат додадена вредност после овие локални избори во Советот на Општина Кочани и да бидат сериозна поддршка да бидат на нашиот градоначалник.

Видете и ова: Дали гневот по трагедијата во Кочани може да се прелее на изборите во октомври?

Во Кичево, Струга, Тетово одлучивте да немате свои кандидати. Конкретно за Кичево би го поддржале кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ?

Во Кичево, како и во другите градови, иако немаме наш кандидат, СДСМ ќе извади советничка листа којашто ќе има сериозна програма по теркот на другите општини во коишто имаме кандидати. Ќе излеземе со сериозна програма и со сериозни решенија. Целта во Кичево ни е да ги максимализираме нашите капацитети, да освоиме што поголем број на советници и веднаш првиот ден после локалните избори во Кичево да почнеме преку нашата советничка група да нудиме сериозни решенија што ќе бидат дел од изборната програма за Кичево. Очекувам дека граѓаните ќе го препознаат тој концепт, бидејќи знаете дека колку што е важен градоначалникот во една општина, толку се важни и советниците и гласот и предлозите на советниците може да дадат сериозна тежина во општината.

Во ред, имате советничка листа, но како ќе го насочите членството таму во однос на кандидатот за градоначалник? Би им дале насоки да поддржат некој од кандидатите?

Целта во овој момент е да направиме програма којашто преку советничките листи, преку носителот на листа во Кичево ќе биде програма којашто ќе понуди решенија за граѓаните. За сите понатамошни одлуки во однос на тоа кон кого би ги насочиле гласовите ќе биде предмет на партиска одлука и на партиска дискусија кога ќе дојде време за тоа.

Дали во меѓувреме разговарате со други партии, како ДУИ, за заемна поддршка во општините каде тие немаат свој кандидат за градоначалник или каде што вие немате свој кандидат?

Во овој момент секаде сме насочени на консолидација, на мобилизација на нашето членство и на изготвување и сериозна понуда пред граѓаните. Не влегуваме во партиски пазарења и договори околу гласовите, си се концентрираме на себе и сакаме да го извадиме максимумот независно од тоа дали имаме само кандидати за советници, дали имаме и кандидати за градоначалници и кандидати за советници. Апсолутно идејата е да го мобилизираме нашето членство и да понудиме сериозна програмска понуда на граѓаните.

Видете и ова: Уште неизбрано, новото раководство на СДСМ го чека „ѓаволски тешка“ работа

Дали евентуален неуспех на изборите за СДСМ би значело и оставка од актуелното раководство?

СДСМ е сериозна партија и голема партија којашто се гради со години и во којашто органите на партијата одлучуваат за сите понатамошни чекори. Ниту ова раководство, ниту кое било раководство во СДСМ бега од одговорност после избори. Апсолутно после сите избори СДСМ има отчетен конгрес во којшто се разговара и во рамки на внатрепартиските процедури, членството и луѓето коишто коишто одлучуваат во една демократска партија ќе одлучат дали треба да остане довербата на ова раководство или треба да се прават евентуални промени.

Очекувате ли парламентарни избори по локалните?

Првиот тест за СДСМ и за сето тоа што го говориме во овие изминати месеци околу консолидацијата на партијата и околу зајакнувањето ќе бидат локалните избори. Јас како шеф на централниот изборен штаб и како генерален секретар сум сигурен дека СДСМ е во кондиција и дека СДСМ е спремна за избори кога и да бидат, сега се локалните, независно дали ќе има предвремени парламентарни избори. Но, гледајќи ги ситуациите во државата и целата нефункционалност на системот по сите нивоа без да кажуваме дали имаме очекувања, можам само да кажам дека сериозно се подготвуваме на избори кога и да бидат.

Во текот и на теренските активности за локалните избори зборувате за обединување, за враќање на патот кон ЕУ и споменувате дека во спротивно би можело да има и руско влијание, да се остави простор за такво нешто. Каде како партија ја гледате таа опасност, во кој сегмент?

Целата ситуација околу закочувањето на европскиот процес и околу не наоѓањето на решение во сите овие изминати месеци доведува до прашање дали можеби на некои надворешни влијанија им е во интерес Македонија да остане закочена и да биде во статус кво ситуација, нешто што е моментално најлошо за државата. Гледаме дека власта не нуди никакви решенија по тоа прашање.

Тоа и неколку други сериозни афери ги отвораат прашањата, бидејќи знаеме Македонија со години наназад од осамостојувањето е подложна на надворешни влијанија, дали можеби и сега надворешните влијанија се причина за закочување на европскиот пат на нашата држава? Тој пат СДСМ го стигна до некаде, имаше и идеја како тоа да се оствари, но видовме дека во изминатава година немаме никакви активности на тоа поле, освен некакви флоскули коишто власта цело време ги врти, а не гледаме реално никаков напредок.

Видете и ова: Нутс: Странското мешање може да предизвика хаос или дестабилизација

Најавивте дека понеделник или вторник би ја презентирале и резолуцијата што ја најавувавте во однос на црвените линии за ЕУ. Очекувате таа да се изгласа пред изборите, после изборите?

Во претходниот период се јави јасна потреба од поднесување на една ваква резолуција, бидејќи гледаме дека ВМРО-ДПМНЕ нема јасна слика и граѓаните немаат јасна слика во кој правец оди државата. Не нудат решенија и покрај тоа што неколку пати ги повикувавме на затворена собраниска седница и на ред други работи каде што ќе можат да кажат која им е идејата за тоа.

Од тие причини се јави и потребата за поднесување, односно за правење на една ваква резолуција којашто СДСМ во текот на следната недела ќе ја поднесе до Собранието. Таа резолуција сакаме да биде разгледувана и од експерти и од пошироката јавност, но и очекувам дека во Собранието пратениците ќе имаат слух и ќе го сфатат концептот на црвените линии на таа резолуција за да можеме да го откочиме процесот на евроинтеграција. А, на прашањето дали очекувам да биде пред избори, ние ќе ја поднесеме во предизборниот процес, на Собранието е да одлучи дали тоа ќе биде ставено на дневен ред пред изборите или после изборите…

Што ќе содржи таа резолуција? Единствено што откривте е дека би имало предлог да се прекинат преговорите доколку има нови условувања од Бугарија.

Во делот на резолуцијата работната група сè уште ја изготвува. Јас очекувам дека во следната недела таа резолуција ќе биде дадена на увид на јавноста и таа резолуција ќе биде нешто коешто ќе може да претрпи одредени промени по мислењата на експертската јавност. Но, дефинитивно таа резолуција треба да содржи ставови коишто ќе бидат усогласени и општоприфатени и со тие ставови Македонија да ги продолжи разговорите.

Видете и ова: Прислушувања, обвинувања и сертификати – тајните служби под лупа

Актуелна е и аферата околу прислушувањето и злоупотребите во АНБ. Како партија инсистирате да се декласифицираат информациите. АНБ одби да го направи тоа. Каква разврска понатаму очекувате?

Ние ќе инсистираме и во следниот период на декласификација се со цел јавноста да ја дознае вистината и да видиме што се крие зад тие документи. Законот е јасен, кој класифицира, тој и декласифицира и АНБ тука треба да ја преземе одговорноста. Тука премиерот влезе во една игра со цел да го тргне фокусот од реалните проблеми и секојдневната нефункционалност на системот во државата којашто во последната година ја имаме, тргна да фабрикува некаква афера за којашто се заплетка и сега не знаат како да се отплеткаат.

Единствен начин и за јавноста да дознае и да види што се случувало и да видиме кој кого и зошто следел е едноставно декласификација на сите документи и сметам дека тоа македонската јавност го заслужува. Не е доволно само да се нафрли одредена афера, да проба да се префрли одговорноста од реалните теми на некои теми коишто власта моментално мисли дека треба да ги зборува, а за цена на тоа после тоа да не добиеме како јавност никакви одговори. Нека ги декласифицираат документите, па да биде запознаена целата македонска јавност што е тоа коешто премиерот така помпезно го најавуваше во самата афера.