„Моите родители се разведоа пред четири години, а јас и сестра ми уште од почеток имавме проблем со ненавремено плаќање на алиментацијата. Во моментов, нашиот татко веќе шест месеци доцни со алиментацијата. За нас тоа е неприфатливо, но немаме објаснување за доцнењето“, раскажува за Радио Слободна Европа, Бојана Томашевска од Скопје.
Оваа 22-годишна студентка на Економскиот факултет е дел од младите од еднородителски семејства кои обединети во здружението „Млади од семејна разновидност“ бараат државата да основа алиментациски фонд. Со него практично, државата со буџетски пари ќе ги надомести парите кои родителот не им ги исплаќа на децата за издршка, а потоа ќе си ги наплати тие пари од родителот.
Бојана, која е полнолетна и има право на алиментација до 25 години смета дека основањето на алиментацискиот фонд, всушност би го одржувал и контролирал процесот на навремено плаќање на алиментацијата.
Видете и ова: Тешко до заедничко старателство и преку Граѓански законик„Некои луѓе го одбегнуваат исплаќањето на овие средства за да им ‘вратат’ на поранешните партнери, но на децата им е потребна стабилност и едноставно, мир. Функционирањето на еден ваков фонд ќе им пружи сигурност, особено финансиска“, смета Бојана.
Три пати поднесувана иницијатива
Проблемот со неисплаќање на средствата за алиментација, често настанува поради слабата комуникација на партнерите по разводот или разделбата, вели за РСЕ, Станиша Станковиќ од Кавадарци.
Тој растел само покрај својата мајка, откако неговиот татко починал додека таа била бремена. Како дете на самохрана мајка, добро ги знае проблемите и на децата на разведените родители, но и на децата од вонбрачните заедници каде родителите се разделиле. Токму тие спаѓаат во категоријата на еднородителски семејства, кои како што вели нашиот соговорник, не се правно препознаени како термин.
„Овој термин не е правно впишан, туку произлегува од праксата. Но, терминологијата е најмалиот проблем меѓу сите предизвици пред кои се исправени овие млади“, вели Станиша, кој исто така е дел од здружението „Млади од семејна разновидност“.
Ова здружение неодамна, по трет пат поднесе иницијатива за основање алиментациски фонд преку донесување на посебен закон.
Видете и ова: Барање - државата да субвенционира деца во приватни градинкиИницијативата е поднесена до Министерството за социјална политика, демографија и млади. Претходните два пати пак, е поднесена во 2023 и 2024 година, односно пред реорганизацијата на институциите кога сѐ уште постоеше Министерството за труд и социјална политика.
„Ние предлагаме, секое дете врз основа на неисплатена алиментација, да може да се обрати до тој Фонд. Пред сѐ, ќе мора да се отпочне постапка и да се види дека родителот навистина не ја плаќа алиментацијата. Потоа државата би презела правни механизми со цел да ѝ бидат вратени парите од тој родител кој не плаќал алиментација. Во меѓувреме, во тој временски јаз кога родителот не ја исплаќа издршката за детето, средствата би ги покривала токму државата“, објаснува Станиша.
Според него, институциите сепак треба да бидат особено внимателни за да не завршат овие средства во погрешни раце.
„Средствата може да се исплаќаат на родителот со кој живее детето, или пак, на негова сметка, бидејќи постојат примери каде што и децата имаат сметки во банка. Важно е да не се дозволат злоупотреби за да бидеме сите сигурни дека средствата ќе завршат кај оние кои имаат потреба од нив“, додава тој.
Затворски казни за неплаќање алиментација
Неплаќањето издршка или алиментација во македонското законодавство е кривично дело. Кривичниот законик предвидува парична или затворска казна до една година.
-При изрекувањето условна осуда, судот може на сторителот да му наложи да ги исплати пристигнатите обврски и во иднина уредно да ја плаќа издршката – се вели во член 202 од Кривичниот законик.
По овој основ, Кривичниот суд во Скопје отворил 153 предмети од почетокот на 2023 година до крајот на јуни годинава, покажуваат податоците кои од таму беа доставени до Радио Слободна Европа. Во девет од овие случаи, Судот изрекол ефективна казна затвор.
Така, во 2023-та правосилно стапиле на сила четири затворски казни, но само во една од нив е изречен законскиот максимум од една година. Во истата година, изречени се и три парични казни, но во 2024-та, ниту една.
Сепак, таа година, на сила правосилно стапиле одлуките за три затворски казни од по шест месеци, како и една за едногодишна затворска казна.
Во првата половина од оваа година изречена е една парична и една затворска казна од десет месеци.
Минимално придвижување во казнената политика
Адвокатката, Катерина Котеска Стисниовска за Радио Слободна Европа коментира дека иако е мало, сепак постои некое придвижување во казнената политика во оваа област.
„Порано се изрекуваа само условни осуди за неплаќањето. На родителот му се даваше рок за исплата, па сето тоа траеше премногу долго“, вели м-р Котеска Стисниовска, адвокатка специјализирана за семејно право и семејно насилство.
Видете и ова: (Не)редовни вежби за евакуација во училишта и градинкиСпоред неа, судиите често се во дилема при изрекувањето на една ваква пресуда бидејќи треба да се внимава, казната да не го наруши нејзиното извршување.
„Ако еден родител не заработува доволно и не плаќа издршка постојано, за него изречената парична казна ќе претставува уште поголем товар. Така, уште поголема ќе биде веројатноста дека тој и понатаму не би можел да ја плаќа издршката“, смета Котеска Стисниовска.
Од друга страна пак, вели таа, ако родителот добие затворска казна, прашање е дали воопшто би можел да ги заработи средствата кои ќе треба да ги плати како алиментација за детето.
Како адвокат на оштетените во еден ваков случај, Котеска Стисниовска го добила предметот во кој на осудениот му било наложено да се вработи за да почне да остварува приходи од кои ќе ги исплаќа средствата.
„Меѓутоа, механизмите на проверка за да се исполни една судска пресуда се многу слаби. Ние носиме убава судска пресуда, каде и самата ја добив како адвокат на оштетените. Иако на осудениот во случајот кој јас го добив, му беше наложено да почне постапка за вработување и за материјална стабилност, тука застана целата работа. Проблемот е во институциите кои треба добивајќи една задача, да ја спроведуваат конкретно до самиот крај за да се постигне целта на самата пресуда“, вели соговорничката на РСЕ.
Адвокатката посочува дека неплаќањето на алиментацијата, сѐ почесто се должи и на миграцијата, односно иселувањето од државата. Во ситуација кога не би постоела можност да се наплатат средства од родителот бидејќи на пример, работи во странство, од државниот фонд би се плаќала издршката која е досудена со судска пресуда.
Тоа според неа, е аргумент за оправданоста на алиментацискиот фонд, а институциите би биле „линкот“ кој би посредувал во наплаќањето.
„Институциите треба да создадат доверба кај децата и да знаат дека тие застанале на нивна страна, иако родителот е неодговорен. Да не се дозволи некој да ја избегне обврската за плаќање само затоа што е влијателен или познат. Институциите не треба да дозволат врските и синдромот на мала средина да бидат пречка во остварувањето на правата, особено не на децата“, порачува Котеска Стисниовска.
Државата ќе го решава проблемот со Граѓанскиот законик
Од институцијата до која младите го адресираа барањето за ваквиот Фонд, велат дека во Северна Македонија се работи на нов Граѓански законик кој ќе ги опфати сите основни аспекти на граѓанското право, вклучувајќи го и семејното право.
-Една од новините што се воведуваат во новиот законик е формирање на Фонд за обезбедување на издржување на деца. Истиот е под надлежност на Министерството за правда – наведуваат за РСЕ, од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Висината на сумата која се исплаќа за алиментација, согласно Законот за семејството, ја одлучува Судот земајќи ги предвид имотната состојба на родителот, способноста за работа, можноста за вработување, здравствената положба, како и другите околности од кои зависи оцената за неговите потреби.
Кога издршката се определува за дете судот ќе ја земе предвид и возраста на детето, како и потребите за неговото школување – појаснуваат од Министерството.
Од таму додаваат дека за родителот кој подолго од три месеци не платил за издршка на детето, Центарот за социјална работа може да донесе решение со кое ќе му го ограничи правото да одржува лични односи и непосредни контакти со детето, сѐ додека не ги изврши обврските .
Како е во регионот?
За разлика од овде, децата од земјите од регионот веќе ги добиваат средствата од тамошните алиментациски фондови кога еден од родителите не учествува во нивното издржување.
Законот за привремено издржување на деца од алиментацискиот фонд во Црна Гора стапи на сила во ноември 2022 година, а веќе во текот на следната, биле исплатени средства во износ од над 64.000 евра.
Во ноември 2024 година, Хрватската влада исто така донесе одлука за основање на алиментациски фонд, за што Законот беше изгласан во јуни годинава.
Неколку дена претходно, ваков закон изгласа и Собранието на Република Србија. Максималниот месечен износ кој Србија го исплаќа по овој основ, изнесува околу 22.500 динари, или околу 14.000 денари.