Прекината истрагата против Додик, Стевандиќ и Вишковиќ за „напад на уставниот поредок“ на БиХ

Поранешниот претседател на Република Српска Милорад Додик, поранешниот премиер на РС Радован Вишковиќ и претседателот на Собранието на РС Ненад Стевандиќ

Обвинителството на Босна и Херцеговина ја прекина истрагата против поранешниот претседател на Република Српска Милорад Додик, поранешниот премиер на РС Радован Вишковиќ и претседателот на Собранието на РС Ненад Стевандиќ, кои беа осомничени за кривично дело напад врз уставниот поредок на БиХ, потврдено е за Радио Слободна Европа (РСЕ) на 4 ноември.

Причината за прекинување на истрагата, како што ни беше кажано, е дека „нема доволно докази дека осомничените сториле кривично дело“.

Одлуката за прекинување на истрагата значи дека нема да бидат поднесени обвиненија.

Случајот е формиран на почетокот на годината откако Народното собрание на РС усвои закони со кои се забранува работењето на државните судски и полициски институции на територијата на ентитетот, кои Уставниот суд на Босна и Херцеговина ги прогласи за неуставни.

Видете и ова: Република Српска без легален претседател, Додик одбива да се повлече

Обвинителството тврдеше дека постои основа за сомневање дека тројцата највисоки функционери на Република Српска биле организирани за уривање на уставниот поредок на државата.

Истрагата беше во фокус на јавноста со месеци, а кулминираше во март оваа година, кога Судот на Босна и Херцеговина, поради нивното неодговарање на поканите за сослушување, нареди нивно притворање и издаде централна потерница.

Потерницата важеше од 17 март, а сите полициски агенции во Босна и Херцеговина имаа наредби за нивно притворање.

По неколку месеци избегнување апсење, Додик, во придружба на адвокат на одбраната, доброволно дојде во Обвинителството на Босна и Херцеговина на 4 јули, каде што беше испрашуван како осомничен во врска со истрагата поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „Напад врз уставниот поредок“.

Видете и ова: Дали укинувањето на санкциите против Додик отвора ново политичко поглавје во Босна и Херцеговина?

На тоа рочиште, Судот на Босна и Херцеговина донесе одлука за укинување на притворот, со мерка задолжително периодично пријавување кај надлежниот полициски орган, што повторно му овозможи легално да патува надвор од земјата, односно немаше закана дека може да биде уапсен при преминување на границата.

За кривично дело напад врз уставниот поредок, Кривичниот законик на Босна и Херцеговина предвидува затворска казна до пет години и забрана за вршење јавни функции.

Во меѓувреме, на 18 август, на Додик официјално му беше одземен мандатот како претседател на РС, откако беше законски осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавна политичка функција.

Истиот ден, Радован Вишковиќ поднесе оставка од функцијата премиер на РС.

Ненад Стевандиќ продолжува да ја извршува функцијата претседател на ентитетскиот парламент.