Украинците се подготвуваат за зимата додека Русија ги засилува нападите врз енергетската мрежа

Украински пожарникари гаснат пожар по нападот со дрон во Харков на 7 октомври 2025 година.

Резиме

  • Русија ги засили нападите врз украинскиот енергетски сектор, таргетирајќи ја гасната инфраструктура и електраните пред зимата.
  • Нафтогаз, украинската државна гасна компанија, претрпе значителна штета, со повеќе од 100 напади само оваа година.
  • Украина се соочува со сè поголеми предизвици во обновата на енергетските постројки, придружени со загриженост за снабдувањето со гас и финансиските проблеми за претстојната зима.

Русија на 3 октомври го започна својот, досега најголем, напад врз украинскиот гасен сектор. Една недела подоцна, бран од дронови и ракети предизвика прекини на струја во голем дел од Киев и доведе до прекини на електрична енергија во девет региони низ целата земја.

Во текот на изминатите три зими, Украинците храбро се соочуваа со чести прекини на струја и греење при ниски температури, додека Русија ги таргетираше енергетските постројки во обид да ја уништи економијата и да го деморализира населението.

Сега, со повеќе дронови во својот арсенал и напредок во технологијата за насочување ракети, Русија можеби се обидува оваа зима да ја направи најтешка за Украинците од почетокот на целосната инвазија во февруари 2022 година.

Оваа година, украинската гасна инфраструктура стана многу почеста мета отколку во минатото.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Станбен блок во Киев во пламен по руски напад

Нападот на 3 октомври, кој ја погоди имотната сопственост на државниот Нафтогаз во Харковскиот и Полтавскиот регион, беше најголемиот напад врз гасни постројки досега, изјави извршниот директор на компанијата.

Се случи неколку недели пред почетокот на грејната сезона подоцна овој месец.

„Тоа беше уште една демонстрација на руската злоба, насочена исклучиво кон тоа да им се ускрати на Украинците можноста да ги загреат своите домови оваа зима“, изјави Серхиј Корецки. Нападот оштети „значителен дел од нашите постројки“, додаде тој, посочувајќи дека е уништен дел од критичната инфраструктура.

Нафтогаз минатата година произведе 13,9 милијарди кубни метри природен гас, што претставува речиси три четвртини од вкупното украинско производство. Русија на 5 октомври изврши дополнителни напади врз постројките на Нафтогаз, а два дена подоцна нападна и голема термоелектрана.

Енергија и гас

Во првите три години од војната, Русија се фокусираше на оневозможување на украинската електроенергетска мрежа. Но, откако на 1 јануари истече договорот за испорака на руски гас во Европа преку украинските гасоводи, Москва го насочи вниманието кон украинските капацитети за производство и складирање гас.

Видете и ова: Русија планира да се повлече од договорот за плутониум со САД

Инфраструктурата на Нафтогаз беше погодена повеќе од 100 пати во најмалку 11 одделни воздушни напади во 2025 година. Овие напади претставуваат половина од сите напади врз компанијата од почетокот на целосната инвазија во 2022 година.

Во меѓувреме, украинскиот енергетски сектор – кој во 2024 година претрпе 13 масовни напади со кои беа оневозможени 9 гигавати капацитет за производство на електрична енергија, што е еквивалент на половина од зимската побарувачка – сè уште се наоѓа на радарот на Кремљ.

Ноќните напади на 9 и 10 октомври тешко ја оштетија опремата во термоелектраните во сопственост на ДТЕК, најголемата приватна енергетска компанија во Украина, и тоа беше трет пат нејзините постројки да бидат нападнати во рок од седум дена, соопшти компанијата. Според наводите, нејзините термоелектрани биле нападнати повеќе од 200 пати од почетокот на инвазијата.

И покрај нападите врз Киев на 10 октомври, Москва во последно време главно ги таргетира енергетските постројки во региони поблиску до Русија, како што се пограничните региони Суми и Харкив на североистокот.

Се зголемува штетата, се зголемуваат и заканите

Проценката на Светската банка од декември 2024 година наведува дека украинскиот енергетски сектор дотогаш претрпел штета од 20,5 милијарди долари. Заканата оваа година драматично се зголеми, бидејќи Москва ја зголемува производството на дронови.

Видете и ова: Почна процесот на враќање на надворешното напојување со струја на нуклеарната централа Запорожје

Русија минатиот месец лансирала повеќе од 5.600 ударни дронови, што во споредба со 1.400 во септември 2024 година е четирикратно зголемување. Процентот на руски дронови кои успешно ги погодуваат целите исто така порасна – од едноцифрени вредности минатата година до просек од околу десет проценти.

Претседателот Володимир Зеленски побара од западните партнери да испратат повеќе системи за противвоздушна одбрана со цел да се заштитат украинските градови и критичната инфраструктура. На 10 октомври тој изјави дека 203 енергетски постројки имаат потреба од противвоздушна заштита.

Нападите врз енергетскиот сектор ги соочија Украинците со прекини на струја кои го попречуваат греењето, водоснабдувањето, сообраќајот, како и здравствената заштита и образованието. Експертите велат дека овие последици непропорционално ги погодуваат најранливите групи: постарите лица, жените, семејствата со ниски приходи со мали деца, и милиони внатрешно раселени лица.

Криза следната година?

По три зимски сезони во војна, многу Украинци велат дека се подготвени за потенцијални проблеми со електричната енергија во наредните месеци.

„Сега не правиме никакви посебни подготовки затоа што тоа веќе го сторивме првата зима во 2023 година“, изјави Јулија, раководителка на ланец книжарници во Киев, за украинската редакција на Радио Слободна Европа.

„Имаме инсталирано генератор и електрична единица со батерии“, додаде таа.

Нова мета на Русија: Украинските возови

Ако нападите врз гасната инфраструктура ја загрозат испораката на гас за домаќинствата, тоа би можело да ги влоши зимските проблеми за луѓето кои користат гасни шпорети или бојлери.

Досега, енергетскиот сектор се држи подобро од очекуваното.

Харченко изјави дека смета оти Украина ќе ја преживее зимата без поголема криза, додавајќи дека земјата има доволно природен гас во складиштата. Но, следната година би можела да биде многу полоша поради недостиг на средства.

Русија годинава можеби уништила десетици компресори потребни за транспорт на природен гас.

„Опремата чие испорачување може да трае со месеци чини меѓу два и осум милиони долари“, рече Харченко.

Нафтогаз, кој веќе значително се задолжи кај западните институции за да купи природен гас и да ги покрие увозните потреби на Украина, ќе биде финансиски оптоварен, особено ако Русија продолжи да ја напаѓа неговата инфраструктура.

„Гасот за греење веројатно нема да биде проблем оваа година, но што ќе се случи следната? Нафтогаз потроши многу пари на купување гас и можеби нема да има средства за купување опрема за обнова на производството, ниту за изградба на одбранбени структури за заштита на производството на гас“, изјави Харченко за Радио Слободна Европа.

Борба за поддршка

Минатата година Украина произведе 19 милијарди кубни метри природен гас и потроши околу 22 милијарди, благодарение на блага зима. Побарувачката оваа зима би можела да биде поголема ако температурите паднат, а најновите напади фрлија сенка врз овогодишното производство.

По нападите во февруари, кои привремено запреа дури 40 отсто од производството на природен гас, Украина објави дека планира да увезе 4,6 милијарди кубни метри оваа година за да ги покрие потребите.

Нападот од 3 октомври беше уште поголем поради бројот на дронови и ракети што беа употребени.

Нафтогаз не соопшти колку производство е изгубено, но Bloomberg News, повикувајќи се на неименувани извори, на 9 октомври објави дека неодамнешните напади запреле повеќе од половина од украинското производство.

Видете и ова: Прекини на струја и запалени станови во Источен Киев по руските напади врз енергетски објекти

Министерката за енергетика, Светлана Хринчук изјави на 7 октомври дека Украина сега размислува да го зголеми увозот оваа година за речиси една третина во однос на веќе зголемената бројка. Тоа би значело вкупно речиси шест милијарди кубни метри.

„Сè ќе зависи од тоа колку брзо можеме да ги обновиме постројките. Колку побрзо успееме повторно да ги ставиме во функција, толку помалку гас ќе мора да увеземе“, рече таа.

„Отприлика половина од штетата на гасната инфраструктура веројатно може брзо да се поправи, но за другата половина поправките би можеле да траат со месеци“, изјави Харченко.

Хринчук рече дека е во преговори со европски функционери за увоз на повеќе гас, вклучително и за потенцијално финансирање.