Прекини на струја и запалени станови во Источен Киев по руските напади врз енергетски објекти

Руски напад со беспилотни летала и ракети рано наутро на 10 октомври предизвика пожар во висока станбена зграда во центарот на Киев и ги погоди украинските енергетски објекти, соопштија официјални лица.

Дрон запали станови на 6-тиот и 7-миот кат од висока зграда во централниот округ, изјави Тимур Ткаченко, началник на воената администрација на Киев, додавајќи дека во нападот биле распоредени и беспилотни летала и ракети.

Слики објавени на интернет покажуваат како горат станови, а пожарникари се борат со пожарот.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека девет лица се повредени, а петмина од нив се однесени во болница. Тој рече дека има прекини во електричната енергија во источните области на градот.

„Левиот брег на главниот град е без електрична енергија. Исто така, има проблеми со водоснабдувањето“, напиша Кличко на Телеграм.

Украинските воздухопловни сили го опишаа нападот како „масивен“, бидејќи над главниот град се слушнале повеќе експлозии и звук на беспилотни летала.

Видете и ова: Зеленски вели дека Русија има за цел да посее „хаос“ со енергетски напади

Украинската министерка за енергетика, Свитлана Гринчук, изјави дека нападот погодил и украински енергетски цели.

„Енергетските експерти преземаат сите потребни мерки за да ги минимизираат негативните последици“, напиша Гринчук на Фејсбук и додаде:

„Штом безбедносните услови дозволат, енергетските експерти ќе почнат да ги разјаснуваат последиците од нападот и да спроведуваат реставраторски работи.“

Во југоисточниот град Запорожје, беспилотните летала погодиле неколку цели преку ноќ, при што загина 7-годишно дете, изјави регионалниот гувернер.

„Трагична вест. Седумгодишно момче кое беше рането во ноќен руски напад почина во болница“, рече Иван Федоров на Телеграм.

Федоров претходно изјави дека нападот со беспилотно летало предизвикал најмалку еден пожар во стан.