Вести
Зеленски вели дека Русија има за цел да посее „хаос“ со енергетски напади

Претседателот Володимир Зеленски ја обвини Русија дека сака да посее „хаос“ во Украина со започнување напади врз енергетската мрежа и железничката инфраструктура на неговата земја.
Москва, чии сили ја нападнаа Украина во 2022 година, во последните недели ги засили воздушните напади врз украинските енергетски објекти и железнички системи.
„Задачата на Русија е да создаде хаос и да изврши психолошки притисок врз населението преку напади врз енергетските објекти и железниците“, им рече Зеленски на новинарите, во коментари објавени во четврток, 9 октомври.
Неодамнешните напади се одраз на слични руски бомбардирања во зимите 2022, 2023 и 2024 година, кога нападите оставија милиони Украинци без енергија или греење подолги периоди.
Зеленски рече дека руските напади оваа година веќе ја ставија украинската гасна инфраструктура под „силен притисок“ и дека повеќе напади врз гасната инфраструктура би можеле да ја принудат неговата земја да го зголеми увозот.
Украина неодамна ги засили и сопствените напади со беспилотни летала и ракети на руска територија во кампања за која Зеленски рече дека покажува „резултати“ и која, исто така, ги зголеми цените на горивата во Русија.
„Веруваме дека тие изгубиле до 20 проценти од снабдувањето со бензин - директно како резултат на нашите напади“, рече Зеленски, додавајќи дека има докази дека Русија го зголемила увозот од Кина и Белорусија.
Украина неодамна погоди и електрана во рускиот пограничен регион Белгород, предизвикувајќи прекини во снабдувањето со електрична енергија.
види ги сите денешни вести
Локални избори на Косово: Мирно и демократски со 39 отсто излезност

Централната изборна комисија соопшти дека, според прелиминарните податоци, во првиот круг од локалните избори на Косово, денеска (12 октомври) гласале 39,07 отсто од граѓаните.
На претходните избори излезноста беше 43 отсто - изјави претседателот на ЦИК, Крешник Радониќи.
Радониќи истакна дека на многу избирачки места е започнато броењето на гласовите за кандидатите за градоначалници.
По завршување на овој процес, ќе бидат пребројани и гласовите за членовите на општинските совети.
Невладини организации: Изборниот процес беше мирен и демократски
Коалицијата на невладините организации кои го следеа изборниот процес – Демократија во акција (ДнВ) – соопшти дека процесот поминал мирно и демократски.
Сепак, ДнВ посочи дека за време на гласањето имало одредени неправилности.
„Асистенцијата при гласањето беше многу изразена појава, каде што на многу гласачи – особено жени и млади – им помагаа нивни роднини и други лица. Дополнително, во многу случаи гласањето со асистенција воопшто не беше евидентирано во избирачките списоци“, се наведува во извештајот на ДнВ.
Промената на избирачките места исто така предизвика проблеми кај гласачите, а „голем број граѓани се вратија без да можат да гласаат, бидејќи нивните имиња не биле пронајдени во избирачкиот список“.
„Набљудувачите на ДнВ исто така идентификуваа присуство на промотивни материјали, постери и визит-картички во круг од 100 метри околу избирачките места, а во некои општини било забележано и организирано гласање за групи граѓани“, се наведува во соопштението по затворањето на избирачките места.
Коалицијата на невладини организации ги повика членовите на изборните комисии совесно да ги пребројуваат гласовите, а политичките партии трпеливо и мирно да ги почекаат официјалните резултати.
На локалните избори во сите општини во Косово, вклучувајќи ги и оние со српско мнозинство на северот од земјата, право на глас имаа 2.069.098 гласачи, додека околу 44.000 гласачи беа регистрирани за гласање од странство.
Родителите на починатите во пожарот ги започнаа блокадите на сообраќајот во Кочани

Со блокирање на собраќајот на кружниот тек кај двојниот мост во Кочани родителите на починатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ , денеска (12 октомври) ги започнаа најавените блокади.
Денешната блокадатраеше еден час односно од 15: 15 до 16: 15 часот.
Родителите остануваат на ставот дека блокадите ќе продолжат сѐ додека не почне судењето. Поради изјавите на дел од адвокатите на обвинетите дека судскиот процес може да трае и до 15 години, сметаат дека се подготвува јавноста за одолговлекување и заборавање на случајот.
Претходно, ги повикаа судиите од Кривичниот суд да се мобилизираат и што побргу да го закажат судењето за случајот и обвинетите да седнат на обвинителна клупа.
„Нашето трпение е веќе при крај, се потешко и секој ден се повеќе стрес и виктимизација на жртвите, нашите деца ги убиваат повторно и повторно со нивните изјави на обвинети, на крај ќе излезе дека ние родителите и нашите деца сме виновни“, рече Светлана Стојанова, мајка на починатиот Андреј од Оризари.
Блокадите на кружниот тек на улицата „Стево Теодосиевски“ продолжуваат и утре, најавија родителите на починатите во дискотеката „Пулс“.
Дека ќе организираат блокади, тие најавија вчера за време на „Маршот за ангелите“. Вчерашниот марш беше дваесет и шести по ред, а започна од „Паркот на Револуцијата“ каде и заврши.
Во пожарот во „Пулс“, ноќта помеѓу 15 и 16 март, загинаа 62 лица и над 200 беа повредени.
Менаџментот на Нафтената индустрија на Србија го претстави планот за работа во услови на санкции

Менаџментот на Нафтената индустрија на Србија (НИС) му го претстави на Одборот на директори на компанијаta, извештајот за работењето и планот за работа во услови на важечки санкции од страна на САД, соопшти НИС на 12 октомври.
„Менаџментот на членовите на Одборот на директори им го претстави планот за обезбедување на функционирањето на компанијата во тековните услови и мерките за зачувување на социјалната сигурност на вработените и снабдувањето на пазарот, сè додека ситуацијата со санкциите не биде разрешена од страна на надлежните институции и акционерите“, се наведува во соопштението на НИС.
Состанокот на Одборот составен од 11 членови, чиј претседател е Алексеј Урсов, се одржа на 10 октомври на барање на четворица претставници на Србија во Одборот.
Американските санкции кон НИС, поради мнозинската сопственост од Русија, стапија на сила на 9 октомври.
Санкциите од САД се насочени, меѓу другото, кон спречување на финансирање на војната во Украина преку парите што доаѓаат од руските енергетски компании.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ на 9 октомври изјави дека санкциите ќе имаат сериозни последици за Србија.
Како што рече, без дополнителен доток на нафта, рафинеријата може да работи до 1 ноември.
Тој порача дека Србија е снабдена со резерви на нафтени деривати и дека нема да има проблеми со снабдувањето со гориво до Нова година.
Вучиќ исто така изјави дека Србија продолжува со разговорите со САД и Русија со цел да се најде решение.
Зеленски ја повика меѓународната заедница да дејствува по руските воздушни напади

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски ја повика меѓународната заедница да дејствува, по повеќе од 4.000 руски воздушни напади во текот на оваа недела.
„Москва си дозволува ескалација на своите напади, отворено искористувајќи го фактот дека светот е фокусиран на обезбедување мир на Блискиот Исток“, напиша Зеленски на социјалната мрежа Икс (X).
Тој нагласи дека „не смее да се дозволи слабеење на притисокот“.
„Санкциите, царините и заедничките акции против купувачите на руската нафта – оние што ја финансираат оваа војна мора да останат на маса. Овој пристап може да го отвори патот кон траен мир за Европа. Светот може да го гарантира тоа паралелно со мировниот процес на Блискиот Исток“, напиша Зеленски.
Украина веќе подолго време повикува на санкции, вклучително и против Кина и Индија, кои се меѓу најважните купувачи на руска нафта.
„Русија го интензивираше својот воздушен терор против нашите градови и заедници, засилувајќи ги нападите врз нашата енергетска инфраструктура“, изјави Зеленски.
Само во изминатата недела, како што наведе тој, Русија користела повеќе од 3.100 дронови, 92 ракети и околу 1.360 бомби против Украина.
Властите известија за четворица загинати во Доњецката област.
Извор: ДПА
Камиони со хуманитарна помош влегуваат во Газа

Десетици камиони кои превезуваат хуманитарна помош почнаа да влегуваат во Газа на 12 октомври, откако во петокот стапи во сила договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, пренесува Би-Би-Си.
Претставничката на Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ), Тес Инграм, изјави за Би-Би-Си дека штотуку пристигнала во градот Газа, каде што илјадници Палестинци се враќаат во своите домови. Инграм рече дека е таму за да ги процени потребите на луѓето и да воспостави рути за пристап до помошта.
„Помошта пристигнува во Појасот Газа. Предизвик ќе биде да се осигуриме дека можеме да ја зголемиме таа помош и да ја доставиме што е можно побрзо, бидејќи количините што стигнуваа за време на овој конфликт беа премногу мали“, рече таа.
Таа додаде дека се надева оти денес „ќе биде првиот ден кога ќе видиме зголемување на помошта“ и дека таа мора да стигне до луѓето низ цела Газа.
Според условите на договорот за прекин на огнот, кој беше постигнат со посредство на САД, количината на помош што влегува во Газа треба да се зголеми.
Хамас, кој САД, Европската унија и други земји го сметаат за терористичка организација, се согласи на првата фаза од планот кој предвидува до понеделник, 13 октомври, да ги ослободи сите израелски заложници кои ги киднапираше за време на нападот на 7 октомври 2023 година.
Според договорот, откако заложниците ќе бидат предадени, Израел ќе ослободи 250 Палестинци кои издржуваат долги затворски казни, како и 1.700 притвореници фатени за време на војната.
И покрај договорот, остануваат многу отворени прашања, вклучително и идното управување со разрушениот Појас Газа и судбината на Хамас, кој ги одбива израелските барања за разоружување.
Поведена постапка против три лица за криумчарење луксузни автомобили во државава

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против три лица за кривични дела – Криумчарење и Фалсификување исправи.
Станува збор за осомничени кои се дел од претходно разоткриената шема на дејствија за криумчарење луксузни автомобили од странство преку фалсификување службени и други исправи. Дел од учесниците во оваа шема се претходно обвинети, а против дел се веќе изречени пресуди – соопшти Обвинителството денеска (12 октомври).
За дел пак, како што се посочува, кривичниот прогон е препуштен на Република Бугарија, бидејќи станува збор за тамошни државјани.
-Со акцијата реализирана вчера под координација на јавен обвинител, се обезбедија докази кои даваат основано сомнение дека првиот новоосомничен, во март 2022 година, преку граничниот премин Деве Баир, поттикнал и организирал криумчарење на автомобил Тојота ЦХР, вреден 22.500 евра, кој бил предмет на меѓународна потраг – информираше Обвинителството.
Првоосомничениот притоа, искористил лажни таблички и лажни исправи кои му биле изготвени од лице кое сега е веќе осудено, па го регистрирал и извадил сообраќајна дозвола за возилото.
Од Обвинителството додаваат и дека втората осомничена, во август 2021 година поттикнала двајца бугарски државјани да извршат криумчарење на Лексус НХ300Х, вреден 15.000 евра кој исто така бил предмет на меѓународна потрага.
Автомобилот го презела осомничената со фиктивен договор за купопродажба, а потоа со лажни бугарски таблички и лажни исправи извадил сообраќајна дозвола во земјава, наведуваат од Обвинителството.
Третиот осомничен, се додава во соопштението, е управител на правно лице, кој за потребите на фирмата, на сличен начин, избегнувајќи ја царинската контрола, во државава од Бугарија внел автомобил Ланд Ровер – Рејнџ Ровер Евок, вреден 17.340 евра, со преправен број на шасија, а потоа со целосно лажни документи извадил сообраќајна дозвола за возилото.
Под сомненија за кривично дело – Фалсификување службена исправа постапка е поведена и против две службени лица кои во времето на извршување на дејствијата биле вработени во управните служби на МВР и за кои постојат сомненија дека ги изготвиле и ги издале сообраќајните дозволи.
За тројцата осомничени за криумчарење надлежниот јавен обвинител до судот поднесе предлог за определување мерка притвор.
За едниот од нив кој во моментов е надвор од државата, ќе биде предложена притворска мерка која ќе започне да се применува од неговото пронаоѓање и лишување од слобода, се наведува во соопштението.
Израел најавува дека ќе ги уништи сите тунели во Газа

Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац изјави на 12 октомври дека израелската војска ќе ги уништи сите тунели на Хамас во Газа по ослободувањето на заложниците кои се наоѓаат на таа палестинска територија.
На третиот ден од примирјето меѓу Израел и Хамас, Кац во соопштение нагласи дека овие операции ќе се спроведуваат во рамките на „меѓународен механизам, под надзор на САД“.
„Голем предизвик за Израел по фазата на враќање на заложниците ќе биде уништувањето на сите терористички тунели на Хамас во Газа“, рече Кац и додаде дека ѝ наредил на војската да се подготви за таа мисија.
Палестинската милитантна група Хамас има мрежа на тунели под Газа, што им овозможува на нејзините борци да дејствуваат надвор од видикот на израелските сили.
Израел тврди дека многу од тие тунели биле уништени за време на повеќе од двегодишната војна, која беше предизвикана од нападот на милитантното движење врз Израел на 7 октомври 2023 година.
Кац изјави дека остатокот ќе биде уништен во рамките на разоружувањето и демилитаризацијата на Хамас, што е предвидено во следните фази од планот за примирје, кој е поддржан од САД.
Хамас се согласи на првата фаза од планот, која доведе до прекин на огнот на 10 октомври, а во понеделник, на 13 октомвр би требало да бидат ослободени 48 израелски заложници — живи и починати.
Според договорот, откако ќе бидат предадени заложниците, Израел ќе ослободи 250 Палестинци кои отслужуваат долги затворски казни, како и 1.700 притвореници фатени за време на војната.
Договорот исто така предвидува секојдневен влез на стотици камиони со храна и медицинска помош во Газа.
Извор: АФП
Почнува постепената имплементација на Системот за влез/излез во Шенген зоната

Од денеска 29 земји членки на Шенген зоната ќе започнат со постепено воведување на новиот дигитален Систем за влез/излез (ЕЕС) на граничните премини на нивните надворешни граници.
Со стапувањето во сила на ЕЕС системот земјите членки на Шенген зоната ќе започнат со електронско регистрирање на податоците на државјаните на трети земји што не се дел од ЕУ, меѓу кои и македонските граѓани, кога ги преминуваат надворешните шенгенски граници за престои до 90 дена.
Имплементацијата на системот на сите копнени премини, аеродроми и пристаништа треба да заврши во период од шест месеци.
За време на периодот на постепено воведување на ЕЕС, земјите членки на Шенген зоната можат самостојно да одлучат на кои гранични премини ќе го имплементираат системот и кога. Целта на ваквиот пристап е да им се овозможи на граничните власти, транспортната индустрија и патниците да се прилагодат на новите процедури.
По истекот на шесте месеци, односно од 10 април 2026, ЕЕС системот ќе треба да се применува на сите гранични премини, а процедурата на ставање печати во пасошите ќе биде заменета со електронски записи во системот.
Во текот на шестмесечниот транзициски период на ЕЕС практиката на ставање печати во пасошот ќе продолжи.
Со ЕЕС се очекува да се обезбедат веродостојни податоци за граничните власти, што ќе им овозможи систематски да откриваат лица кои го пречекоруваат дозволениот период за престој, како и случаи на измама со патни документи и идентитет.
Според Европската комисија, со целосното автоматизирање на гранични проверки ќе се обезбеди полесно и побезбедно минување на границите за сите.
Со новиот систем ќе се регистрираат податоци за пасошите на државјаните од земји кои не се членки на ЕУ, ќе ми бидат фотографирани лицата и ќе им бидат земани отпечатоци од прстите при нивното прво преминување на граничните премени по имплементацијата на ЕЕС. При секое наредно преминување ќе биде потребна само брза верификација на нивниот идентитет преку ЕЕС системот.
Новиот систем ги исполнува највисоките стандарди за заштита на податоците и приватноста, осигурувајќи дека личните податоци на патниците ќе бидат заштитени и безбедни.
Во пресрет на почетокот на имплементацијата на ЕЕС системот, македонското Министерството за внатрешни работи им препорача на сите наши граѓани кои од денеска планираат да патуваат во земја од Шенген зоната да се запознаат со новите правила и процедури, со цел да се осигурат дека нивните патувања ќе бидат навремени, безбедни и без непотребни одлагања.
Пакистан ја затвори границата со Авганистан по размената на оган

Пакистан денеска (12 октомври) ги затвори граничните премини со Авганистан, соопштија пакистанските власти по размената на оган меѓу силите на двете земји.
Авганистанските трупи во саботата вечерта отворија оган кон пакистанските гранични премини, а Министерството за одбрана на Авганистан соопшти дека тоа било одмазда за пакистанските воздушни напади врз Авганистан претходно во неделата.
Пакистан соопшти дека возвратил со артилериски напади и дека размената на оган завршила во неделата наутро.
Двата главни гранични премини меѓу Пакистан и Авганистан — во Торкам и Чаман — се затворени, соопштија локалните власти, додавајќи дека се затворени и најмалку уште три помали премини.
Од Кабул не го коментираа затворањето на границата. Министерството за одбрана на Авганистан претходно соопшти дека нивната операција завршила на полноќ по локално време.
„Не постои никаква закана на ниту еден дел од територијата на Авганистан“, изјави во неделата портпаролот на талибанската влада, Забихулах Муџахид.
Границата меѓу Авганистан и Пакистан е долга 2.600 километри.
Исламабад ја обвинува талибанската администрација дека крие милитанти кои напаѓаат кон Пакистан, што Кабул го негира.
Пакистанските воздушни напади, кои Исламабад официјално не ги потврди, на 9 октомври беа насочени кон лидерот на милитантната група Техрик-е-Талибан Пакистан (ТТП) во Кабул, но не е познато дали тој е убиен.
ТТП се бори да ја собори владата во Исламабад и да ја замени со строг исламски систем на владеење. Има блиски врски со авганистанските талибани.
Вучиќ: Недостигот на долгорочен договор за гас со Русија е многу лоша порака за Србија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави во саботата дека новиот гасен аранжман што Русија ѝ го понудила на Србија – односно продолжување на постојниот само до крајот на годината – е „многу разочарувачка вест“ и „многу, многу лоша порака“.
Три години по почетокот на руската инвазија на Украина, Србија сè уште е енергетски зависна од Русија.
Вучиќ, во телефонско вклучување во програмата на ТВ Информер, појасни дека очекувал потпишување на тригодишен договор за снабдување со гас уште во мај, и дека српската страна во преговорите била „повеќе од фер и чесна“.
„Тие со тоа сакаат да ни порачаат: 'ако вие тргнете кон национализација на НИС или било што друго, ние можеме да го прекинеме гасот на 31 декември'. И тоа за мене е многу, многу лоша порака во секој поглед, не затоа што планиравме национализација – бидејќи ако навистина планиравме, сè уште немаше да имаме санкции“, изјави Вучиќ.
Примената на американските санкции кон Нафтената индустрија на Србија (НИС) започна во четврток, на 9 октомври.
НИС беше ставена на листата на санкции на САД поради таканаречениот „секундарен ризик“, односно поради мнозинското руско сопствеништво.
Санкциите на САД се насочени, меѓу другото, кон спречување на финансирањето на војната во Украина, преку парите што доаѓаат од руските енергетски компании.
Според тврдењата на Вучиќ, американски претставници му предложиле Србија да го национализира НИС и на тој начин да ги избегне санкциите, но тој, како што вели, го одбил тој предлог.
„Тоа е последното нешто што можеме и сакаме да го направиме“, изјави тој.
Претседателот на Србија исто така рече дека државата ќе „преземе мерки“ поради санкциите кон НИС, а дека во понеделник ќе ѝ изнесе на руската страна „нови идеи“ поврзани со санкционираното претпријатие. Не прецизираше за што точно станува збор.
Претходно беше објавено дека Вучиќ ќе се сретне со Александар Ѓуков, претседател на Извршниот одбор на Газпром њефт — руската компанија која во моментов има 44,9% удел во НИС.
Министерката за енергетика: Од руската страна не слушнавме ниту план ниту програма за НИС
Министерката за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, изјави во саботата дека ден претходно бил одржан вонреден состанок на Одборот на директори на НИС, по иницијатива на српските членови на одборот, но дека при таа прилика не бил претставен планот на менаџментот за работењето на компанијата.
„Очекувавме да слушнеме каков е планот на менаџментот и на компанијата за работењето во наредните три, четири, пет или шест месеци. За жал, тој план не го слушнавме. Не слушнавме ниту план, ниту програма. И тоа е загрижувачки“, изјави Ѓедовиќ Хандановиќ.
Во гостување на Радио-телевизијата Србија (РТС), таа рече дека Србија во наредните денови очекува да го слушне „планот на руските партнери“.
„Претходно разговаравме со руските партнери, нивниот план беше да чекаат да заврши војната (во Украина), да дојде до договор (меѓу Русија и САД), што би влијаело на санкциите, но сведоци сме дека тоа не се случи, санкциите се воведени“, рече таа.
На прашањето дали веќе се трошат домашните резерви на гориво, Ѓедовиќ Хандановиќ рече дека очекува нова испорака од 50.000 тони деривати кои веќе се платени, дека има доволно резерви и дека граѓаните не треба да се грижат.
Амбасадорот на Русија: Ќе направиме сè за граѓаните да не ги почувствуваат последиците
Амбасадорот на Русија во Белград, Александар Боцан-Харченко, изјави дека Русија е свесна дека санкциите кои САД ги воведоа кон НИС претставуваат сериозен проблем, но дека „ќе направат сè“ граѓаните да не ги почувствуваат последиците и енергетската безбедност на Србија да не биде загрозена.
„Свесни сме дека (санкциите) ќе донесат одредени потешкотии во работењето на НИС, но ќе направиме сè ситуацијата да се реши на најдобар можен начин“, изјави тој во интервју за весникот Политика.
Амбасадорот на Русија рече дека компанијата ги презела сите неопходни мерки и се подготвила за вакво сценарио, дека има доволно резерви, така што не се очекуваат сериозни нарушувања на пазарот, ниту недостиг од гориво.
„Сигурен сум дека и оваа зима во домовите во Србија ќе биде топло, без разлика на сите потешкотии што ги носат санкциите“, рече Боцан-Харченко.
Тој додаде и дека односот на Русија кон Србија и „личното разбирање“ меѓу Вучиќ и претседателот на Русија, Владимир Путин, прават да „ова не е само ’капка во морето’, туку стратешко партнерство и одговорност“.
Официјален Белград ни три години по почетокот на руската инвазија врз Украина не се усогласи со западните санкции против Москва, и покрај повиците и предупредувањата од Европската унија, кон чие членство Србија тежнее, и од Соединетите Американски Држави.
Зависноста од руските енергенси беше еден од клучните аргументи за ваквиот став.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете