Најмалку еден загинат и десетици повредени во руски напад со дрон врз воз во Украина

Фотографија од од уништениот воз објавена на интернет од украинските воени власти во Суми на 4 октомври.

Најмалку едно лице загина, а десетици се повредени откако руски дрон погоди патнички воз во Украина, предизвикувајќи непознат број жртви во најновиот напад врз цивилна цел, во тековната инвазија на Кремљ.

Возот сообраќал на редовна линија од Шостка до Киев, во североисточниот регион Суми.

„Тоа беше целен напад врз цивилен објект – десетици луѓе во тој момент се качуваа во возовите“, напиша регионалниот гувернер Олег Хрихоров на Телеграм.

Видео објавено на социјалните медиуми покажува како патнички вагон на украински железници е во пламен и над него се издига црн чад.

Хрихоров наведе дека по првиот напад, втор руски дрон кружел над железничката станица. „Потоа Русите извршија втор напад“, додаде тој.

Русија систематски ја напаѓа железничката инфраструктура на Украина, обидувајќи се да ја парализира логистиката, вклучително и транспортот на воен товар.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на социјалните медиуми напиша дека „веќе е познато дека десетици луѓе се повредени“.

„Ова е терор што светот нема право да го игнорира. Секој ден, Русија одзема човечки животи. И само сила може да ги принуди да запре ова. Слушнавме силни изјави од Европа и Америка и крајно време е тие да станат реалност“, напиша Зеленски.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, исто така, го осуди нападот.

„Шокантните сцени од железничката станица во Шостка ја покажуваат неодговорноста на Русија и нејзината подготвеност да продолжи да ги таргетира цивилите. ЕУ и нејзините глобални партнери мора да продолжат да го зголемуваат притисокот врз Русија сè додека конечно не се согласи на праведен и траен мир“, порача Фон дер Лајен.

Нападот доаѓа во време кога надежите за мир изгледаат далечни додека целосната инвазија на Русија се приближува кон четвртата годишнина.

Додека напорите на САД за посредување во мировен договор донесоа мал напредок; позициите на Украина и Русија остануваат далечни. Американскиот претседател Доналд Трамп досега не успеа да организира трилатерален самит или средба лице в лице меѓу рускиот и украинскиот претседател, при што Москва се обидува да избегне директни разговори.

Видете и ова: Француски новинар убиен во напад со дронови во Украина, обвинета е Русија

Претходно на 4 октомври, украинската војска објави дека изминатата ноќ имало руски напади со 109 дронови „Шахед“, „Гербер“ и други видови, како и три балистички ракети „Искандер-М/КН-23“.

Украина ја напаѓа руската нафтена индустрија

Во меѓувреме, во текот на ноќта меѓу 3 и 4 октомври, украинските дронови ја погодија една од најголемите рафинерии за нафта во Русија, индустријата која е клучна за финансирање на војската на Кремљ.

Рафинеријата за нафта која се наоѓа во Кириши во рускиот Ленинградски регион, веќе неколку пати беше мета на украински напади.

„Во објектот се регистрирани експлозии и пожар. Резултатите од штетата се утврдуваат. Рафинеријата за нафта Кириши е една од најголемите на територијата на земјата агресор. Нејзиниот годишен капацитет е 18,4 милиони тони преработка на нафта годишно“, се вели во соопштението на украинскиот Генералштаб.

Гувернерот на Ленинград, Александар Дрозденко, на социјалните медиуми напиша дека воздушната одбрана работи на спречување беспилотни летала над Кириши и наведе дека има пожар во индустриската зона, а противпожарните служби се борат со огнот.

Во последните месеци, Киев ги интензивираше нападите врз руската енергетска инфраструктура, кои се чини дека предизвикуваат недостиг на гориво и зголемување на цените во Русија.

Видете и ова: Русија и Украина продолжуваат со меѓусебни напади врз енергетската инфраструктура

На 3 октомври во гувернерот Евгениј Солнцев од регионот на Орск во Русија, кој се наоѓа на приближно 1.400 километри од линиите на фронтот во Украина, рече дека „непријателски беспилотни летала“ нападнале локален индустриски објект.

Голем број видеа објавени на социјалните медиуми, кои РСЕ ги потврди, прикажуваат како голем чад се издига од локалната голема рафинерија за нафта. Подоцна истиот ден, Украинската безбедносна служба (СБУ) потврди дека нејзини беспилотни летала го извршиле нападот.