ЕУ е загрижена за владеењето на правото во Северна Македонија и земјите од регионот

Седиште на Европската комисија во Брисел (фотоархива).

Европската Унија (ЕУ) останува загрижена за владеењето на правото во земјите-кандидатки, иако има опиплив напредок во оваа област, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос на 16 септември.

„Продолжува мешањето во судските постапки, притисокот врз службените лица кои истражуваат корупција и политизацијата на медиумските регулаторни тела, што е неприфатливо“, рече Кос пред новинарите на конференцијата на Советот за општи работи на ЕУ, а по дискусијата на министрите од неколку земји-членки и земји-кандидатки за владеењето на правото во ЕУ.

Со Советот моментално претседава Данска, а нејзината министерка за европски прашања Мари Бјер изјави дека владеењето на правото во ЕУ во моментов е нејзина најважна вредност.

Бјер изјави дека за време на дискусијата, министрите разговарале за состојбата на владеењето на правото во земјите од Западен Балкан, со осврт на извештајот објавен на оваа тема од страна на Европската комисија (ЕК) во јули годинава.

Видете и ова: Ако нема реформи до 2027, парите од Планот за раст ќе се вратат во ЕУ

На дискусијата на Советот на ЕУ присуствуваа и министрите за европски интеграции на Србија, Албанија, Црна Гора и Северна Македонија.

Министерот за европски прашања на Северна Македонија, Орхан Муртезани, во обраќањето рече дека извештајот за владеење на правото 2025 за Северна Македонија потврдува реален напредок, но и дека истовремено остануваат предизвици кои не смеат да се игнорираат.

„Владеењето на правото не е само услов за членство, туку основа врз која се гради довербата меѓу институциите и граѓаните. Реформите во оваа област се од заеднички интерес, бидејќи посилните институции и поголемата доверба во правдата придонесуваат за стабилност и развој не само во Северна Македонија, туку и во целиот регион“, посочил министерот.

Еврокомесарката Кос порача и дека членките на ЕУ се потпираат на владеењето на правото, кое вклучува независно судство, избори и медиуми, и дека земјите кои се стремат кон членство, но не можат да гарантираат одредено ниво на владеење на правото, не можат да се приклучат кон Унијата.

Таа, исто така, изјави дека земјите од Западен Балкан во моментов се „во центарот на процесот на проширување“ и дека владеењето на правото им гарантира слобода и сила во тој процес.

„Јасно е дека ако кандидатите не го почитуваат спроведувањето на владеењето на правото во своите земји, тие нема да можат да бидат членки на Унијата“, рече Кос.

Бјере и Кос, исто така, разговараа за воведување дополнителни санкции кон Русија, и заклучија дека е потребна посилна европска поддршка за Украина, како и посилен отпор кон Русија.

Видете и ова: Кремљ сака да ја „олади“ руската економија и зошто тоа би можело да биде проблем?

„Русија е закана за ЕУ. Треба да покажеме решителност и да извршиме дополнителен притисок врз неа“, рече Бјере.

Од сите земји од Западен Балкан, само Србија не се приклучи на санкциите на ЕУ против Русија. Високите претставници на Србија продолжуваат да одржуваат блиски односи со Кремљ, и покрај повиците од Брисел дека Србија е должна, како земја-кандидат за членство во ЕУ, постепено да ја усогласува својата надворешна и безбедносна политика со онаа на ЕУ.