Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека американската војска извршила напади врз три нуклеарни постројки во Иран - Фордоу, Натанц и Исфахан - и дека авионите што ја извршиле мисијата веќе се на пат да се вратат во Соединетите држави.
„Го завршивме нашиот многу успешен напад врз три нуклеарни постројки во Иран, вклучувајќи ги Фордоу, Натанц и Есфахан“, напиша Трамп во објавата на 21 јуни на социјалните мрежи.
„Сите авиони сега се надвор од иранскиот воздушен простор. Голем број БОМБИ беа фрлени врз главниот објект, Фордоу. Сите авиони се безбедни, на пат кон дома“.
„Мир преку сила“
Во кратката изјава од Белата куќа по објавувањето на нападите, Трамп му порача на Иран дека сега мора да направи прекин на огнот. Ако тоа не се случи, тој се закани со „многубројни“ напади врз Иран.
Трамп му се заблагодари на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, велејќи дека „работиле како тим, можеби подобро од кој било тим досега“, и дека направиле голем чекор кон „бришење на оваа ужасна закана за Израел“.
„Претседателот Трамп и јас често велиме: „Мир преку сила“. Силата е на прво место, а потоа мирот“, рече Нетанјаху, пофалувајќи ја американската помош.
Објавата на претседателот Трамп за „воената операција во Иран“
Израелскиот јавен радиодифузен сервис КАН цитираше израелски официјален претставник дека нападите биле извршени во целосна координација со Вашингтон.
Намалувајќи ги нападите, иранската државна телевизија соопшти дека нуклеарниот материјал бил отстранет од три локации пред да бидат нападнати.
Иранската организација за атомска енергија потврди дека „непријателот“ ги нападнал нуклеарните постројки во Фордоу, Натанц и Исфахан.
Таа ги нарече нападите „варварски“ и кршење на меѓународното право, додавајќи дека нема да дозволи нејзината „национална индустрија“ да биде запрена.
Видете и ова: Трамп ќе одлучи дали ќе го нападне Иран во следните две неделиТрамп претходно разговараше за можноста за директно американско воено вклучување во конфликтот меѓу Израел и Иран.
Најавата дојде само два дена откако Трамп рече дека ќе одлучи „во рок од две недели“ дали да му се придружи на Израел во нападите врз Иран за уништување на неговите нуклеарни постројки.
Загриженост кај меѓународниот фактор
Саудиска Арабија изрази „голема загриженост“ по американските воздушни напади врз нуклеарни постројки во Иран.
„Кралството Саудиска Арабија со голема загриженост ги следи случувањата во сестринската Исламска Република Иран, претставена со американското таргетирање на иранските нуклеарни постројки“, објави саудиското Министерство за надворешни работи на X.
Катар, дом на најголемата американска воена база на Блискиот Исток, најави дека стравува од сериозни последици по американските воздушни напади врз нуклеарни постројки во Иран.
Министерството за надворешни работи соопшти дека „предупредува дека сегашната опасна ескалација во регионот може да доведе до катастрофални последици и на регионален и на меѓународен план“.
Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика, Каја Калас, во неделата повика на деескалација и враќање на преговорите откако САД извршија напади врз иранските нуклеарни постројки.
Ги повикувам сите страни да се повлечат, да се вратат на преговарачката маса и да спречат понатамошна ескалација“, напиша Калас на мрежата Х.
Таа додаде дека на Иран не смее да му се дозволи да развие нуклеарно оружје и дека министрите за надворешни работи на ЕУ ќе разговараат за ситуацијата во понеделник.
Кремљ: Путин не планира да разговара со Трамп по американскиот напад врз Иран
Кремљ во неделата објави дека рускиот претседател Владимир Путин не планира да разговара со американскиот претседател Доналд Трамп по американскиот напад врз иранските нуклеарни постројки, објави Ројтерс.
Кремљ додаде, како што јави руската државна новинска агенција ТАСС, дека телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин може брзо да се организира.
Русија остро ги осудува американските напади врз Иран
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека Русија најостро ги осудува американските напади врз иранските нуклеарни постројки.
„Неодговорната одлука територијата на суверена држава да се подложи на ракетни и бомбашки напади, без разлика какви аргументи може да се изнесат, флагрантно го крши меѓународното право, Повелбата на Обединетите нации и резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации“, се вели во соопштението на Министерството.
„Повикуваме на прекин на агресијата и на зголемени напори за создавање услови за враќање на ситуацијата на политички и дипломатски пат“, додаваат од руското министерство.
Видете и ова: Нови ракетни напади меѓу Иран и Израел: Техеран нема да преговара додека Тел Авив напаѓа„Американското воено вмешување би било многу, многу опасно за сите“
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан претходно на 21 јуни изјави дека Иран нема да ја запре својата нуклеарна програма „под никакви околности“, додека иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи предупреди дека американското воено вмешување „би било многу, многу опасно за сите“.
Аракчи, говорејќи на маргините на состанокот на Организацијата за исламска соработка во Турција, рече дека Иран е отворен за понатамошен дијалог, но нагласи дека Иран нема интерес да преговара со САД додека Израел продолжува со своите напади.
Видете и ова: Пакистан ќе го номинира Трамп за Нобелова награда за мирВо телефонскиот разговор со францускиот претседател Емануел Макрон, Пезешкијан рече дека Иран е „подготвен да разговара и да соработува за да изгради доверба во областа на мирољубивите нуклеарни активности“.
Иран вели дека сите опции се отворени по американските напади
Иран соопшти дека ги задржува сите опции за одбрана по американските напади за кои претседателот Доналд Трамп рече дека ги „уништиле“ клучните ирански нуклеарни постројки.
„Настаните од утринава се скандалозни и ќе имаат трајни последици“, изјави иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи.
Тој изјави дека американските напади се „сериозно кршење“ на повелбата на ОН, меѓународното право и Договорот за неширење на нуклеарното оружје.
„Иран ги задржува сите опции да го брани својот суверенитет, интереси и народ“, објави Аракчи на X.
Инвеститорите се подготвуваат за скок на цената на нафтата
Американскиот напад врз иранските нуклеарни постројки може да ги зголеми цените на нафтата и да предизвика импулсивен бегство кон сигурни инвестиции, велат инвеститорите, додека проценуваат како најновата ескалација на тензиите ќе влијае на глобалната економија, објави Ројтерс.
Реакцијата на берзите на Блискиот Исток, кои се отворени во недела, сугерира дека инвеститорите претпоставуваат бенигно сценарио, и покрај тоа што Иран ги интензивира ракетните напади врз Израел како одговор на ненадејното вклучување на САД во конфликтот.
Инвеститорите рекоа дека очекуваат учеството на САД во конфликтот да предизвика распродажба на акциите и можна побарувачка за доларот и други безбедни средства кога ќе се отворат главните пазари во понеделник, но исто така рекоа дека останува голема неизвесност во текот на конфликтот.
Извештај според објавите на АФП, АП, Ројтерс, РСЕ