Достапни линкови

Ќе нè изгорат ли и оваа зима сметките за струја?


Илустрација
Илустрација

Во иницијатива до Уставен суд, Дениз Мустафаоглу од заедницата Инженери бара судиите да ја оценат уставноста на „паушалните фактури“ - тие што не се засноваат на реално измерени вредности од струјомерите. Уставниот суд формираше предмет. Од ЕВН велат дека редовно се отчитани 95 отсто од броилата. Од почетокот на 2025 година до 20 август до РКЕ пристигнале 770 жалби за сметки за струја, речиси девет пати повеќе отколку лани.

Уставен суд формира предмет по иницијативата за преиспитување на паушалните сметки за струја што на 18 август ја поднесе Дениз Мустафаоглу, член на неформалната заедница „Инженери на Република Македонија“, потврдија од Уставниот суд за Радио Слободна Европа.

Во иницијативата, Мустафаоглу бара судиите да ја оценат уставноста на „паушалните фактури“, односно оние кои не се засноваат на реално измерени вредности од струјомерите, туку, потрошувачката на електрична енергија е предвидена или проценета.

„Во тек е претходна постапка во која се испитуваат податоците и известувањата потребни за донесување на одлука. По завршувањето на претходната постапка предметот ќе биде ставен на седница за дискусија и одлучување“, велат од Уставен суд.

Подносителот на иницијативата смета дека паушалните сметки во многу случаи се повисоки од реалната потрошувачка, што според него значи дека „ЕВН Македонија остварува дополнителна добивка, а граѓаните трпат директна финансиска штета“.

„Домаќинства во цели станбени блокови во градското подрачје на Скопје месецов добија фактури со ознака „М“, што значи дека сметките се изготвени врз основа на проценета, а не врз основ на реална состојба на струјомерите. Ова не кореспондира со изјавите на претставниците на ЕВН искажани на подготвителната седница на Регулаторната комисија за енергетика на 11 април 2025 година, каде тие тврдеа дека редовно отчитување се врши во над 90 отсто од случаите, а дека нередовности може да има само во рурални, оддалечени или недостапни места“, вели Мустафаоглу за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Тој и други инженери правеле анализи на сметки за струја на граѓани затоа што се сомневале дека сметките не се соодветни на реалната потрошувачка.

„Воочивме неколку типични проблеми: кај дел од граѓаните беа испраќани паушални фактури наместо фактури засновани на реална состојба на броилото. Кај други, порамнувањето на целокупната потрошувачка се вршеше во еден ден или месец, што ги втурнуваше граѓаните во повисоки тарифни блокови и значително им ги зголемуваше сметките. Имаше случаи кога на граѓани не им беше овозможен визуелен пристап до струјомерот, па не можеа да ги споредат бројките со истите од фактурата. Имаше и случаи каде часовникот на струјомерот не соодветствуваше со реалното време, периодите на ниска (евтина) тарифа не кореспондираа со оние кои струјомерот ги бележи, па граѓаните плаќаат поскапо иако трошеле економично“, вели Мустафаоглу.

ЕВН: Бројот на отчитани броила се зголеми на 95 отсто

Од ЕВН, пак, велат дека Електродистрибуција редовно ги отчитува броилата. Според нивните бројки, месечното отчитување на броилата низ целата држава е 85 отсто, а овој процент се зголемил на 95 отсто во рок од три месеци.

„Во тие 15 отсто неотчитани броила на месечно ниво влегуваат непристапни затворени мерни уреди и корисници во одделни рурални средини кои не се пристапни во текот на целата година. Истите се отчитуваат во првата дадена можност“, пишува во одговорот од ЕВН до РСЕ.

Според компанијата, тоа директно придонесува за да бројот на корекции на фактура биде мал низ годините. Од 1 јануари 2025 до сега се направени корекции за 0,60 отсто од базата на корисници, поголемиот дел во грејната сезона. Лани во истиот период биле направени корекции за 0,62 отсто од истата база на корисници.

Зимава, граѓани реагираа до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и бараа корекции на фактурите сомневајќи се дека платиле повеќе од што потрошиле.

Од почетокот на 2025 година до 20 август до РКЕ пристигнале вкупно 770 жалби за сметки за електрична енергија. Од нив, вкупно 264 (34.29 отсто) биле корегирани од страна на ЕВН Хоме.

Граѓаните имаат право да се обратат до ЕВН за корекција на сметката. Ако не се здоволни од одговорот, следната станица е Регулаторната комисија за енергетика.
РКЕ има уважено 40 (5,19 отсто) жалби, според бројките што ги добивме од компанијата.

„Станува збор за оформени предмети за фактури за електрична енергија што веќе биле корегирани од операторот на дистрибуција, но по детална анализа - РКЕ побара повторна корекција за да се обезбеди целосна регулаторна усогласеност со правилата и тарифниот систем“, велат од РКЕ.

Повеќе од половина (вкупно 386) од пристигнатите жалби се одбиени,затоа што било утврдено дека фактурите се изготвени врз реално отчитана состојба. Седум потрошувачи ги повлекле жалбите, а за 73 треба да се докомплетира документацијата.

Во цела ланска година РКЕ добила речиси девет пати помалку жалби од тие во првите осум месеци на 2025 - само 89. Осум од нив биле усвоени.

Со измените, броилата треба да се отчитуваат најмалку еднаш квартално

По реакцијата на граѓаните и голем број поплаки од потрошувачите дека броилата се читаат паушално и сметките се повисоки, РКЕ направи измена на Правилата за снабдување со електрична енергија. Измената е во тоа што броилата треба да се се отчитуваат најмалку еднаш квартално во текот на годината.

Се разговара и да се одбележат видливо фактурите со П ( прогнозирана ) или О (отчитана) - за потрошувачите да имаат увид дали сметката е изработена врз реална или врз прогнозирана потрошувачка.

Минатата зима граѓани добиваа натпросечно високите сметки за струја, дури и за 300 насто. Помош бараа од ЕВН, од Регулаторна комисија и од Народниот правобранител.

Поради тоа, сметките за струја беа тема и на политички обвинувања меѓу власта и опозицијата. СДСМ ја прозва власта дека ги укинала субвенциите поради што граѓаните плаќаат повисоки сметки. Пратеничката група на Социјалдемократите во февруари поднесе и предлог законски измени со кои данокот за електрична енергија ќе се намали од 18 на 5 отсто, а би се укинало и ДДВ-то за основните прехранбени производи.

Ваквиот предлог не доби поддршка од власта. Пратеници на владејачкото мнозинство ја обвинија опозицијата дека во нејзино владеење била покачена цената на струја, додека сега таа е стабилна.


XS
SM
MD
LG