Како да изгоре речиси целата шума на Водно - толку е штетата на планината Готен, вели Звонко Ангелов, технички раководител во „Плачковица“, подружницата на Јавното претпријатие „Национални шуми“ во Радовиш во чија околина избувна овој пожар - најголем во летото 2025 година.
Десетина дена кон крајот на јули и почетокот на август пламтеше огнот на Готен, на тромеѓето меѓу општините Василево, Берово и Радовиш. На терен беа ангажирани повеќе од 120 пожарникари и специјални армиски единици, два хеликоптера на МВР и чешкиот „блек хок“.
Во критични денови се формираше жива одбрана од доброволци и месно население за заштита на селата и на имотите.
„Кај нас, тоа беше најголем пожар во овие 37 години, колку јас што работам во шумарството“, вели Ангелов за Радио Слободна Европа(РСЕ).
На Готен вкупно се опожарени 1.948 хектари. Целосно изгореле 350 квадратни метри дрвна маса, според податоците што ги сподели Ангелов. Проценетата штета е 13.760 милиони денари(околу 224 илјади евра) - но се очекува да биде и поголема.
Освен на Готен, летово избувнаа стотина пожари во речиси сите делови на државата.
Во периодот од 1 мај до 30 септември е опожарена површина од 17.107 хектари, според одговорот што РСЕ го доби од „Национални шуми“.
За споредба, тоа е површина колку четири дојрански езера.
Од нив, 15.180 хектари се шуми. Во вкупно 135 шумски пожари е опожарена дрвна маса од 279.364 кубни метри. Проценетата штета е 3.056.047.167 денари, според одговорот од „Национални шуми“ за РСЕ.
Или, во петте месеци од мај до септември изгорела шума вредна 50 милиони евра.
2024 година е најкатастрофална по причинета штета во периодот 2020- 2025 година затоа што лани имало најголема опожарена површина и најмногу опожарена дрвна маса, според проценките на „Национални шуми“.
Три „Ер трактори“ и пет пилоти за следното лето
Како Северна Македонија подобро да се справи со пожарите? Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување(ДЗС) вели дека се инвестира во луѓе и во опрема со што државата има подобра стартна позиција пред следната сезона пожари.
„Минатото лето Владата ни стави на располагање пет прилагодени „хермелини“ што носеа цистерни од шест до 8 тони. Имавме 15 прилагодени борбени транспортни возила на кои им беа извадени митралезите и на нивно место беше ставен резервоар со вода и моќни топови со домет околу 100 метри кои многу ни помогна. На располагање имавме и 18 „пинцгауери“, а сега се веќе 23, на кои монтиравме резервоари од по 1,5 тон. И тие многу помогнаа бидејќи можат да се движат на најтешко проодните терени. Двојно ја зголемивме платата во авио-одделението во Дирекцијата за заштита и спасување, со што го мотивиравме актуелниот персонал, но предизвикавме интерес и кај други пилоти“, вели Ангелов за РСЕ.
Тој очекува на почетокот на сезоната на пожари на располагање да има три исправни авиони за гаснење пожари „Ер трактори“ и пет пилоти.
„Оваа година искуството е на едно повисоко ниво. Ќе имаме подготвени авиони, подготвени пилоти. Очекувам и МВР да има најмалку плус еден функционален хеликоптер. Тоа е големиот хеликоптер со три-тонско ведро што оваа сезона не беше во функција поради сериозен дефект кој не можеше да се отстрани. Се трудиме да го ставиме во функција тоа што го имаме на располагање и тоа што можеме да го пренамениме. За наредниот период, стратешки се размислува за набавка на нови „Ер трактори“ но сепак тоа е спор процес бидејќи и кога сега би ги платиле, ќе поминат неколку години пред да бидат испорачани поради енормната побарувачка за нив, како и за вкупната противпожарна опрема“, вели Ангелов.
Минатото лето беше најавена реформа според која треба да се спојат Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи во една институција, за да се воспостави современ и функционален, интегриран систем за управување со кризи и заштита и спасување.
Тоа треба да биде нова институција во чии рамки ќе се формира специјална единица за заштита и спасување со улога да гаси пожари во лето, но би можела да се користи и во пребарувања на терен, потраги и разни спасувачки мисии.
Процесот го води вицепремиерот Љупчо Димовски. Реформата досега не е спроведена.
Инвестиции се секогаш добредојдени
Од околу 1.600 вработени во „Национални шуми“, само стотина би можеле директно да бидат вклучени во гаснење на пожарите. И ним им недостигаше основна опрема, вели Кире Михаилов, заменик-директор во „Национални шуми“.
„Нашите вработени беа со опрема што била набавена пред десетина години. Тие ги немаа основните услови, немаа облека што првично би ги заштитила од огнот. Оваа година веќе набавивме огноотпорни одела, со шлемови и ќе бидат соодветно облечени кога гаснат пожари“, вели Михаилов за РСЕ.
Се преземаат и други превентивни мерки, како што е расчистување на шумските патишта. Во тоа се вклучија и општините и фирми со механизација. Мерката ќе продолжи да се спроведува.
„Се чистат патните артерии кои ги поврзуваат општините. Преку планина се оди од една во друга општина и тоа е многу важно, тој пат да биде чист за да може многу брзо помошта и од соседните општини да доаѓа до лице до местото каде евентуално ќе се појави пожар“, објаснува Михаилов.
Приведени 60 лица, 36 кривични пријави
Од 1 април до 29 септември 2025 година регистрирани се вкупно 2.080 пожари на отворен простор, при што приведени се 60 лица, а поднесени се 36 кривични пријави, според податоци од Министерството за внатрешни работи(МВР).
„Имаме од 30 па и повеќе пожари секој ден. Најголемиот дел од нив, постојат основани сомневања дека се подметнати или пак од негрижа се имаат случено“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на крајот на јули.
Истото повеќе пати го кажа и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, алудирајќи на организирани акции.
„Можеби се работи за поинакво сценарио од сценариото на случајност. Многу е симптоматично како се неутрализира еден пожар, почнува втор, а како се неутрализира втор, стартува трет пожар“, изјави Тошковски во екот на пожарите.
Поради високите температури, а и големиот број на шумски пожари, властите на 1 јули 2025 година воведоа повеќемесечна забрана за движење во шуми.
До 29 септември биле затекнати 27 лица како се движат во шумите без дозвола. Казните се парични, до две илјади евра.
Михаилов смета дека казнената политика треба да се смени и казните за потпалување пожар да бидат поригорозни бидејќи штетата не е само економска - страдаат и биодиверзитетот, почвата и животинскиот свет.
Рекордни пожари и во Европа
На почетокот на октомври,службата за климатски промени на ЕУ - Коперник, изброи повеќе од милион хектари изгорени во ЕУ, од кои 35 отсто се шуми, со пријавени над 2.100 пожари.
Ова ги руши сите претходни рекорди, со трипати поголема количина на изгорено земјиште во споредба со европскиот просек за 2006-2024 година.
Изгорената површина е колку една третина од големината на Белгија.
Надвор од најтешко погодените земји Шпанија (322 пожари) и Португалија (184 пожари), шумски пожари беснееја во Франција (249 пожари), Бугарија (92 пожари) и Грција (65 пожари).
Италија беше на врвот на листата на ЕУ со 589 пожари.
Во 2001 година, беше активиран Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, со цел да ја унапреди соработката меѓу земјите членки и десет држави однадвор, вклучувајќи и земји од Западен Балкан.
Механизмот овозможува координирана и брза реакција во случаи на катастрофи, при што Европската комисија покрива дел од трошоците за транспорт и распоредување на ресурси за гаснење пожари.
Северна Македонија, како учесник во него, бара помош од другите држави пред сè во воздухоплови за да се гасат пожарите низ земјава.
Државата бараше помош за справување со пожарите преку овој Механизам и ова лето.