Достапни линкови

Црвено - жолти таблички за службени возила - реална или фиктивна борба против злоупотреби


Илустрација
Илустрација

Само една понуда стигнала во МВР на тендерот за регистерски таблички во боја за службените возила. Од СОЗР подготвени да ги обележат и со налепници за да спречат злоупотреби на локалните избори. Во регистерот на Антикорупциска само третина министерства и институции ги пријавиле службените возила.

Фотографии од „руинираното“ службено возило на министерството за политички систем на поранешниот вицепремиер, а сега е бегалец од правдата Артан Груби, беа објавени во медиумите откако актуелниот министер, Иван Стоилковиќ објави дека БМВ – то било „заборавено“ во сервис во Куманово.

И покрај тоа што возилото е државно, никој не успеал да го врати назад од сервисот каде беше пронајдено без повеќе делови.

Груби, пак, е функционерот кој беше посочен од поранешната министерка за добро владеење Грковска дека после неколку опомени за злоупотреба на службени возила тој не си го поправил своето однесување. Многумина други откако биле опоменати за лошото поведение со возилата, се подобриле, според етичкиот кодекс.

А етичкиот кодекс за функционерите јасно пропишува дека службени возила не смеат да се користат за приватни и партиски цели, спротивно од она што е пракса на многумина кои се на функција.

Но, механизми за контрола на тоа дали се злоупотребуваат службените возила речиси и да не постојат. Регистарот на Државната комисија за спречување на корупцијата е нецелосен, владата допрва ќе воведува нов.

Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) одамна најавува но никако да набави регистрации во боја за да може да се разликуваат службените од приватните возила.

СОЗР најавува предизборно обележување на службените возила

Поранешниот состав на Државната комисија за спечување на корупцијата иницираше создавдање на регистар на државни возила, но и тие да бидат обележани со црвено - жолта боја на регистарските таблички. Оваа иницијатива сега треба да ја реализира Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) заедно со Министерството за внатрешни работи.

Директорот на СОЗР Ивица Томовски очекува да се спречат злоупотребите особено пред изборите.

„МВР го распиша огласот, но поради премногу обврски и процеси се одолговлечи требаше реално да заврши пред неколку месеци иако сакавме да се заврши пред почетокот на кампањата. Деновиве треба да се знае како завршил но и во случај ако пропадне тендерот сите возила ќе бидат одбележани со налепници за да се спречат злоупотребите во кампањата“, вели Томовски.

Од МВР велат дека за постапката за јавна набавка е поднесена една понуда и Комисијата за јавна набавка врши евалуација. Поради тоа во моментов не можат да дадат повеќе информации.
Планот е МВР да ги набави од фирма која ќе даде најниска цена на огласот, а по тоа институциите поодделно да си ги плаќаат табличките. Целта е со ова да се олесни контролирањето на употребата на службените возила и нивната злоупотреба

Томовски вели дека претставки од граѓани ќе може да се пишуваат и до СОЗР која јавно ќе ги објавува „престапниците“. РСЕ го праша зошто баш неговата институција која нема надлежност да казнува ќе биде место каде што ќе се пријавува.

„Податоците ќе бидат јавни па и вие медиумите ќе можете да ги објавувате. Токму вие би требало да го поздравите воведувањето на оваа пракса“, вели Томовски.

Од Министерството за добро владеење кое беше формирано токму за да им „дише во врат“ на функционерите велат дека со одлука уште на првата седница на оваа влада му се одземени ингеренциите за спроведување на етичкиот кодекс и се дадени на Министерството за правда.

За тоа дали министерот без ресор за добро владеење Арбен Фетаи сепак ќе има надлежност за претстојните избори да контролира кој ги злоупотребува возилата во кус одговор од таму велат дека „тоа е поврзано со правото“.

Само една претставка до ДКСК за злоупотреби на ланските избори и уште не е решена

Но, проблем е тоа што и покрај тоа што со години дури и медиумите објавуваат конкретни примери на злоупотреби сепак санкции нема, а и навиките тешко се менуваат. Од Државната комисија за спречување на корупцијата велат дека токму неусогласеноста со законите ја прави оваа комисија немоќна за да ги санкционира „непослушните“.

Се работи за регистерот кој го создаде ДКСК, а во кој секоја институција треба да достави податоци за службените возила. Но, и покрај барањата на ДКСК, по завршувањето на изборните процеси од вкупно 1.557 институции, само 402 институции навремено ги доставиле потребните информации. Понатаму, 329 институции доставиле податоци, но надвор од предвидените рокови. Додека 826 институции воопшто не доставиле информации, од кои 10 се министерства.

„И покрај одредбата во член 8-б, став 5 од Изборниот законик, според која доколку субјектите не ги достават бараните податоци, ДКСК е должна да покрене прекршочна постапка во рок од 15 дена по истекот на рокот за доставување на податоците, поради правна празнина во Изборниот законик, каде што не се предвидени прекршочни санкции, ДКСК нема можност да покрене прекршочни постапки по овој основ, за што ДКСК во континуитет укажува за потреба од законски измени“, велат од Антикорупциската комисија.

После минатогодишните парламентарни и претседателски избори претседателката во актуелниот состав на ДКСК Татјана Димитровска објави дека има сомнежи за злоупотреби на државни возила во партиски цели.
Но, во Антикорупциската комисија пристигнала само една претставка за злоупотреба.

Предметот кој е оформен е со сомнеж за злоупотреба за партиски настани и постапката се уште не е завршена. Од ДКСК не откриваат за кој функционер станува збор.

Одење и враќање на работа со службено возило – злоупотреба или не

Естонска министерка за образование, Маилис Репс, во ноември 2020 година си даде оставка од функцијата откако медиумите објавија дека со службен автомобил возачот ѝ ги носел децата на училиште. Репс тогаш ја призна злоупотребата и им се извини на граѓаните и покрај поддршката од премиерот кој сепак ја прифати оставката.

Во Северна Македонија директорот на СОЗР, Ивица Томовски каде ќе се пријавуваат злоупотреби смета дека нема ништо спорно ако функционерите си ги носат децата во градинка со службено возило, бидејќи тој злоупотреба гледа за повисоки приватни и партиски цели.

„Злоупотреба е ако тоа возило го видите во Грција на плажите, или да не го видите на партиски настан или во кампања. Тоа е класична злоупотреба. Одење до работа или обратно, оставање до градинка до школо дете мислам дека не е. Што да правите вие ако сте функционер, а детето ви почнува во 8 часот и вие почнувате во 8 часот на работа. Ќе одите прво детето да го оставите па да се вратите дома?“, вели Ивица Томовски, директор на СОЗР.

Одлуката која ја донесе владата во 2021 година пак јасно укажува на тоа дека службени возила не смеат да се користат за одење и враќање од работа.

„Корисници на службени возила се носителите на јавни функции именувани од страна на Владата и вработените во органите на државната управа кои користат службени возила за службени. Службените возила не смее да се користат за одење до и враќање од работа или за други приватни потреби“, пишува во одлуката.

Оваа одлука Владата ја донесе откако во 2020 тогашната Државна комисија за спречување на корупцијата година ја објави анализата за користење на службени возила. Во неа беше нотирано дека од само 84 институции кои дале податоци дури во 49, или скоро 60% ги користеле службените возила 24 часовно, односно и за доаѓање и враќање од работа.

„Службените возила се користат во работно време и вон работно време поради што незаконски се трошат големи финансиски средства“ пишува во заклучоците на анализата.

Поранешната претседателка на ДКСК Билјана Ивановска вели дека недозволиво е за приватни потреби да се користат возилата, а уште пострашно е што нема конкретен орган кој ќе ја врши контролата врз ваквото постапување.

„ Мора да се воведе ред. Возилата се државен ресурс и кон нив не смеат да се однесуваат недомаќински. Имајќи предвид дека купувањето и одржувањето на службените возила претставува огромен трошок на државата, отсуствува регулација на правото кој се може да користи службено возило. Сметам дека треба да се ограничат на многу помал круг луѓе, дури и министрите освен неколку исклучоци не би смееле да ги користат 24 часа во денот овие возила“, вели поранешната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска.

Инаку според тогашните проценки од 2.000 службени возила кои ги имале тие институции месечно се трошеле 140,000 литри гориво а во пари 2 милиони и 200.000 евра годишно.

Државната комисија за спречување на корупцијата дала мислење дека мора да се ограничи кој се ќе има пристап до државните возила за да се намалат и злоупотребите.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG