Достапни линкови

Радев повтори дека е неопходен референдум за воведувањето на еврото во Бугарија


Бугарскиот претседател Румен Радев на интервју за Си Ен Ен, 10.06.2025
Бугарскиот претседател Румен Радев на интервју за Си Ен Ен, 10.06.2025

Немањето општествен консензус во Бугарија не е поврзано со европскиот пат на земјата, туку со прашањето дали земјата е подготвена да го воведе еврото во 2026 година, изјави бугарскиот претседател Румен Радев во интервју за Си-Ен-Ен.
Во разговор со новинарот Ричард Квест, по учеството на Меѓународниот инвестициски форум во Ташкент, Радев истакна дека воведувањето на еврото на среден и долг рок би донело економски придобивки, но нагласи дека недостигот од општествена согласност го доведува во прашање овој процес, пренесува БТА.

Можеби сум старомоден, но силно верувам во демократијата, рече Радев, одговарајќи на прашање дали сè уште поддржува референдум за воведување на еврото во 2026 година.

Тој потенцира дека референдумот е неопходен за да се провери подготвеноста на Бугарија за влез во еврозоната, додавајќи дека без демократски процес „целата социјална конструкција е осудена на пропаст“.

Според него, референдумот би го зајакнал легитимитетот на процесот и довербата во институциите, особено по седумте парламентарни избори во последните четири години, кои резултираа со пад на довербата во државните институции.

Радев истакна дека позитивните извештаи од Европската комисија и Европската централна банка за Бугарија се резултат на долгогодишна конзервативна фискална политика и жртви на граѓаните. Тој додаде дека динамичните промени во Европската Унија, вклучително и Брегзит, покажуваат дека референдумите остануваат релевантни, посочувајќи дека 18 од 27 земји-членки на ЕУ одржале референдуми за нивното членство.

Коментирајќи ги санкциите на ЕУ против Русија поради војната во Украина, Радев рече дека тие главно и одат на рака на Кина, која профитира од евтини руски енергенси, воени технологии и пристап до рускиот пазар. Тој изрази загриженост дека санкциите ја зајакнуваат врската меѓу Русија и Кина, додека европските компании го губат пазарот во Русија.

За војната во Украина, Радев истакна дека меѓународната заедница се соочува со тешка дилема: или да се прифати освојувањето територии со сила, или да се испратат НАТО трупи, што би можело да доведе до трета светска војна со катастрофални последици.

Тој ја поддржа иницијативата на новата американска администрација за мировен процес меѓу Русија и Украина, изразувајќи разочарување од недостигот на поддршка од некои европски лидери за мировните напори на американскиот претседател Доналд Трамп.

Радев учествуваше на форумот во Ташкент заедно со узбекистанскиот претседател Шавкат Мирзијоев и словачкиот премиер Роберт Фицо, во рамки на официјалната посета на Узбекистан, а претходно беше во посета на Казахстан.

XS
SM
MD
LG