Со инвестиција од 1,9 милијарди евра преку кредит што се најавува од Велика Британија, Владата поставува амбициозна цел: во рок од пет години македонските железници да добијат современа пруга од север кон југ, на која патничките возови ќе се движат со 160 километри на час кон Солун и Белград, а товарните 120 километри на час.
Планот е максимално колку што може да се задржи постоечката траса на која ќе се изгради целосно нова пруга, а паралелно со неа да се постави и втора линија, со што би се добиле околу 200 километри модерна двонасочна пруга, објаснува директорот на ЈП „Македонски железници – Транспорт“, Синиша Ивановски.
„Постоечката пруга север-југ нема да ја задржиме. Ќе ја задржиме само трасата и ќе биде целосно изградена нова пруга, поради тоа што параметрите на сегашната се за максимални 100 километри на час и таа по ниту еден параметар не е иста со таа за 160 километри на час. Така што 1,9 милијарди би требало да чини максимално целата пруга во двата правци, со електрификација и сигнализација“, вели Ивановски во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.
Според договорот со Британската влада, додава тој, еден од условите е изведувач на пругата да биде британска компанија, која ќе изведува 20 проценти од вкупната вредност, со што 1,5 милијарди евра ќе бидат на располагање за подизведувачи, односно за македонските фирми. Но, Ивановски посочува дека е проблем што во земјава нема компании специјализирани за градба и одржување на железници.
Железничката инфраструктура во моментов е на многу ниско ниво, со пруга на која возовите се движат со максимални 50 километри на час, на некои делови со кривини дури и побавно од 20 километри на час.
Пругата ќе го развива и туризмот
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски ово месец соопшти дека се подготвува изградба на „брза пруга“ од Скопје до Солун и според него, на тој начин државата ќе го развива и туризмот. Тој рече дека Владата усвоила одлука за урбанистичко решение за локалитетот Стоби, каде што се отвораат и нови винарии во Тиквешкиот регион.
Николоски нагласи дека целта на овие активности е да се олесни изградбата на нови хотелски капацитети и да се задржат туристите кои транзитираат низ Коридорот 10, односно трасата Е-75.
Но, дел од експертската јавност на најавената „брза пруга“ гледа со сериозни резерви предупредувајќи дека проектот се турка без доволно анализи и со потенцијално голем финансиски ризик за државата.
Трајковски: Загубарски проект
Професор Дејан Трајковски од Универзитетот „Св Климент Охридски проектот го гледа како „загубарски“ и според него ќе чини многу повеќе од кредитот од 1,9 милијарди евра, односно вели дека со камати и неприкриена загуба сумата би достигнала од 3,3 до 3,5 милијарди евра.
„Власта се подготвува да не задолжи со милијарди евра за загубарскиот проект наречен брза пруга, без никаква економска анализа, без студии за изводливост, без јавна дебата, само со непромислена политика одлука. Сакаат пруга што ќе носи загуба, наместо струја и профит од „Вардарска долина“, вели Трајковски.
Директорот на Македонски железници – Инфраструктура Синиша Ивановски вели дека во моментов за проектот се прават физибилити студија, оценка за влијание врз животна средина и други студии кои треба да покажат како да се изведе трасата.
Во однос на економската исплатливост, тој вели дека со оглед дека земјава во моментов е на последно место во регионот по инфраструктурни проекти (железничка и патна инфраструктура), очекува државата да има придобивки од проектот.
Економска исплатливост
„Пристаништата во Грција бележат континуиран раст на обемот на работа, а најбрзата и најефикасна траса за транспортните компании поминува токму низ Македонија. Колку пократка е рутата, толку помали се трошоците, што е директен бенефит и за нас,“ објаснува Ивановски.
Дали инвестицијата целосно ќе се врати, ќе покажат студиите, додава тој, посочувајќи дека инфраструктурните проекти ретко имаат директен финансиски поврат. Според него, суштинска улога на овие проекти е подобрување на квалитетот на живот и услугите за граѓаните и дека јавниот превоз кој во сите големи метрополи најчесто е субвенциониран, вели тој.
На 6 ноември владите на Северна Македонија и Бугарија потпишаа договор за изградба на меѓународниот железнички тунел на Коридорот 8.
Покрај Коридорот 10, државата со дел од британскиот кредит планира и целосна реконструкција на пругата Скопје – Кичево, преку Тетово и Гостивар. Оваа делница се разгледува како клучно решение за идно железничко поврзување со Албанија. Двете држави бараат решение за поврзување бидејќи трасата кон Охрид е во заштитената зона на УНЕСКО. Поврзувањето со Албанија би било во рок од најмалку осум години, вели Ивановски.