Достапни линкови

Планско или предизборно „вооружување“ со нововработени во институциите


Илустрација
Илустрација

Министерства, агенции, комисии, општини, објавуваат конкурси за вработување непосредно пред локалните избори. Негираат дека е обид за нивно партизирање, но за експертите тоа воопшто не е случајно и е пракса на сите влади. Министерството за јавна администрација се уште не го објавува извештајот за бројот на вработени во јавниот сектор, .

На нешто повеќе од три месеци пред најавеното одржување на локалните избори, само во јуни објавени се десетици огласи за стотина нови вработувања од локално до централно ниво.

Ако се земат во предвид најавите дека локалните избори ќе се распишат кон крајот на јули или почетокот на август, останува уште повеќе од еден месец за спроведување на огласи за нови работни места во јавната администрација, а нови огласи за вработувања ќе може да се распишат дури по конелниото завршување на изборите.

Собранието најголем работодавач

Од сите огласи периодов, најголем работодавач е Собранието со најголем број отворени позиции, кое вработува 49 службеници со краен рок за пријавување до денеска 27 јуни 2025 година.

Собранието бара раководител на одделение за поддршка на работата на претседателот на Собранието и соработка со други институции, помлад соработник за стручна помош за подготовка на текстови на предлог на закони, помлад соработник за објавување на законите во Службен весник, соработник за информирање на јавноста на албански јазик, помлад соработник за социјални медиуми...

Од законодавниот дом за РСЕ велат дека огласот за новите вработувања е објавен во согласност со претходно донесениот годишен план за вработување за 2025 година, по предлог на Советот на собраниската служба.

„Планираните развојни активности во периодот што следи се однесуваат на екипирање на организациските единици чија ефикасност е условена со бројот и компетентноста на вработените. И една од целите на Стратешкиот план на Собранието е да имаме ефикасна служба каде што приоритетите се екипираност и политика на задржување на кадарот како и професионален развој на вработените и континуирано учење“, одговорија од Собранието за РСЕ.

Се уште се активни и огласите за 15 службеници во разни области во рамки на Министерството за одбрана кои траат до 1 јули.

Ова министерство кое е предводено од Владо Мисајловски бара советници во различни области.

Од институцијата велат дека вработувањата се реализираат врз основа на годишни планови за вработување и произлегуваат единствено од потребите на одбраната.

„Тоа е редовен процес кој се врши секоја година согласно потребите на организациските единици и заминувањето на вработените во одбраната во пензија. И во овој случај станува збор за пополнување на детектираните испразнети места и во Министерството, како и за пополнување на потребите за одржување и развој на борбената готовност на Армијата. Впрочем, токму затоа во процедура е пополнувањето на Армијата со 300 професионални војници“, одговорија од Министерството за одбрана. Тие негираат каква било поврзаност на вработувањата со изборен процес и инсистираат дека единствен предуслов за вработување е стручноста и компетентноста на кандидатите.

До пред крајот на месецот трае и огласот во Јавното претпријатие за државни патишта, кое вработува 11 службеници. Нововработените таму би имале значително поголеми плати, над 45.000 денари, во споредба со Собранието и Министерството за одбрана, каде месечните приходи се движат до 35.000 денари.

Директорот Коце Трајановски бара помлад соработник за меѓународни плаќања и следење на договори со меѓународни финансиски институции, советник за административна подготовка на проекти со средства од РСМ, помошник раководител на Сектор за одржување, заштита на патишта и наплата на патарина.

Од Државни патишта не дадоа објаснувања на прашањата на РСЕ.

Од другите институции, Министерството за финансии бара 15 службеници, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство вработува 9 службеници, еден советник за правни и нормативни работи се бара во Министерството за социјална политика, демографија и млади.

Огласи има и во Комисијата за заштита од конкуренција каде се бараат 14 службеници, а на локлано ниво, општина Чаир бара неколку службеници - од лице задолжено за упатување странки до референт за предлози и претставки од граѓани и многу други.

Предизборен концепт што не запира

Ваков тренд нотира Неда Малеска - Сачмароска со невладината организација Центар за управување со промени. Нивните анализи и минати искуства во однос на вработувања во време изминатите предизборни циклуси покажуваат дека истата практика само продолжува.

„Праксата се повторува секогаш. Можеби тоа е дел од тактиката на политичките партии. Можеби навистина ги планирале тие работни места, меѓутоа, времето кога тие се објавуваат сигурно е промислено и воопшто не е случајно“, вели Малеска Сачмароска за РСЕ.

Според неа, проблем е тоа што Министерството за јавна администрација се уште не го објавило извештајот за бројот на вработени и во кои институции во јавниот сектор, што е воспоставена практика од 2015 година воведена под притисок на Европската комисија.

„Министерство за јавна администрација требаше да го објави во март за претходната година. За нас нас тоа да ни дава споредбени параметри да речам, каква е ситуацијата, дали имало одлив на кадри“, вели Малеска - Сачмароска.

Опозицијата обвинува за партизирана администрација

Обвинувања за партизација на институциите неодамна стигна од лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, кој по повод една година Влада рече дека администрацијата е претворена во продолжена рака на партиските штабови на ВМРО-ДПМНЕ, Влен и ЗНАМ.

„Ветуваа ред и рационализација во администрацијата. Ветуваа мерит-систем. Што добивме? Нови министерства, илјадници нови партиски вработувања, листи за вработување по штабови кои се споделуваат на социјалните мрежи. Партизацијата на институциите е официјализирана, а партиската книшка е главна квалификација за работа во државата. Нивните функционери отворено кажуваат дека вработувањата во болниците и секаде на друго место се само по партиска заслуга. Тоа го кажуваат гордо, без срам, како да е нормално“, посочи Филипче.

Во времето на владеењето на коалоцијата предводена од СДСМ и ДУИ имаше многу афери и скандали со вработувања на партиски кадри.

Предизборното вработување во јавниот сектор е редовна појава која е често критикувана во извештаите на Европската комисија. Локалните избори е предвидено да се одржат во средината на октомври, што значи дека активни огласи и конкурси за вработување во јавната администрација може да се објавуваат уште околу еден месец.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG