Достапни линкови

Нови ескалации на Блискиот Исток може да удрат по џебот на граѓаните


Иран игра значајна улога на глобалната сцена со нафтени деривати.
Иран игра значајна улога на глобалната сцена со нафтени деривати.

Додека траеја нападите меѓу Иран и Израел цените на енергенсите варираа, имаше неколку зголемувања за дизелот и на македонскиот пазар. Од РКЕ очекуваат оти по примирјето ќе се задржи стабилноста што најмногу му одговара и на бизнисот. Во спротивно, би можело да дојде до инфлациски скокови. Дали и што може да направи и државата?

Нови разгорувања на конфликтите на Блискиот Исток би можеле директно да ги погодат и македонските граѓаните. Последиците ќе ги почувствуваат преку повисоките цени на енергенсите, но и преку поскапите производи чии цени би скокнале затоа што ќе се зголемат и трошоците на производителите кои користат нафта во своите технолошки процеси.

Но, барем засега, очекувањата на првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) во Северна Македонија, се дека ќе продолжи трендот на стабилизација на цените на нафтените деривати со оглед дека пред неколку дена беше објавено примирје во конфликтот меѓу Израел и Иран.

„Верувам дека овој тренд ќе продолжи и ќе имаме конечно стабилизација на цените и на нафтените деривати, цената на природниот гас, а со тоа и на цената на електричната енергија така што во наредниот период очекувам дека ќе имаме добри вести во однос на цената на нафтените деривати“, вели претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Изминатиов период – од нападите помеѓу Израел и Иран кои започнаа на 13 јуни, а за помалку од две недели се објави примирје, имаше варирања на берзите за кои Бислимоски забележува дека „никогаш немало вакви турбуленции на цената на нафтените деривати од драстично зголемување до драстично намалување во текот на еден ден“.

Во Северна Македонија тоа доведе до зголемување на цените во неколку наврати во текот на изминатиот период. За литар нафта, на пример, се забележа зголемување од 1,5 денар, потоа 2,5, па 2 и последното зголемување од 1 денар од 23 јуни. Кај бензините имаше едно зголемување од 2,5 денари. За секое зголемување Регулаторната комисија соопштува дека постапува во согласност со референтните цени на нафтата на светските пазари.

По објавата на примирјето Бислимоски е оптимист дека нема да има значителни турбуленции и затоа не очекува тоа да се одрази и на другите производи. Напротив, вели, очекува стабилизација и кај суровата нафта и природниот гас, како и кај електричната енергија.

Сепак, како што пишуваше РСЕ, аналитичари предупредуваат дека прекинот на огнот е кревок, дека стратешката рамнотежа се променила и ризикот од обновен конфликт или опасна ескалација останува висок.

Прв на удар е стандардот на граѓаните

Сценарио на разгорување на конфликтите не посакува ниту бизнис секторот во Северна Македонија. Претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангеловски вели за нив е исклучително важно да нема воени дејствија бидејќи од цените на енергенсите многу работи може да се пореметат.

„Цената на гасот, на енергијата и на нафтата тоа се трите работи кои може да ги пореметат. Тоа би ги подигнало цените и би влијаело директно на одредена инфлација“, вели Ангелоски.

Инфлацијата во Северна Македонија, според проекциите на Народна банка од април, е дека во 2025 година таа ќе биде 3% што е за 0,5% помалку од лани. Податоците на државниот завод за статистика за мај, пак, покажаа дека на месечно ниво инфлацијата се покачила за 1,5% во однос на април.

Првиот човек на Бизнис конфедерацијата на Македонија (БКМ), Миле Бошков, е согласен дека не е добро за бизнисот да има разгорување на ситуацијата на Блискиот Исток што секако може да влијае на инфлацијата. Најважно, како на нагласува, е што во таква ситуација стандардот на граѓаните е прв на удар.

„И така нашата економија не е ниту брзорастечка ниту развиена и секојпат зависиме од енергенсите. Така што главниот удар ќе биде генерално на граѓаните и на стандардот, а потоа и на економијата и на токовите и на инвестициите“, вели Бошков за РСЕ.

Што може државата да направи?

Тој вели дека покачувањето на цените на нафтените деривати кое беше забележано изминатиот период „не се ништо во глобалната економија“ и затоа нема драстични последици за бизнисот. Но, нагласува, не знаат што да очекуваат бидејќи и примирјето не значи дека работите ќе се вратат на старо.

„Без оглед на тоа што се најави примирје и тие случајно или намерно се прекршуваа, ситуацијата е само е аларм дека не може да се потпираме веќе на стабилноста и мирот во светот туку треба исто така да создаваме независна стратегија во врска со енергенсите. Тоа е нашето мислење, можеби е на долгорочен план, но треба да се насочиме кон некој независен извор“, вели Бошков додавајќи дека тука приватниот сектор може минимално да влијае односно само да укаже да се бара план Б бидејќи клучна во создавањето стратегија е Владата.

За тоа што може државата да направи во однос на цените на дериватите Бислимоски нагласува дека кога се во прашање акцизите, од 2022 во земјава има системско решение во Законот за акцизи каде е наведено дека „како што растат цените на нафтените деривати така се намалува акцизата“.

Но, што е со евентуалните намалувања на данокот на додадена вредност (ДДВ) или зголемувања на државните резерви со деривати?

„За ДДВ-то, тоа е секогаш одлука на Владата во однос на приливите што ги имаат. Но, во однос на државните резерви секогаш е неблагодарно да се одлучи во кој момент да се полнат, да видиме колку време ќе трае кризата. Ние од 90-тите имаме искуство кога при релативно очекување за исклучително зголемување на нафтените деривати се набавени големи количини, но тоа не се случило [зголемување на цените]. Така што, за тоа треба посериозни анализи“, вели Бислимоски.

Она што е важно, според првиот човек на РКЕ, е дека во ниту еден момент „немавме прекин на ланецот со снабдување нафтени деривати, природен гас или електрична енергија“.

Улогата на Иран во снабдувањето со нафта

На глобалната сцена Иран игра значајна улога во ланецот на снабдување. Како клучна членка на Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК), тој произведува околу 3,3 милиони барели нафта дневно и извезува над 2 милиони. Покрај тоа што има своја нафта, Техеран може да влијае и на виталната глобална трговска рута односно Ормутскиот теснец, каде што секојдневно поминува повеќе од една петина од светското снабдување со нафта.

Во минатото, Иран веќе се закануваше дека го затвори иако досега не ја оствари заканата.

Зошто е важен Ормускиот теснец, кој Иран би можел да го затвори?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:46 0:00

Станува збор за теснец помеѓу Оман и Иран и го поврзува Персискиот Залив на север со Оманскиот Залив на југ и Арапското Море пошироко. Широк е 33 километри во својата најтесна точка, а неговата лента за транспорт е широка само 3 километри.

На овој тесен воден пат, за пренос на нафта до Кина и другите светски пазари, покрај Техеран, се потпираат и Саудиска Арабија, Кувајт и Ирак.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG