Собранието на Северна Македонија на 29 јули 2025 година ја изгласа интерпелацијата на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, која беше предложена од опозициската партија Левица и поддржана од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Интерпелацијата беше вторo атакување врз функцијата на Коцевски, откако претходно Владата започна постапка за негово разрешување, но, се откажа по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Собраниската интерпелација има улога како политички притисок и ја одрази недовербата од страна на пратениците. Но, одлуката за понатамошно разрешување или останување на функцијата зависи од самото обвинителство и Владата.
Основната разлика помеѓу механизмот на интерпелација на државниот обвинител Љупчо Коцевски, поднесена и изгласана во Собранието и постапката на Владата за негово разрешување се во нивната правна обврзност.
Интерпелацијата нема правно обврзувачко дејство за разрешување на обвинителот и не може сама по себе да иницира правно дејство или да изврши разрешување.
Другата постапка која ја потегна Владата за разрешувањена обвинителот Коцевски е законски регулирана процедура со јасни чекори и правни ефекти.
Што предвидува законот?
Според Уставот и Законот за јавно обвинителство, Владата има право да поднесе иницијатива за разрешување на државниот обвинител, но тоа мора да го направи по претходно мислење од Советот на јавни обвинители. Оваа постапка е сложена, формална и има правни последици, за разлика од политичката интерпелација.
Законот за јавно обвинителство пропишува неколку членови за престанок на функцијата на државниот обвинител.
Во членот членот 63 став 3, Советот на јавни обвинители треба да даде мислење за предлогот на Владата за именување и разрешување на државниот обвинител.
Понатаму, во членот 87 се пропишани причините за престанок на функцијата. Тоа се по сопствено барање, губење на државјанство, трајна загуба на способноста за вршење на функцијата, старосна пензија, избор на друга функција, правосилна пресуда со најмалку шест месеци затвор
Во членот 88 пак, се објаснува постапката за разрешување.
„Владата по претходно мислење од Советот на јавни обвинители „поднесува предлог за разрешување“, а има можност и Советот сам да поведе иницијатива и да ги образложи причините, околностите и фактите“, пишува во законот.
Овој член предвидува и дека на државниот обвинител може предвреме да му заврши мандатот поради тешка дисциплинска повреда, како и доколку стане член на политичка партија.
Во февруари годинава, Владата го задолжи Министерството за правда да покрене постапка за разрешување на Коцевски.
Сепак, постапката во март запре и беше прекината поради истрагата за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Еден месец подоцна, Советот на јавни обвинители даде негативно мислење по предлогот на Владата за негово разрешување.
Според адвокатката Сузана Јошевска, Владата заедно со негативното мислење од Советот на јавни обвинителите може да продолжи да ја тера постапката по закон и покрај тоа што напоменува дека „не би било политички културно“.
„По закон имаат обврска да ја достават иницијативата со мислењето за пратениците да видат дека мислењето на Советот е негативно. Мислењето е консултативно, немаат законска обврска да го почитуваат. Овде само дава мислење. За именување, мислењето е задолжително, а за разрешување по закон не е така напишано. Пратениците ќе го добијат мислењето, а сами ќе одлучат дали ќе го поддржат или нема да го поддржат предлогот“, вели Јошевска.
Таа вели дека во случај Коцевски да биде разрешен, државниот обвинител може да покрене и постапка пред Управниот суд за незаконско разрешување.
Коцевски не дава оставка
Еден ден по изгласаната интерпелација, државниот обвинител Коцевски во интервју за весникот „Вечер“ кажа дека нема да поднесе оставка „туку уште повревносно ќе се посвети на работата, особено за неколкуте големи случаи по кои се постапува како „Онкологија“ и „Пулс“, за кои вели дека постојат многу цврсти докази“.
Сепак, од Владата очекуваат Коцевски да даде оставка, велејќи дека интерпелацијата е силен институционален сигнал кој не може и не смее да биде игнориран.
Но, од Илинденска не одговорија на прашањата на РСЕ - кои би биле следните чекори ако Коцевски не се повлече и дали Владата планира да ја продолжи прекинатата постапка за негово разрешување.
Вчера, министерот за дигитална трансофрмација Стафан Андоновски изјави дека Владата сè уште има право да ја продолжи постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Претходно, министерот за правда, Игор Филков напомена дека секое мислење од Советот на јавни обвинители е битно за оваа постапка, но дека министерството и Владата нема да се водат исклучиво од мислењата на еден орган.
„Ако Советот на јавни обвинители даде негативно мислење за предлогот за разрешување на обвинителот Коцевски, тоа нема да значи дека постапката е завршена“, рече Филков во времето кога започна иницијативата за разрешувањето.
Сега, од кабинетот на министерот не одговорија како ќе се пристапи кон продолжување на постапката за разрешување на државниот обвинител.
Коцевски на чело на Јавното обвинителство е од февруари 2024, функција на која беше избран кога мнозинството во парламентот го имаше претходната власт – коалициите на СДСМ и ДУИ.