Достапни линкови

Интерпелации во судството: тенка граница помеѓу контрола и влијание


Фото - Македонско Собрание и Основен Суд Скопје
Фото - Македонско Собрание и Основен Суд Скопје

Иако интерпелациите за Уставниот суд, Судскиот совет и јавниот обвинител формално се наменети за проверка и одговорност, за дел од нив аналитичарите сметаат дека се кријат и политички интереси. Оваа двостраност ги прави интерпелациите и предмет на дебати, но и инструмент на притисок.

Во последните месеци, интерпелацијата во законодавниот дом доби нови димензии, особено кога станува збор за судскиот дел - Уставниот суд, Судскиот совет и јавниот обвинител.

Трите интерпелации - за распуштање на судскиот совет поднесена од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, за претседателот на Устаниот суд, Дарко Костадиновски, поднесена од ДУИ и последната од Левица за државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, иако формално се однесуваат на различни нивоа во судството, ги опфаќаат клучните институции кои ја одредуваат независноста, транспарентноста и одговорноста на судската власт во државата.

Пред една недела, Левица побара повикување на одговорност на државниот обвинител Коцевски по четири основи.

Тие се селективна кривична истрага за трагедијата во Кочани, политичко влијание во работата на обвинителството за кое велат дека станало очигледно по прекинот на постапката за смена на Коцевски откако се отворила можност да се гонат кадри на владејачката партија, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство и непостапување за дивоградбите и фалсификатите во општина Чаир.

Според пратеничката од опозициската Левица, Јована Мојсовска, интерпелацијата не е воопшто политички притисок врз судската власт и не би можело да биде во услови кога Коцевски го избира Собранието.

„Секогаш кога ќе се допре прашањето во однос на судството сите викаат „рацете на извршната власт настрана од судството и дека е тоа форма на политички притисок“. Затоа што судството кај нас е привилегирана каста. Судиите се по привилегирани и од пратеник. Имаат неограничен судски мандат и не подлежат на кривична одговорност. На пратеник можете да му поднесете интерпелација, кој позади себе носи некој легитимитет со илјадници гласови, ама не можеш на државен јавен обвинител, кој Собранието го именува“, изјави Мојсовска, напоменивајќи дека интерпелацијата е механизам да се повикаат судиите на одговорност.

Еден од клучните моменти за интерпелацијата за Коцевски според Левица е „селективни кривични истраги за трагедијата во Кочани“ и невклучувањето на актуелните носители на високи функции во институциите предводени од ВМРО-ДПМНЕ.

А токму владејачката партија, незадоволна од работата на Коцевски прва ја отпочна постапката за негова смена, меѓутоа запре откако се случи пожарот во „Пулс“ во кој загинаа 62 лица. Образложението беше дека ставот дека Коцевски работи непрофесионално и под политички диктат е непроменет, но, нема да биде променет додека трае истрагата за Кочани.

На 4 јуни, и опозициската ДУИ поднесе барање за интерпелација за претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Интегративците му забележаа дека првиот човек на Уставен не го почитувал Законот за јазиците, но и законот за Уставен суд и ,според нив, неколку пати ги прекршил истите. Седницата за интерпелација е веќе закажана да се одржи за една недела, односно на 9 јули.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Блерим Беџети не беше достапен за коментар.

Уставниот суд веќе реагираше дека институтот интерпелација во ниеден случај не се однесува и не може да се примени на уставните судии, бидејќи се губи смислата на Уставниот суд и се прави тешка повреда на Уставот, бидејќи на тој начин се прави упад во неговата самостојност и независност.

Претходно, Сообранието изгласа интерпелација на петмина членови на Судскиот совет, иако според Законот за судски совет во членот 31 пропишува шест основи за разрешување на членови на Судски совет. Меѓу нив, не е наведена постапка преку интерпелација во законодавниот дом, кој избира третина од телото.

Костадиновски: Многу внимателно со интерпелациите

Според Дарко Аврамовски од Коалицијата сите за правично судење, механизмот интерпелација не е многу често користен до сега, меѓутоа во изминатиот период за многу кратко време се случија ваков вид на иницијати. Вели дека самата природа на интерпелацијата е фактички политички притисок врз избраните и именувани функционери, затоа што Собранието е првенствено политички орган. Но, наведува дека мора да се користи многу внимателно.

„Во случајот со Судскиот совет, таму имавме сериозни пропусти, прекршување на закони. Сметаме дека беше и задоцнета таа интерпелација покрената против членовите на судскиот совет. Kога станува збор за Уставниот суд, таму мислам дека е најспецифично и највнимателно треба да се постапува, затоа што Уставниот суд ја има функцијата на контрола на донесувањето на законите и ако Собранието може да ги разрешува уставните судии само поради тоа што не му се допаѓаат, тогаш ќе ја изгубиме целосно функцијата на Уставниот суд“, вели Аврамовски.

Но, од друга страна, смета дека не треба да се гледа дека апсолутно не смее да се покренуваат вакви интерпелации за работата на Уставниот суд, меѓутоа посочува дека тоа треба да биде ограничено на пример за финансиското работење на Уставниот суд, административното работење, доколку се најдат некои сериозни пропусти таму, меѓутоа не и за постапувањето, одлучувањето и давањето на мислење од страна на судиите кои велите се судии на Уставниот суд.

„Кога станува збор пак за јавниот обвинител, таму имаше покренато целосно постапка за дисциплинска одговорност и за разрешување, што подоцна беше повлечена, па сега велите пак се реактивираат некои такви механизми, што е навистина проблематично, особено во ситуација кога имаме активни високопрофилирани случаи и истраги, ваквата постапка сериозно може да се доживее како обид за влијание врз јавното обвинителство за конкретен исход од овие постапки“, вели Аврамовски.

За интерпелацијата на членовите на Судскиот совет се огласи и известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц кој реагираше за „притисокот на владината коалиција членовите на Судскиот совет да поднесат оставки или да бидат разрешени поради нивната наводна политичка припадност“.

„Овој повик од страна на Владата е загрижувачки знак за политичко мешање во судството. Независноста на судскиот систем е клучна за владеењето на правото и поделбата на власта, коишто се темелни вредности на патот на Северна Македонија кон ЕУ“, рече Вајц пред неколку месеци.

Откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт во јуни 2024 година формирајќи нова влада, повеќе опозициски политички партии поднесоа интерпелации против функционери и носители на јавни функции. Надвор од судството, Европскиот фронт, коалиција предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ) која има 18 пратеници во Собранието, поднесе четири интерпелации за министрите Изет Меџити, за Иван Стоилковиќ, за Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени.

СДСМ не ги поддржа, а ВМРО-ДПМНЕ и Влен ги нарекоа неосновани.

Интерпелација за функционери поднесе и Левица и тоа за Илире Даути, како претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади и за министерот Панче Тошковски.

Откако и беше изгласана интерпелацијата, пратеничката Даути поднесе оставка како претседателка на Комисијата.

  • 16x9 Image

    Петар Клинчарски

    Петар Клинчарски новинарската кариера ја започнува како репортер во медиумот А1он, подоцна продолжувајќи ја во ТВ Телма. Од 2016-та до 2022-ра година беше дел од емисијата „360 степени“. Од јуни 2023-та година работи како новинар во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG