Достапни линкови

Дефокусирање од вистинските проблеми


Таравари излегува од владата, стабилно ли е мнозинството, ќе има ли предвремени избори, маргинарилизирани ли се Албанците, кој е за ЕУ, а кој против, како ја добиле златната виза за Дубаи Филипче и Заев? Бомбардирање со партиски соопштенија, од кои, обичните луѓе, освен „сеир“, немаат никаква корист

Секојдневно, а некогаш и по неколку пати на ден, партиите преку соопштенија, прес конференции, изјави... излегуваат со критики, обвинувања и контраобвинувања за спротивниот табор.
Ако на тоа се додадат и секојдневните дебатни емисии на телевизиите, каде што политичари, функционери, „експерти“, „аналитичари“ дебатираат за тоа кој е во право, а кој не, предвидувања што не очекува, па тогаш не треба да се чудиме што сме целосно исполитизирано општество.

Политиката и политичките интриги, резултира со негативен набој кон спротивниот табор и нервозни и тензични граѓани.
Што има обичниот човек од тоа дали Таравари, (кој е еднаш против ДУИ, па потоа не чинело во влада, па е со исти ставови со ДУИ), е во владата или не? Па, дали парламентарното мнозинство ќе се намалело или ќе се зголемело и дали ќе има предвремени парламентарни избори? Што ќе сменат нови избори? Обичните граѓани, Македонците, Албанците, и другите ќе живеат подобро? Тешко.
Слично е и со македонските аспирации за членство во ЕУ, кој е за, кој е против, кој напредувал, кој кочел.

Претходната власт, и покрај најавите и отстапките, не успеа да ги почне преговорите за членство во ЕУ, а дадоа ветувања, презедоа обврски. Не ги исполнија, преговорите не ги почнаа.

Актуелната власт е со друга стратегија, најавена уште пред изборите. Не планира да прави нови отстапки. Засега ни таа нема успех, па почетокот на преговорите за членство ќе почека подобри времиња.

Во меѓувреме, преку партиски соопштенија ќе продолжат препукувањата, а државата ќе стои во место.
Како на пример, за златните визи на Филипче и на Заев. Дали имаат, дали немаат, како ги добиле, итн. Како да не постојат надлежни институции во државата кои можат да утврдат дали имаат и ако имаат како ги стекнале и од каде им се парите.

Дали во криминалот и корупцијата се кријат одговорите на сите прашања?

Сите партии декларативно се за енергична битка против криминалот и корупцијата, ама битката зависи дали се на власт или во опозиција.

Додека се на власт, „нивните“ се заштитени, а кога се во опозиција обвинуваат за селективна правда. А и она што ќе се процесуира низ обвинителството и судовите, најчесто заглавува, застарува, пропаѓа, па ретко кој одговара за нешто. Политиката и таму е длабоко инволвирана.

Па и тука доминираат партиски соопштенија и „експертски“ анализи за тоа кој правел криминал, кој местел тендери, чии се обвинителите, судиите, и се така до наредните избори. Потоа, се од почеток.

Има ли излез од маѓепсаниот круг?

Да, има. Ако власта се однесува како вистинска власт, а опозицијата како опозиција. Имено, не треба владејачка партија да го прашува Таравари со што е уценет за да излезе од владата, туку, ако имаат такви индиции, треба да обезбедат докази и да ги процесуираат. Или, ако знаеја дека има некакви сомнителни зделки со ДУИ, зошто досега молчеа.

Натаму, ако го обвинуваа Венко Филипче, додека беа опозиција, на пример, за малверзации со набавката на вакцините во времето на пандемијата со Ковид, зошто не ги соберат и процесуираат доказите сега?

Или, зошто дозволија да им избега Артан Груби, еден од оние на црната листа на САД, осомничен за крупен криминал, како и бившиот директор на ЕСМ Васко Ковачевски.

Допрва ќе видиме и каков ќе биде епилогот и со газдата на Пуцко Петрол, Асмир Јахоски и со Ратко Капушевски, осомничени за набавка на мазут, опасен по живот.

Опозицијата, пак, може и мора, да се ослободи и да се огради од сите оние за кои ќе се докаже дека биле корумпирани, а не да се однесува заштитнички кон нив и да се прави како да не е од тука. Само така, ќе има и целосно право да објавува сомнителни зделки и можни криминални дејствија на актуелната власт и да бара одговорност.

Расчистувањето со криминалот и корупцијата или сведувањето на минимум е тесно поврзано и со вкупниот просперитет на државата.

Но, изгледа за партиите, наместо темелни реформи на општеството, за кои треба многу работа, полесно е со кревање меѓу-етнички тензии, препукувања за евро-интегративните процеси, меѓусебни обвинувања да се дојде до што поголем број приврзаници и да се дојде или да се остане на власт. Сето тоа со „темелни анализи“ на дебатните емисии на телевизиите.

Ќе соберат ли некогаш храброст сите политички фактори да утврдат заеднички кои се државните приоритети и да се посветат и да работат заеднички на нив, настрана од меѓусебната политичка битка?
Во тој случај и граѓаните ќе почнат да веруваат дека животот би можел да им се подобри, да им биде поквалитетен, а не да бидат оптоварени со секојдневна политика.
Обичниот човек го интересира, пред се, колку плата зема, што може да купи со неа, може ли да обезбеди пристоен живот за себе и за своето семејство, функционираат ли институциите кога му требаат, може ли да отиде на лекар кога има потреба, ќе добие ли правда преку правосудството, ќе има ли чист воздух...

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG