Достапни линкови

Муцунски: Не е јасно дефинирано што е Хамас и затоа не ја поддржавме резолуцијата во ОН


Унгарскиот и македонскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто и Тимчо Муцунски во Скопје, 13 јуни 2025
Унгарскиот и македонскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто и Тимчо Муцунски во Скопје, 13 јуни 2025

„Северна Македонија не е против мир во Палестина, но некои елементи од содржината на резолуцијата во Обединетите нации се спротивни на нашите национални интереси“.

Со вакво објаснување денеска (13 јуни) излезе министерот за надворешна политика и надворешна трговија, Тимчо Муцунски за тоа зошто државата гласала „воздржано“ за резолуцијата што вчера беше изгласана на Генералното собрание во Обединетите нации (ОН), а со која се бараше прекин на огнот во Газа.

Еден од елементите, кои тој рече дека не соодветствуваат со надворешната политика на Северна Македонија е тоа што во резолуцијата има делови кои се спротивно на основните принципи на меѓународното право, како и тоа што не е „јасно дефинирано што е Хамас“, која е прогласена за терористичка организација и од ЕУ и од САД.

„За мене нема дилема дека Хамас е терористичка организација која изврши убиство на територија на Израел, но кога нема јасно дефинирање за дејствијата на Хамас, за тоа што правела Хамас, не може да застанеме зад една таква резолуција“, изјави Муцунски.

Шефот на дипломатијата пред новинарите порача дека „нема дилема оти државата сака мир“ и вели оти како мала држава дава свој придонес колку што може.

„Даваме инпут колку што можеме како мала држава – за мир помеѓу Украина и Русија, жалиме за развојот на состојбите на Блискиот исток, сакаме мир помеѓу Израел и Палестина“, рече Муцунски.

Министерот ставовите ги изнесе на заедничка прес-конференција со шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто кој е во официјална посета на Северна Македонија.

Сијарто, кој доаѓа од редовите на партијата Фидез на премиерот Виктор Орбан, која важи за блиска на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, во Скопје денеска потпиша два документи со македонскиот колега - Договор за стратешко партнерство помеѓу владите на двете земји, како и меморандум за продолжување на програмата за стипендирање на 20 студенти од земјава за студии во Унгарија.

Сијарто: Унгарија е „за“ Западен Балкан во ЕУ, а „против“ влез на Украина

Од Скопје, Сијарто испрати и остри критики на адреса на Европската Унија и на западните земји поради бавната интеграција на Западен Балкан во ЕУ.

„Во Унгарија го сметаме за неприфатливо тоа што додека Брисел сака екстремно брзо да ја прими Украина во ЕУ, истовремено многу поразвиени и поподготвени држави од Западен Балкан да се попречуваат во нивното зачленување“, рече Сијарто.

Тој ги обвини претставниците на западните држави дека ја „залажуваат“ јавноста кога зборуваат дека се за интеграција на балканските држави и рече дека Бугарија не е единствената пречка за Северна Македонија.

„Не лутете се, но ситуацијата е многу потешка. Во овој момент членките на ЕУ кои го поддржуваат проширувањето во насока на Западен Балкансе малцинство. Не треба да се залажуваме дека повеќето кога доаѓаат овде ви зборуваат јавно со убави зборови колку многу го поддржуваат зачленувањето, но кога остануваме сами ние 27-те членки тогаш мнозинството веднаш почнува да зборува за тоа зошто не би можел да се зачлени Западен Балкан“, зборуваше Сијарто.

Муцунски: Сакаме средби и комуникација со Бугарија

Северна Македонија е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година. По решавањето на речиси тридеценискиот спор околу името во 2017 со Грција, официјална Атина го тргна ветото на евроатлантскиот пат на земјата. Државата го промени уставното име додавајќи ја придавката „Северна“ и стана членка на НАТО во 2020, но истата година вето за отпочнување преговори со ЕУ стави Бугарија.

Потоа, договор беше постигнат во 2022 година со усвојување на т.н. француски предлог со кој се предвиде Скопје да ги продолжи евроинтеграциите откако во преамбулата од Уставот ќе ја вметне и бугарската заедница.

Во моментов, дијалогот помеѓу двете земји е во стагнација.

Дали Бугарија воопшто сака некаква средба, треба да се прашате во Софија, порача денеска и министерот Муцунски кој пред два дена имаше телефонски разговор со бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев.

„Јас можам да кажам што ние правиме, ние сакаме средби и комуникација бидејќи сметаме дека е нормално соседи да комуницираат, секогаш ќе наоѓаме начини за комуникација. Но, истовремено нема да отстапиме од поставени принципиелни позиции и тоа е она што го пренесов на мојот колега“, рече Муцунски уште еднаш повторувајќи го владиниот став дека „нема откажување од идентитетот“.

Кога е во прашање дијалогот и средбите помеѓу двете држави, иако имаше очекувања за такво нешто помеѓу претседателката Гордана Силјановска Давкова и бугарскиот шеф на државата Румен Радев на маргините на Самитот на НАТО во Хаг на 24 и 25 јуни, таа нема да се случи. Бугарија одлучи наместо претседателот, да го испрати премиерот Росен Жељазков.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски порача дека доколку има иницијатива за средба на претседателката со Жељазков, тогаш таа треба да се прифати.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG