Високиот претставник на ОН за човекови права, Фолкер Турк, изјави дека воените акции на Израел во Појасот Газа повеќе не се опфатени со принципот на самоодбрана според меѓународното право.
„Зборуваме за протерување кое е многу, многу сомнително“, изјави Турк за австриското радио, осврнувајќи се на ефектот од војната врз цивилното население.
„Она што го видовме во последните месеци нема никаква врска со почитувањето на основните принципи на човештвото. Навистина не можете да најдете повеќе зборови за да опишете што се случува“, изјави Турк.
Тој порача дека пријателите на Израел, мора да извршат огромен дипломатски притисок врз земјата за да го промени своето однесување.
Израелската армија неодамна изјави дека ја продолжува својата војна против палестинската исламистичка група Хамас со проширување на воената зона и повикувајќи ги жителите на повеќето места во јужниот дел на Појасот Газа да го напуштат регионот. Хамас е прогласена за терористичка организација од Соединетите Држави и од Евопската Унија.
Според властите во Газа предводени од Хамас, војната во Газа одзеде повеќе од 53 000 палестински животи.
Таа беше предизвикана од најлошиот масакр во историјата на Израел, извршен од терористи од Хамас и други групи на 7 октомври 2023 година. Околу 1200 луѓе беа убиени, а повеќе од 250 беа земени како заложници во Појасот Газа.