Кога еден татко во Таџикистан го обвинил својот 15-годишен син за кражба на пари во вредност од 50 евра, тој не го однел во полиција, ниту пак го искарал. Наместо тоа, му ги врзал нозете на момчето со јаже, го влечел со автомобил и сето тоа го снимил.
Тинејџерот починал од повредите.
Убиството во јули предизвика шок во таџикистантското општество, каде физичкото казнување е забрането од 2024 година. Сепак, во многу семејства во централна Азија, физичкото казнување не е само вообичаено, туку и норма. Шамари за лоши оценки, влечење на ушите за неподобно однесување, тепање „за воведување дисциплина“ – сè тоа е останато вкоренето во родителската култура.
Изреката „мое дете, мои правила" често се користи како оправдување, прикривајќи ги штетните постапки кои често претставуваат злоставување.
Убиството на тинејџерот во градот Турсунзаде, 60 километри од главниот град на Таџикистан, Душанбе, не е изолиран случај.
Во ноември 2024 година, социјалните медиуми таму беа преплавени со снимки од баба од јужниот регион на Хатлон која удира пет деца на возраст од 3 до 7 години со стап додека лежат на подот и плачат. Еден месец претходно, мајка од истата провинција била снимена како го удира својот 10-годишен син во јавност додека не му прокрварил носот.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи на Таџикистан, во 2024 година се направени 994 кривични дела врз малолетници, што е повеќе од 30 проценти повеќе од претходната година. Четириесет и осум од овие случаи вклучуваат тешки повредии.
Имајќи предвид дека 40 проценти од 10 милиони жители на Таџикистан се помлади од 28 години, размерите на насилството се значителни.
„Според последното демографско и здравствено истражување, 56 проценти од децата помлади од 14 години доживеале насилство во домот“, рече за РСЕ претставник на УНИЦЕФ во Душанбе, кој бараше да не му се наведува името.
Употребата на телесно казнување во родителството е вообичаена ширум Централна Азија.
Во Узбекистан, истражувањето на УНИЦЕФ од 2023 година покажа дека 62 проценти од децата помлади од 14 години биле подложени на насилно дисциплинирање. Тоа доведе до тоа парламентот да усвои нов закон, пролетта оваа година, со кој на родителите им се забрануваат сите облици на телесно казнување.
Во Казахстан, УНИЦЕФ во 2023. година соопшти дека 53% од децата доживеале психолошка или физичка казна. Меѓу малечките од една до две години, таа бројка била 38%. Комитетот на ОН за правата на детето ја повика Астана да донесе законска забрана која сè уште не постои. Во Киргистан се во тек планови за забрана на телесното казнување по истражување од 2023. година кое покажа дека 65% од децата доживуваат насилно дисциплинирање дома, а 37% трпат физичка казна.
„Неписменост на родителите"
Во последните години, во Централна Азија се појави загрижувачка шема: некои родители физички ги малтретираат и понижуваат своите деца пред камера, намерно снимајќи ги овие акции со цел да ги испратат снимките на нивните брачни другари или други членови на семејството. Таквите видеа се користат за манипулирање и вршење притисок врз роднините.
Во февруари, мајка во Узбекистан беше снимена како го тепа своето бебе заканувајќи се дека ќе го убие во знак на одмазда на нејзиниот сопруг. Во 2023 година, татко во узбекистанската провинција Ташкент се сними себеси како го удира и дави своето дете за да ја мачи својата сопруга.
Елзас Ертаџули, директор на советодавниот центар „Среќно семејство" во најголемиот град во Казахстан, Алмати, вели дека главниот проблем е неписменоста на родителите.
„Многумина мислат: Зошто да го губиме времето објаснувајќи што е добро, а што лошо, кога можеш да викаш или да се закануваш и да постигнеш послушност за неколку минути", рече Ертајули.
„Агресијата кон децата е знак на родителска слабост, емоционална нестабилност и незнаење."
„Може да имате мастер диплома и да сте професионалец, но ако не ги знаете вредностите на семејниот живот и штетноста на одредени методи, тогаш сте неписмени во семејните односи", рече Ертајули.
„Таа неписменост ви дозволува да казнувате деца без размислување."
Мадина Шарипова, психолог и вонреден професор на Националниот универзитет во Душанбе, рече дека насилството е циклично.
„Децата што растат со викање и навреди немаат друг пример. Ги репродуцираат истите модели кога ќе станат родители“.
Муазам Ибрагимова, детски психолог во Узбекистан, предупредува дека повторувањето на казнувањето го уништува чувството на безбедност кај децата. „Болката доаѓа од личноста која треба да ги заштити. Тоа ја нарушува довербата и создава хроничен стрес", објасни таа.
„Децата престануваат да прават разлика меѓу своите постапки и самите себе. Тие не помислуваат 'Направив нешто погрешно.' Тие мислат: 'Јас сум лош.'"
Резултатот е, како што рече, деструктивен поглед на светот: "(Таквите родители) интернализираат модел дека силата гарантира покорност. Подоцна, тие или доминираат над другите или бараат некого да доминира над нив. Така се продолжува циклусот на насилство.
„Социјалните проблеми исто така ги засилуваат ризиците“, рече Гулчер Рахмоновa, директорка на невладината организација Правна иницијатива во Таџикистан.
„Голем дел од населението живее под границата на сиромаштија. Финансиската нестабилност и недостигот од храна, сместување или облека создаваат огромен стрес. Агресијата се прелива на најранливите – децата", рече Рахмоновa.
Децата на мигрантските работници од Централна Азија се особено ранливи. Оставени со роднините додека родителите заработуваат пари во странство, тие често се соочуваат со запоставување или злоупотреба. Во узбекистанската провинција Ташкент во март 2024 година, жена фатално ја претепала својата шестгодишна внука бидејќи не ја завршила домашната задача.
Приказната за ужасната смрт на тинејџерот во Таџикистан откако неговиот татко го влечеше со автомобил, беше откриена во јавноста само поради тоа што беше снимена и се појави на социјалните медиуми, а само мал дел од насилните инциденти излегуваат на виделина.
Предизвикот, велат експертите, не е само да се казнат сторителите, туку и да се научат семејствата дека дисциплината без насилство е можна и потребна.