Господине Алиу, куп проблеми во здравството, од друга страна многу најави и ветувања. Се сменија и многу министри за здравство. Вие пред неколку месеци го презедовте министерството. Кога можеме да очекуваме први конкретни резултати во вашиот ресор?
Токму така и ние почнавме од дефинирање на проблемите. После одреден период веќе ги дефиниравме прецизно кои се проблемите и кои се предизвиците коишто Министерството за здравство и целиот здравствен екосистем во државата се соочува. Креиравме работни групи, направивме пет столба коишто ни се главни и ќе нè водат во овој процес. Во оваа фаза некои од нив веќе даваат првични резултати, другите се во тек, како на пример менување на неколку закони, се со цел да бидеме во склад со тоа што е наша визија и мисија во здравството.
Најавивте измена на пакет од 12 закони. Што конкретно ќе значат тие измени во пракса?
За да правите промени во една институција, особено во институција како што е здравството-значи со многу предизвици, голема институција од човечка гледна точка и од инфраструктура и од услуги – вие мора да ги усогласите и законските нормативи сè со цел да може да имплементирате. Посебно кога сакате да направите некоја трансформација. Нашата цел е дигитална трансформација на здравствениот систем и знаете, законите се или стари или не предвидуваат, или во некој случај некои од законите не дозволуваат таков пристап на дигитализација на процесите. И ова беше првичната точка, почнавме да размислуваме кои од законите треба да се менуваат. Испадна дека 12 од нив треба да се менуваат и за синхронизација помеѓу нив и за да ни дозволат дигитализација на процесите. И на крај, исто така, работните групи рекоа дека ќе треба плус дополнителни два нови закони да направиме сè со цел да се да се опкружи тој а правен ај да кажеме вакуум во државата, во здравствениот систем.
Најавивте реформа и на Мој термин. Пациентите и лекарите реагираат дека системот често паѓа, бараат електронски упати, електронски рецепти. Што конкретно ќе реформирате во Мој термин?
Токму така. Таа инфраструктура прво од хардверска гледна точка е застарена инфраструктура и таа интероперабилност помеѓу таа инфраструктура и институциите коишто ја хранат со податоци, исто така, во моментот е несоодветна за таков тип на податоци коишто се генерираат. Затоа првиот чекор во тој правец беше од хардверска гледна точка инфраструктурата да се подобри и да имаме минимум инфраструктура којашто нема да се кочи и тој „флоу“ на податоци ќе биде во реално време пренесен од една во друга точка.
Понатаму втората фаза беше процесите коишто можеме да ги дигитализираме во оваа фаза додека не се менуваат тие закони, да почнеме одма да работиме и веќе неколку нови компоненти се ставени внатре како што е компонентата за апликација на нови лекови да влезат на позитивната листа. Таа е веќе е жива, активна и веќе функционална. Исто така, имавме апликации коишто се поврзуваат помеѓу различни институции што досега не беше случај. Ценам дека полека секоја компонента којашто во моментот може да ја работиме, веќе имаме групи што работат, тие компоненти што се поврзани со некои од законите ќе мора, за жал, да чекаат измена на закони.
Ги споменавме електронскиот рецепт или електронскиот упат. Кога може да профункционираат?
Тој е при крај заедно со Фондот го работиме, знаете дека се поврзани. Рецептот е поврзан и со финансиски процедури и процеси така што има некои процедури коишто административно бараат малце подолг период сè со цел да се менуваат или подзаконски акти или некои протоколи на тој процес за да може да се дигитализираат.
Проблем е и немањето термини, посебно кај одредени специјалисти. Имате ли вие во Министерството направено анализа колку се чека за термин, на пример, на Урологија?
Ние работиме на две насоки во овој дел. Првото е да се мапираат сите здравствени институции коишто нудат таков тип на здравствена услуга и за да може да се дисперзираат тие здравствени услуги на ниво на државата. За жал, некако стана како како дел од нормалното секој пациент да заврши на крај во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ со тоа што сега во моментов 70% на пациентите, здравствените услуги ги црпат од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, а тие 70% според здравствените протоколи, би се сервисирале на секундарно или на примарно здравство. Во оваа фаза правиме дисперзија на експертизата. Што правиме поточно? Доктори од Клиничкиот центар одат во други здравствени институции во градовите низ земјата, пет-шест месеци до една година – зависи од здравствената услуга, за да може понатаму независно тие институции да ги даваат тие здравствени услуги. Цениме дека со ова ќе се намали прво бројот на пациенти во Клиничкиот центар, но од другата страна ќе се намали и времето на чекање.
И вториот пристап е дигитализација. Ние во моментот веќе имаме јасна слика на ниво на државата, колку доктори колку услуги нудат на неделно ниво. Така да и на ниво на здравствена институција веќе може да се оптимизираат здравствените работници да работат максимално во текот на работниот ден. За жал, имавме доктори коишто работат многу малце во текот на работниот ден или доктори коишто се пребукирани во текот на работниот ден. Тоа за здравствените услуги на ниво на Министерството не е добро бидејќи еве се случува пациент којшто сака да се лекува кај одреден доктор со име и презиме, да треба да чека три, пет месеци итн. А друг пациент којшто не бира каде да земе здравствена услуга може да се опслужи побрзо. И сакаме да се оптимизира и на ниво на човечки капацитети.
Вкупно 509 лекари има помалку годинава во споредба со лани, според лиценците на Лекарската комора. Најавивте дека со Министерството за образование ќе правите анализа и ќе правите стратегија за понатамошно образување на кадри. Во меѓувреме како ад хок решение потпишавте договори со приватните клиники за лекари од таму да работат во јавното здравство Дали веќе почнаа да работат лекари од приватните клиники во јавното здравство?
Здравствените услуги не чекаат и ние мора паралелно да работиме на краткорочни решенија за да нудиме услуги за нашите граѓани. Од другата страна да направиме национална стратегија заедно со Министерството за образование за да може таа национална стратегија да ни каже јасен патоказ колку работни места ќе ни требаат нам како Министерство за здравство и кој профил. А, од другата страна Министерството за образование да отвори толку слободни места во образовните институции за да може да ги образуваме тие профили коишто ќе ни бидат потребни и автоматски по завршувањето на формалното образование да бидат вклучени во здравствениот систем. Ова е првата патека.
Втората патека, знаете дека не може да се креира профил на доктор за една година. Тој мора за шест плус специјализација, субспецијализација што значи вам како институција ви требаат 10 години за да може да генерирате профил на соодветно здравствено слободно место. Така што таа патека ќе нè води кон креирање на здравствени работници. Краткорочната ќе нè води кон давање на услуги со надворешни капацитети.
Еден од капацитетите што реално ги имаме како држава се приватните здравствени институции. Но, не застанавме тука. Преку ПАК системот и преку телемедицина сакаме нашите здравствени капацитети што ги имаме и надвор од државата да може да ги вклучиме индиректно да нудат здравствени услуги за нашата земја.
Почнаа ли сепак да работат доктори од приватните клиники?
Да, почнаа. Имаме неколку универзитетски клиники коишто соработуваат со досега две приватни здравствени институции, а нивните доктори, експерти доаѓаат и работат заедно со јавните здравствени институции.
Проблемите на онкологија по скандалот што избувна на таа клиника не се решија. Има недостаток на терапии, недостаток на онколози. На пример, зошто не функционира одделението во болницата „8 Септември“?
Точно дека нема онколози. Недостаток на лекови не би кажал дека нема, значи имаме само одреден лек којшто можеби за краток временски период не е достапен. Кога зборувам за краток, може да е една недела максимум две, заради набавувачите или производителот ако касни. И тука исто така размислуваме за законска регулатива којашто ќе ни дава по поголема флексибилност…
Ја најавивте (законската измена) во однос на набавките. Кога може да се очекува таа?
Па веќе работните групи работат, тие се експерти – правници, заедно со коморите, трите комори се вклучени заедно со експертите доктори. Ние имавме една јавна дебата за тие закони. Ќе имаме уште една и после ќе може процедурите да почнат. Додека за онколошките услуги, ние ги дисперзираме веќе и работиме интензивно. Јас бев во Битола да ги видам процесите за онкологија. Таму сме реално инфраструктурно најспремни за да може сите онколошки здравствени услуги да се дисперзираат во Битола. „8 Септември“ исто така, ќе почне со амбулантското амбулантската терапија – првиот чекор. Вториот чекор ќе биде нормално и процедурите коишто бараат поголема инфраструктура…
Кога конкретно?
Па јас да бидам искрен за „8 Септември“ очекував дека побрзо ќе оди работата. Административно, од наша страна имавме инспектори коишто отидоа и направија извештај, имаше побарување од инфраструктурна гледна точка. Се надевам дека после вториот извештај ќе може да се отвори амбулантата во „8 Септември“. Очекувам да биде тоа недела две. Не очекувам подолго од толку.
Исто така, се работи и во Тетово и во Штип. Штип ни е подалеку за онколошките терапии бидејќи сè уште не сме спремни. Додека Тетово, исто така, некои од процедурите се нудат таму. Веќе колегите заедно со универзитетската клиника разговараат за да може таа палета на здравствени услуги од онкологија да се прошири таму.
До каде е испитувањето на сомнителните кардиолошки случаи со операциите во приватните болници?
Тоа е многу сензитивно прашање за две работи. Прво, сакаме нашите граѓани да веруваат во здравствениот систем и секое пренесување на информации во јавноста без завршување на сите предмети, не би сакале да се случи, посебно не од министер за здравство. Тоа ќе треба да биде од експертите, бидејќи тие ги имаат активности, ги анализираат сите процедури – и од административна гледна точка и од клиничка гледна точка. Останаа од вкупно 30, мислам дека уште седум. При крај сме со тоа. Таа е првата фаза. Втората фаза е таа експертска локална група кај нас да работи заедно со тројца надворешни експерти од Австрија, Словенија и од Италија за да може конечниот извештај да се претвори во акциски план во Министерството за здравство сè со цел да не ни се случуваат вакви, еве да кажеме, процеси во иднина.
Со договорот со Обединетото Кралство градат односно доградуваат болниците во Штип, Кичево и Тетово. Се најавуваше дека после изборите ќе се објави јавен повик за финансиските институции. Кога ќе го објавите повикот и дали евентуално со договорот со Обединетото Кралство се планира и изградба на нов Клинички центар?
205 милиони евра од првата фаза од таа програма во тие институции коишто вие ги спомнавте, ќе се градат нови згради и ќе се обновуваат постоечките. Сè со цел да имаме соодветна инфраструктура во Штип, Тетово и Кичево. Во Кичево од почеток ќе имаме нова зграда бидејќи постоечката не ги задоволува базичните инфраструктурни побарувања. Во Тетово исто така ќе имаме нови згради и целиот кампус ќе биде реновиран. Во Штип исто така нова зграда за факултетот и организација на постоечките објекти за да бидат соодветни за таа здравствена дејност. Ова е само првата фаза.
Втората фаза ќе биде анализа на сите други регионални здравствени институции, бидејќи целта и мисијата и визијата на Министерството е дисперзија на здравствените услуги и регионализација на институции. Значи, да можеме во региони да имаме институции коишто ќе нудат здравствени услуги за тој регион. Ќе се направи соодветна анализа, веќе се прави мапирање на инфраструктура и на човечки капацитети за да може после да ги централизираме на тие региони, тие здравствени институции.
Во оваа фаза спаѓа и Клиничкиот центар. Во моментот се размислува помеѓу постоечкиот Клинички клинички центар – инфраструктурно и други можности. Една од нив е градење на потполно нов клинички центар во нова географска положба. И третиот момент е „8 Септември“, значи да се гради комплекс таму каде што ќе се префрли целиот Клинички центар како таков кај „8 Септември“. Сепак, ова е ептен многу рана фаза. Експертите ќе треба на крајот на денот да ни кажат и од инфраструктурна гледна точка е од аспект на флексибилноста и креирањето на соодветни процеси коишто се поврзуваат помеѓу административниот дел, клиничкиот дел и академскиот дел. Знаете дека Клиничкиот центар е блиску поврзан со факултетот заради тој „рисрч“ ориентиран момент. Така што сме претпазливи кога ќе се креира новиот Клинички центар да не трпи ниедна од овие три гранки.
Премиерот рече дека локацијата на „8 Септември“ е одлична. Вие што сметате дека е најдобро решение?
Едно од решенијата што ги разгледуваме е „8 Септември“. На крајот еве работната група и експертите ќе ги ценат и пристапот и инфраструктурата, но исто така и финансискиот момент дали „8 Септември“ останува крајна дестинација за Клинички центар. Ние сме отворени, ќе ги слушнеме експертите и нивното мислење.
Како што завршија локалните избори, актуелна е темата за реконструкција на владата. Дали очекувате вие да бидете опфатени со идната реконструкција?
Мојот профил и како експерт и како човек е да работиш максимално и да се посветиш таму кај што си во моментот. И јас тоа го правам и сега и порано историски во моите позиции, академски и политички. Верувајте дека овој дел, имајќи предвид дека не зависи од мене, бидејќи ние имаме инфраструктура, имаме политичка влада, имаме премиер којшто одлучува за реконструкција на Владата. И тоа зависи од профилот на секој министер. Ценам дека после анализата на профилите и на процесите коишто се завршени и се во тек ќе треба Владата и во овој случај премиерот да одлучат за таа реконструкција, а јас како министер си терам со моите процеси и обврски сè додека сум министер во оваа институција.