Кога американски дрон MQ-9 Reaper леташе над аеродромот во Багдад во раните утрински часови на 3 јануари 2020 година и ја испука ракета Hellfire што го уби моќниот ирански генерал-мајор Касем Солејмани, се демонстрираше целосната сила на американската супериорност во однос на беспилотните летала.
Нападот беше прецизен, од далечина и без ризик за американските сили. Претставуваше кулминација на децении инвестиции во големи, луксузни, беспилотни летала што кои поединечно чинеа десетици милиони долари.
Но, пет години подоцна, велат аналитичарите – а признаваат и некои политичари – тој модел на доминација се врти.
Војната во Украина воведе радикално поинаква ера на војување со дронови – ера која не се потпира на неколку елитни системи, туку на милиони мали, евтини, беспилотни летала за еднократна употреба што војниците ги користат на фронтот.
Соединетите Американски Држави сега се борат да го стигнат овој тренд, бидејќи беспилотните летала стануваат новата линија на фронтот во модерното војување.
„САД имаат една од најимпресивните индустрии за беспилотни летала во светот, но тие беспилотни летала честопати биле многу големи, многу скапи, со многу извонредни способности. Но, она што ни треба од индустријата во моментов се евтини беспилотни летала во големи количини“, вели Бред Боуман, аналитичар за одбрана во Фондацијата за одбрана на демократиите со седиште во Вашингтон.
„Навистина сме малку дезориентирани во однос на способноста на американската индустрија да произведува евтини беспилотни летала во големи количини“, додаде тој, нарекувајќи ја војната во Украина „повик за будење“ за Пентагон.
Колку поевтино, толку подобро
Според поранешниот министер за одбрана на земјата, Рустам Умеров, се очекува оваа година Украина да произведе повеќе од 4 милиони дронови од сите видови. Многу од нив чинат само неколку стотици долари. Русија, исто така, произведува милиони евтини дронови, откако сфати дека ѝ е потребна кинеска и иранска помош за да ја искористи употребата на помали, помалку софистицирани.
Спротивно на тоа, дронот „Рипер“ што го уби Солејмани, долг 11 метри и тежок 2.200 килограми, чинеше 30 милиони долари. Соединетите Држави се согласија да купат 366 од нив во текот на програмата, заменувајќи го претходниот дрон „Предатор“, од кој околу 270 беа произведени во текот на две децении.
Кога Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина во 2022 година, голем дел од флотата на беспилотни летала на американската војска – која брои илјадници – се базираше околу технологијата од ерата на „Предатор“ и беше дизајнирана за акции против бунтовниците.
Иако американската војска е на чело на технологијата за дронови од висока класа, во моментов нема американски производители кои произведуваат евтини беспилотни летала во големи количини, според индустриски извори.
Неодамнешен извештај на „Њујорк тајмс“ го процени годишното производство во САД на помалку од 100.000 единици.
Со години, евтиниот увоз од Кина – особено од DJI, најголемиот производител на беспилотни летала во светот – доминираше на американскиот пазар, потценувајќи ги домашните производители. Но, тоа би можело да се промени. Откако го достигна врвот од повеќе од 800.000 во 2023 година, кинескиот увоз на беспилотни летала драстично опаѓа поради построгата царинска и гранична контрола. САД сега размислуваат за целосна забрана за нови беспилотни летала на DJI од причини поврзани со националната безбедност.
Администрацијата на Трамп, исто така, презема чекори за решавање на ситуацијата.
Во интервју за „News Nation“ оваа недела, Емил Мајкл, потсекретар за одбрана на САД за истражување и инженерство, рече дека владата се обидува да ги минимизира бирократските пречки за производство.
„Мора да се намали бирократијата“ кога станува збор за производство на беспилотни летала, рече тој.
Пример за тоа кон што можеби се стремат САД беше виден во јуни кога украинската операција „Пајажина“ испрати десетици дронови длабоко на руска територија за да нападнат воздушни бази.
Малите дронови беа шверцувани преку границата, а потоа поставени во заседи. Украина тврди дека покривите на камионите каде се носеше скриената флота дронови биле отворени „од далечина“ за да се овозможи нивно лансирање.
„Овој напад треба да биде повик за будење за војските ширум светот“, изјави за Радио Слободна Европа Стејси Петиџон, директорка на Програмата за одбрана во Центарот за нова американска безбедност.
Меѓународното здружение за системи за беспилотни возила (AUVSI) вели дека има 235 американски компании за дронови кои активно ги продаваат своите производи, а уште 40 развиваат прототипови.
Многу фирми фокусирани на одбраната објавија големи планови за проширување, но предизвиците остануваат, се вели во извештајот.
Според AUVSI, недостатокот на одржлива обврска за набавка од страна на Министерството за одбрана и тешкотиите околу набавка на компоненти во големи количини го забавуваат растот.
„Приоритет број 1 во моментов мора да биде обемот и брзината, но тоа е навистина тешко да се постигне бидејќи со децении го обучувавме целото претпријатие за национална безбедност да го прави токму спротивното. Тоа е драматична промена на културата“, рече Боуман.
Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, минатиот месец вети дека ќе го преиспита процесот на набавка на беспилотни летала на Пентагон и ќе ги зголеми вежбите за беспилотни летала.
„Доминацијата на беспилотни летала е исто толку трка на процеси колку што е и трка на технологија. Современата иновација на бојното поле бара нова стратегија за набавка што ги поврзува производителите со нашите трупи на фронтот“, напиша тој во меморандум од 16 јули.
Чед Радуеџ, консултант за беспилотни летала со седиште во Оклахома и пензиониран бригаден генерал на воздухопловните сили, вели дека американската иновација во производството и тактиките на беспилотни летала ќе се забрза бидејќи војската ќе испорачува системи со ниска цена на единиците и ќе им дозволува на војниците да експериментираат.
„Давајте беспилотни летала во рацете на операторите, нека почнат со обука, а потоа ќе има тактика што ќе ја развиеме како дел од американската воена машина“, изјави Радуеџ за РСЕ/РЛ.
„Ќе видиме некои прилично интересни работи.“