Вести
Условна казна за напад на новинарска екипа добија сопствениците на депонијата во Визбегово
Условна затворска казна за А. Н. и М. К. изрече скопскиот кривичен суд за лицата кои на 9 јули ја нападнаа новинарската екипа на телевизијата Алсат. Инцидентот се случи за време на големиот пожар на дивата депонија во скопско Визбегово, додека новинарите беа на терен и известуваа за сериозното загадување на воздухот.
И двајцата обвинети признале вина и се согласиле со сите обвинувања за кои ги товари Обвинителството.
Прогласувајќи ги за виновни судот им изрече условна затворска казна и тоа три години условно за А. Н. и една година и три месеци условно за М. К. Според пресудата, доколку не ги почитуваат условите на казната, таа ќе биде спроведена како ефективен затвор.
Инаку на 09.07.2025 гореше отпад за старо железо на ул. „Б. Буна“ во Скопје каде гореа хаварисани возила, на кои имало монтирано плински уреди и се слушаа детонации од истите.
Густиот чад од пожарот се гледаше од неколку страни на градот, а имаше остри реакции за загадувањето кое го предизвика овој пожар.
Новинарските екипи беа на терен и известуваа од местото на настанот каде се случи и инцидент по што беа уапсени сопствениците на оваа дива депонија.
Жртви на нападот беа новинарот Авни Тахири и снимателот Шенол Хајредин.
види ги сите денешни вести
До 15 часот одзивот е 30,26 проценти – соопшти ДИК
До 15 часот излезеноста за локалните избори во земјава е 30,26 проценти, а за Скопје 29,94 отсто - соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска информираше дека на ниво на државата гласале 208.571 лице или 93,59 проценти на избирачки места од кои што се пристигнати податоци.
За Скопје гласале 104.182 лица, а податоци се пристигнати од 656 избирачки места или 95,77 отсто.
Најголема излезеност се забележува во Општината Карпош со 32,40 проценти и Општина Центар со 31,65 проценти. Најмала излезеност за Градот Скопје се забележува во Општина Сарај шест проценти и Општина Чаир 8,83 проценти - рече Тодоровска Алексовска.
Во првиот круг до 15 часот излезеноста била 31,16 проценти за Градот Скопје.
Тодоровска Алексовска информира дека гласањето до овој момент се одвива непречено и во најдобар ред. Потенцира дека сите приговори кои биле доставени до ДИК за лично избирачко право се решаваат и сите граѓани непречено си го остваруваат своето право на глас. Нагласи и дека засега до ДИК нема пријавено инциденти.
ДИК им ги одзеде акредитациите на осум набљудувачи поради агитирање пред гласачко место
Државната изборна комисија денеска (2 ноември) во рамки на 151. седница расправаше по два приговори за остварување на право на глас. Во двата случаи утврдено е дека лицата се запишани во Избирачкиот список и до 19 часот можат да го остварат своето право. При тоа, ДИК донесе одлука за одземање на акредитациите на осуммина домашни набљудувачи поради постапување спротивно на Изборниот законик и на Кодексот за набљудување.
Едниот приговор беше поднесен од лицето, Трајче Камчев од општина Центар и како што беше посочено на седницата по проверката на стручната служба утврдено е дека лицето е запишано во Избирачкиот список на избирачкото место 1354 во Општината, поради што приговорот е одбиен.
„Ова лице е запишано во Избирачкиот список на избирачко место 1354 во општина Центар и слободно може да го оствари своето право да гласа“, изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко.
Членовите на ДИК расправаа и по приговор, стигнат по електронска пошта од лицето Ќемал Исмаилоски од Кичево, кој приговара дека не бил пронајден во уредот за биометриска идентификација. Приговор, освен до ДИК е испратен и до Народниот правобранител и до државното Обвинителство. Кондарко посочи дека по проверката на стручната служба и на ИТ секторот е утврдено дека лицето е запишано во Избирачкиот список и во уредот за биометриска идентификација.
Членот на ДИК, Александар Даштевски побара воопшто да не се произнесат по овој приговор, бидејќи тој е доставен од електронска адреса, која не е од овластено лице и можеби не е лично од приговарачот, а исто така е доставен и до Омбудсманот и до Обвинителство.
Поради тоа, според него, воопшто не треба да се одлучува во ДИК, а Обвинителство да утврди дали приговорот е од тоа лице или се злоупотребени лични податоци.
Тој исто така посочи дека досега во ниту едно избирачко место не е забележано оневозможување на остварувањето на правото на гласање.
ДИК донесе одлука и за одземање на акредитациите за набљудување на осум лица. Станува збор за домашни набљудувачи во Општина Шуто Оризари, за кои во текот на денот ДИК добила пријава за злоупотреба на беџовите за домашни набљудувачи, односно агитирање во училиште пред гласачки места.
„На овие лица ДИК им издала акредатации за набљудување, согласно доставените податоци до нас и констатиравме дека овие лица го пречекориле Кодексот за набљудување за лица кои треба непристрасно да се однесуваат на гласачките места и вршеле агитирање на гласачките места“, изјави Кондарко.
Тој посочи дека Државната изборна комисија го известија МВР за овој настан, бидејќи тие агитирале надвор од гласачкото место, каде ДИК не е надлежна.
Кондарко додаде и дека по одземањето, ќе ја известат Општинската изборна комисија во Шуто Оризари и избирачките одбори да не им дозволуваат влез на овие лица во избирачките места и во објектите на гласање, односно дека не смеат да се повикуваат на акредитациите и беџовите, кои претходно им се дадени од ДИК.
Вучиќ: Парламентарните избори во Србија ќе бидат пред предвидениот рок
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 2 ноември изјави дека ќе се сретне со студентите во блокада, за да се одржат парламентарните избори пред предвиденото, пренесува агенцијата Бета.
Вучиќ рече дека за ова ќе одлучат „надлежните институции“.
Распишување предвремени избори е едно од барањата на масовните антивладини протести во Србија што започнаа поради несреќата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица.
Вучиќ, исто така, изјави дека студентите во блокада реагирале негативно на неговото извинување, за острите зборови што ги изговорил за нив, бидејќи како што рече, „тоа е младината, во револуционерна екстаза истрчуваат пред да размислат“.
„Моето извинување беше искрено, не за да му се додворувам на некого, не затоа што, како што мислат некои, се плашев, туку со желба да ја променам атмосферата во општеството“, рече Вучиќ, за време на обиколката на градилиштето на Националниот стадион како дел од проектот EXPO.
Тој рече дека порано реагирал емоционално на „ирационални навреди“, но дека, за разлика од неговите противници, може да го признае тоа.
На 31 октомври, Вучиќ им се извини на „студентите, демонстрантите и другите луѓе“ за некои изјави и повика на дијалог.
„Мојата рака е подадена на оние кои размислуваат поинаку“, рече Вучиќ, додавајќи дека е среќен што одбележувањето на една година од несреќата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември било „мирно и достоинствено“.
На комеморативниот собир во Нови Сад на 1 ноември, десетици илјади луѓе им оддадоа почит на жртвите од падот на настрепницата на железничката станица во Нови Сад.
Денови пред состанокот во Нови Сад, неколку колони студенти од различни делови на Србија тргнаа кон овој град.
Поглаварот на Српската православна црква (СПЦ), патријархот Порфирије, отслужи комеморација за жртвите во Белград, на која присуствуваше државниот врв.
Една година по смртта на 16 лица и тешката повреда на едно лице, никој не е прогласен за виновен.
ДИК: Одзивот до 13 часот е 19, 96 отсто
До 13 часот излезеноста за локалните избори во земјава е 19,96 проценти, а за Скопје 15,28 отсто, соопшти Државната изборна комисија (ДИК) на попладневната прес-конференција.
Од скопските општини најголема е излезноста во Карпош-22, 14 процент, по што следуваат Центар 21, 74 отсто, Кисела Вода-19, 57, Аеродром-19, 21 % итн.
„Досега не се пристигнати пријави за какви било неправилности и нерегуларности, а за претставки за нарушување на изборниот молк има само информации по кои постапуваат надлежните институции“, истакна Радица Тодоровска - Алексовска, портпарол на ДИК.
Во првиот круг од локалните избори за градоначалници до 13 часот излезноста била 20,12 отсто, а за Скопје 20,07 проценти.
МВР: Гласањето се одвива во мирна и демократска атмосфера
Локалните избори 2025 се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера на територија на целата држава, информираат од МВР.
Oттаму додаваат дека МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на целиот изборниот процес.
„До сега не се регистрирани посериозни нарушувања на јавниот ред и мир. Регистрирани се неколку пријави за агитирање при гласање на повеќе места, но по преземени мерки до овој момент не се потврдени наводите од пријавите“, изјави портпаролот на МВР Гоце Андреевски.
МВР, како што истакна, апелира до сите граѓани и до политичките партии да придонесат за мирна, фер и демократска атмосфера и доколку има било какво нарушување на изборниот процес, граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112.
Блокада во Белград, молк за жртвите и поддршка за мајката на еден од загинатите
Во центарот на Белград, група граѓани ја блокираа улицата „Кнез Милош“ на 2 ноември, со цел да оддадат почит со 16 минутен молк за 16-те жртви од падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, пред една година.
Тие се собраа и во поддршка на Дијана Хрка, мајка на една од жртвите од падот на настрешницата, која за време на протестот ден претходно, на 1 ноември, објави дека денеска (2 ноември) ќе штрајкува со глад пред Собранието.
Улицата е блокирана во близина на Парламентот на Србија и кампот на поддржувачи на владата, познат како Чациланд, кој моментално е чуван од полициски кордон.
Меѓу собраните е и Дијана Хрка, која носи маица со натпис „Мајка против машинеријата“, икона и фотографија од нејзиниот син.
На комеморативниот собир во Нови Сад на 1 ноември, десетици илјади луѓе им оддадоа почит на жртвите од падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад.
Една година по смртта на 16 лица никој не е прогласен за виновен.
Во раните утрински часови на 1 ноември, граѓа цвеќиња и свеќи, а во 11:52 часот, кога се сруши настрешницата, беше одржано 16-минутно молчење во спомен на жртвите.
Дијана Хрка, чиј син е меѓу жртвите, во говорот пред толпата на митингот на 1 ноември рече дека ја започнува својата борба и најави штрајк со глад пред Градското собрание на Белград.
„Морам да знам кој го уби моето дете, кој уби 16 лица. Некој мора да одговара за ова“, рече таа.
Трагедијата во Нови Сад ја промени Србија - од едната страна е владата, отелотворена во популистичкиот лидер Александар Вучиќ, додека од другата страна се антивладините сили, предводени од студентското протестно движење.
Илјадници антивладини демонстранти се на улиците на Србија барајќи предвремени избори. Владата остава простор за предвремени избори, но одбива да ги распише.
До 11 часот гласале 10 отсто од гласачите
Одзивот на гласачи до 11:00 часот изнесува 10,10 проценти, соопшти Државната изборна комисија (ДИК) на прес-конференцијата во 11:30 часот.
Излезноста на гласачите во Град Скопје до 11 часот изнесува 8,30 проценти, а податоци се добиени од 611 избирачки места или 89,20 проценти.
На вториот круг избори за градоначалници во 32 општини и град Скопје, најмала излезност има во општината Сарај - 1,86 отсто, а најголема излезност е регистрирана во општината Пробиштип, каде што гласале 22 отсто од избирачите.
Портпаролката на Државната изборна комисија (ДИК) Радица Тодорвска истакна дека гласањето се одвива непречено без поголеми проблеми, освен оној помал технички проблем во Дојран со УБИК апаратот, но проблемот е надминат и гласањето е продолжено на стариот начин на гласање со УВ ламба и спреј.
МВР: Приведено лице во Шуто Оризари и 10 пријави за прекршување на изборниот молк
Од Министерството за внатрешни работи денеска известија за нарушување на изборниот молк во неколку подрачја.
„За време на предизборниот молк, во текот на 01.11.2025 до 07:00 часот на 02.11.2025, односно до отворање на избирачките места, регистрирани се 10 пријави за нарушување на изборниот молк од кои по три на подрачје на СВР Скопје и СВР Охрид, две на подрачје на СВР Штип и по една на подрачје на СВР Тетово и СВР Битола. По преземени мерки не се потврдени пријавите за шест настани.
Покрај ова, регистрирани се 19 објави на социјалните мрежи за време на изборниот молк кои се однесуваат на повик за гласање за одредени кандидати, како и објавени видеа и слики од партиски активности во штабови.
Во врска со гласањето, на 01.11.2025 регистриран е настан за фотографирање кочан со гласачките ливчиња во основното училиште „26 Јули” во општина Шуто Оризари, при што приведено е едно лице и се преземаат мерки за расчистување на настанот.
На сите подрачја гласањето на болни и изнемоштени лица и затвореници помина без нарушување на гласањето“, велат од министерството за внатрешни работи.
Косовските власти приведоа српски полицаец на граничниот премин Јариње
Косовските власти приведоа припадник на српската полиција на граничниот премин Јариње, кој ги поврзува двете земји, под сомнение за неовластен увоз на муниција и неовластено поседување оружје и експлозивни материјали.
Косовската полиција не го објави името на уапсениот маж, но рече дека тој е државјанин на Косово и Србија и дека бил уапсен утрото на 1 ноември.
Тој беше приведен додека властите истражуваат.
Во својот дневен извештај од 2 ноември, косовската полиција објави дека од автомобилот на осомничениот, со српски регистарски таблички, пронајдени се и земени 51 куршум, 9.900 евра во готово и 26.000 српски динари.
„Лични документи како што се лична карта заедно со значка на српската полиција, лична карта на синдикатот на српската полиција, лични карти на Србија и Косово, српски пасош, пар ракавици и USB-уред се земени од осомничениот“, се наведува во соопштението.
Неговото апсење доаѓа неколку месеци откако Косово протера двајца припадници на Министерството за внатрешни работи на Србија во јуни под сомнение за нарушување на националната безбедност и им забрани влез во траење од пет години.
Канцеларијата на Владата на Србија за Косово тогаш објави дека Косово протерало вкупно 11 косовски Срби кои се дел од српската полиција. Сепак, косовските власти не открија колку членови на српското министерство за внатрешни работи се протерани досега.
Во меѓувреме, Србија уапси припадници на косовската полиција, а неодамна и полицаецот Арбнор Спахиу, кој е во притвор од 9 јуни во Суботица, град на север од Србија.
Србија го обвинува Спахиу за извршување на „тешко убиство“ во Бањска - северниот дел на Косово - каде што група вооружени Срби ја нападнаа косовската полиција во септември 2023 година, убивајќи го наредникот Африм Буњаку.
Сепак, косовската полиција потврди дека Спахиу не бил припадник на полицијата во тоа време.
Бесплатна телефонска линија за пријавување изборни повреди
Во канцеларијата на Народниoт правобранител денеска, 2 ноемрви, од 7 до 19 часот ќе функционира бесплатната телефонска линија: 0800-54321, на која што граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право.
Како што соопштуваат од канцеларијата на Омбудсманот, отворени за граѓаните (покрај главната канцеларија во Скопје) ќе бидат и подрачните канцелари на народниот правобранител во: Битола, Кичево, Куманово, Штип, Струмица во Тетово со цел да им се помогне во остварувањето и заштитата на нивните избирачки права.
„Покрај на бесплатната линија, граѓаните ќе можат за заштита на своите права да се јават и на следниве телефонски броеви: Тетово: 044 344-082, Кичево: 045 228-586, Битола: 047 242-310 и Куманово: 031 431-488,Струмица 034 329 -996 и Штип 032 389-700“, се наведува во соопштението од Омбудсманот.
Оттаму дополнуваат дека Народниот правобранител, правата на граѓаните ќе ги штити со преземање на итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на нивните загарантирани права.
„Избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање и дека никој не смее да биде повикан на одговорност заради остварување на ова право, поради што не случајно повредата на слободата на определувањето на избирачите како и други повреди на избирачкото право се казниви дела. Исто така, народниот правобранител апелира до сите чинители во изборниот процес да ги почитуваат здравствените протоколи утврдени за начинот на гласање“, истакнуваат од Канцеларијата на Народниот правобранител.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете