Достапни линкови

Иран соопшти дека ја нападнал базата во Катар во која се стационирани силите на САД


Траги на небото откако иранските вооружени сили соопштија дека е погодена базата Ал-Удеид во Катар, 23 јуни 2025
Траги на небото откако иранските вооружени сили соопштија дека е погодена базата Ал-Удеид во Катар, 23 јуни 2025

Иран денеска (23 јуни) соопшти дека ги нападнал американските сили стационирани во катарската воздухопловна база Ал Удеид – пренесе АП.

Со објава на државната телевизија е наведено дека тоа е „моќен и успешен одговор на вооружените сили на Иран на американската агресија“.

Катар пак, соопшти дека дека го задржува правото да одговори директно, согласно со меѓународното право откако Иран ја погоди американската воена база Ал Удеид во Доха како одговор на нападот на САД на иранската нуклеарна постројка.

Катар наведува дека иранскиот напад на американската база е „флагрантно кршење“ на суверинитетот.

Во соопштението на Катар се наведува дека не се пријавени жртви во нападот.

Катарското Министерство за одбрана наведе дека неговата противвоздушна одбрана „успешно го пресретнала ракетниот напад насочен кон воздухопловната база Ал Удеид“. Министерството потврди дека воздушниот простор и територијата на Катар се безбедни и дека катарските вооружени сили „секогаш се целосно подготвени да се справат со каква било закана“.

Бахреин привремено го прекина воздушниот сообраќај бидејќи Иран ја нападна базата на САД во соседен Катар како одговор на амариканските напади.

„Службата за цивилно воздухопловство при Министерството за сообраќај и телекомуникации објави дека привремено го запира воздушниот сообраќај над небото на Кралството Бахреин како мерка на претпазливост“, се наведува во соопштението.

Радио Слободна Европа обезбеди изјава од Министерството за одбрана на САД, од каде наведуваат дека воздухопловната база Ал Удеид во Катар, која ја користат САД, е нападната со балистички ракети со краток и среден дострел, испукани од Иран.

-Во моментот, нема известување за загинати американски војници. Внимателно ја следиме ситуацијата и ќе дадеме повеќе информации кога ќе бидат достапни – се вели во одговорот за РСЕ од Американското министерство.

Инаку, неколку часа по полноќ на 22 јуни, САД извршија напад со десетина конвенционални бомби најголеми во американскиот арсенал (13.000 килограми GBU-57 Massive Ordnance Penetrator) и тие беа исфрлени од еден од најсофистицираните авиони на американските воздухопловни сили - бомбардерот Б-2.

Станува збор за планинскиот венец Фордо, каде што Иран со години градеше голем објект, длабоко под земја, за збогатување ураниум за употреба во цивилни електрани, или, како што инсистира Израел, за употреба во нуклеарно оружје.

Овој мал планински венец се наоѓ на околу 200 километри југозападно од Техеран.


XS
SM
MD
LG