Достапни линкови

Адвокатите на обвинетите за убиството на Вања и Панче бараат ослободителни пресуди


Судско рочиште за убиството на Вања и Панче (фотоархива).
Судско рочиште за убиството на Вања и Панче (фотоархива).

Адвокатите на четворица од вкупно петмина обвинети во случајот со убиствата на 14-годишното девојче Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, побараа ослободителни пресуди за своите клиенти, на рочиштето кое се одржа на 18 јуни во Основниот кривичен суд Скопје.

Судскиот процес пред првостепениот суд е пред крај и останува уште завршни зборови да дадат адвокатот на првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо и секој од обвинетите поединечно. Следното рочиште е закажано за 20 јуни, а откако и секој обвинет лично ќе даде заврши зборови, судот ќе треба да закаже рочиште за изрекување на пресудата.

Обвинителството веќе ги даде завршните зборови и побара доживотен затвор за Палевски, како и останатите тројца обвинети Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев.

Петтиот обвинет е таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека давал информации за движењето на девојчето.

За него обвинителството претходно побара судот да му одреди „соодветна затворска казна“, додека неговиот адвокат Владимир Туфегчиќ денеска (18 јуни) побара ослободување бидејќи според него обвинетието за таткото е „неосновано“ и „опасен судски преседан“.

Туфегчиќ смета дека клучната теза и теорија на случај на обвинителството не е докажана, а тоа е мотивот – да се дадат пари на обвинетите за откуп на детето. Ниту пак, според одбраната, во судскиот процес е изведен доказ за дејствијата на таткото со кои се докажува дека тој комуницирал со Палевски.

Бранителот на обвинетиот Велибор Манев, адвокатот Горан Бошевски, пак, побара ослободителна пресуда за неговиот клиент за кривичното дело убиство, а осудителна за делото грабнување. Според адвокатот, не постоел договор за убиства и оттаму нема умисла за извршување таков вид кривично дело.

Ослободителна пресуда денеска побара и адвокатот Бојан Манев, бранител на обвинетиот Боре Видевски, посочувајќи дека обвинителството не ја докажало вината на неговиот клиент.

И адвокатот на обвинетиот Влатко Кешишев, адвокат Игор Ефремов, побара ослободителна пресуда со образложение дека тој не само што не учествувал, туку ниту знаел, ниту имал намера убиството да се случи. Евентуална вина, како што посочи Ефремов, неговиот клиент може да сноси само за грабнувањето на Вања.

На претходните судски рочишта, преку своите адвокати семејствата на двете жртви, Вања и Панче, се изјаснија дека во целост го прифаќаат барањето на обвинителството за казните, се приклучија кон кривичното гонење и побараа имотно правно побарување.

Малолетната Вања од Скопје и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември 2023, а на 2 декември истата година, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.

XS
SM
MD
LG