Американскиот претседател Доналд Трамп се врати во Вашингтон од самитот на Групата седум во Канада, поради, многу „важни работи“.
Откако рано го напушти самитот на Групата седум (Г7) во Канада за да се справи со кризата на Блискиот Исток на состанокот на неговиот Совет за национална безбедност, Трамп изрази фрустрација од Техеран што не успеа да постигне договор за неговата нуклеарна програма, која е цел на Израел иако Иран вели дека е исклучиво за цивилни цели.
„Не барам прекин на огнот, туку бараме нешто подобро од прекин на огнот“, им рече Трамп на новинарите на авионот „Ер Форс Уан“ додека ја напушташе канадската покраина Алберта, додавајќи дека неговата цел е „крај, вистински крај, а не прекин на огнот“.
Претходно, Трамп на социјалните мрежи ги повика жителите на Техеран веднаш да го напуштат градот.
„Иран требаше да го потпише „договорот“. Им реков да потпишат каков срам и губење на човечкиот живот. Едноставно кажано, Иран НЕ МОЖЕ ДА ИМА НУЦЕАРНО ОРУЖЈЕ, го кажав тоа одново и одново. „Сите веднаш треба да го евакуираат Техеран!“
Израелската војска претходно издаде известување во кое ги повика жителите на една област на Техеран да се евакуираат.
Израелската војска претходно издаде известување во кое ги повика жителите на една област на Техеран да се евакуираат.
Предупредувањата доаѓаат откако Израел ги засилува нападите во Иран, за кои вели дека имаат за цел да ги уништат нуклеарните капацитети на земјата.
Трамп им рече на новинарите пред да биде објавена неговата одлука да замине предвреме: „Штом ќе заминам одовде, ќе направиме нешто. Но, морам да заминам одовде“.
Трамп не даде детали, но портпаролот на Белата куќа Алекс Фајфер подоцна на X напиша дека американските сили на Блискиот Исток остануваат во „одбранбена положба и тоа не е променето“.
Пред Трамп да замине од самитот, сите седум лидери потпишаа заедничка изјава во која ја нагласуваат „важноста од заштитата на цивилите“ бидејќи растечките напади убиваат цивили од двете страни.
Лидерите на Г7- Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Соединетите Држави - исто така го истакнаа своето убедување дека Иран „никогаш не може да има нуклеарно оружје“, а Израел „има право да се брани“.
Во соопштението се изразува надеж дека решавањето на иранската криза „може да доведе до поширока деескалација на непријателствата на Блискиот Исток, вклучително и прекин на огнот во Газа“.
Се поставуваат прашања за можна вмешаност на САД во нападите врз Иран откако Израел го започна првиот бран бомбардирање на 13 јуни. Американскиот претседател постојано изјавува дека САД не биле вклучени во првичните напади и одби да каже дали САД ќе учествуваат.
Запрашан што би било потребно за САД воено да се вклучат во конфликтот, Трамп рече: „Не сакам да зборувам за тоа“.
Израел гаѓаше повеќе локации на иранската нуклеарна програма, но не беше во можност да го уништи објектот за збогатување ураниум Фордоу, кој е закопан длабоко под земја на околу 200 километри јужно од Техеран. На Израел ќе му треба американска бомба за разбивање бункер, која може да ја испорача само американскиот воен бомбардер Б-2, за да ја елиминира, рекоа воени експерти цитирани во извештаите на американските медиуми.
Наглото заминување на Трамп од самитот, кој треба да заврши на 17 јуни, се чини дека значи дека тој ќе ја пропушти закажаната средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е поканет да учествува на самитот од земјата домаќин Канада.
Тој состанок можеби беше уште еден спор меѓу двајцата мажи, откако Трамп на 16 јуни рече дека поранешната Група осум згрешила што ја исфрлила Русија во 2014 година, откако таа го анектираше Крим.
Зборувајќи заедно со канадскиот премиер Марк Карни, Трамп го нарече тој потег „голема грешка“, додавајќи оти верува оти Русија немаше да ја нападне Украина во 2022 година доколку Путин не беше исфрлен.
„[Рускиот претседател Владимир] Путин зборува со мене. Тој не разговара со никој друг... Тој не е среќна личност во врска со тоа. Можам да ви кажам дека тој во основа не зборува ниту со луѓето што го исфрлија, и јас се согласувам со него“, рече Трамп.
Иако Трамп не кажа дека Русија треба да биде вратена во групата, неговите коментари покренаа сомнеж за тоа колку Зеленски можел да постигне на состанокот.
Лидерите на европските земји во Г7 изјавија пред почетокот на самитот дека сакаат да го убедат Трамп да ги поддржи построгите санкции кон Москва.
Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека со оглед на целта да се постигне прекин на огнот на Блискиот Исток, заминувањето на Трамп од Г7 е позитивно, истакнувајќи дека Американците дале понуда да се сретнат со Иранците.
„Ако САД можат да постигнат прекин на огнот, тоа е многу добра работа“, им рече Макрон на новинарите.
На оваа изјава на Макрон реагираше Трамп на социјалните мрежи со став дека неговото заминување од самитот на Г7 не е поврзано со евентуално примирје меѓу Израеел и Иран. „Макрон не знае зошто си заминав за Вашингтон“, напиша Трамп.