Достапни линкови

Израелскиот напад врз Иран - тест за Трамп да ги држи САД подалеку од војна


Доналд Трамп
Доналд Трамп

Дел од експертите за Блискиот Исток предупредуваат дека можноста САД да бидат вовлечени во уште една војна во регионот е реална.

Израелската воена операција против иранските постројки за збогатување на ураниум и програмата за балистички ракети, како и реакцијата на САД, го ставаат на тест американскиот претседател Доналд Трамп и неговото предизборно ветување – да ги држи САД подалеку од странски конфликти.

Додека Трамп се подготвува со голема воена парада денеска (14 јуни) во Вашингтон да ја прослави 250-годишнината од основањето на американска војска – настан што се совпаѓа со 79-тиот роденден на претседателот и доаѓа по неговата одлука да испрати американски воени сили во Калифорнија за да ги контролираат немирите на имигрантите, се поставуваат прашања за степенот на вмешаност на САД во нападот врз Иран.

Државниот секретар Марко Рубио беше првиот функционер на администрацијата кој реагираше за нападот, издавајќи соопштение на 12 јуни во кое се вели дека САД „не биле вклучени“.

Сепак, експертите за надворешна политика на 13 јуни изјави дека им било кажано оти Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху разговарале неколку пати во часовите пред нападот.

„Знаевме сè“, рече Трамп за плановите за напад на Израел, информираше Ројтерс.

„Се обидов да го спасам Иран од понижување и смрт. Се обидов да ги спасам затоа што би сакал да видам постигнат договор“, рече претседателот.

На 13 јуни, Трамп свика состанок на својот Совет за национална безбедност за да разговара за операциите на Израел. Не беа објавени детали за спецификите на состанокот, но сепак, Трамп на неговата социјална мрежа Truth Social предупреди дека е свесен за плановите на Израел и дека „има уште многу од тоа што доаѓа“.

Во исто време, се чинеше дека сака да ја претстави ситуацијата како втора шанса за Иран да постигне договор за ограничување на својата нуклеарна програма.

„Иран мора да склучи договор пред да остане ништо од него и да го спаси она што некогаш беше познато како Иранска империја“, напиша Трамп порачувајќи: „САМО НАПРАВЕТЕ ГО ТОА, ПРЕД ДА БИДЕ ПРЕДОЦНА.“

Коментарите сугерираат дека Трамп сè уште се надева оти може да се постигне договорно решение.

Белата куќа еден ден пред нападот соопшти дека претставникот на Трамп, Стив Виткоф, ќе отпатува во Оман за да се сретне со ирански претставници на 15 јуни и да разговара за нуклеарната програма на Техеран.

Иако Иранците изјавија дека нема да учествуваат, Трамп рече дека разговорите сè уште се на дневен ред, иако не е сигурен дали ќе се одржат.

Израелските напади покренаа прашања за следните чекори на Соединетите Американски Држави и ризикот од вовлекување во уште една војна во регионот, со оглед на непропорционалното американско воено присуство во Персискиот Залив.

Некои воени извори веќе почнуваат да го менуваат својот став додека САД се обидуваат да се заштитат од можна одмазда од Техеран, според двајца американски функционери кои разговараа со Асошиејтед Прес под услов на анонимност.

Трамп истакна – всушност се пофали – дека Израел користел борбени авиони и друго оружје обезбедено од САД, предупредувајќи ги иранските лидери дека Израел има „најдобра и најсмртоносна воена опрема насекаде во светот“ и дека понатамошните напади „би биле многу полоши од сè што знаат, очекуваат или им е кажано“.

Џон Болтон, кој беше советник за национална безбедност на Трамп во неговиот прв мандат, рече дека САД не само што треба да му помогнат на Израел да ги изврши нападите со обезбедување разузнавачки информации, собирање сојузници во Персискиот Залив и испраќање американски сили во регионот, туку треба да се подготват и за втора фаза – потенцијална промена на режимот.

„Иранската нуклеарна програма не е израелски проблем – тоа е американски проблем. Тоа е проблем со глобалната пролиферација, а ние го дозволивме тоа премногу долго“, рече тој.

Тој ги нарече нуклеарните разговори со Иран „губење кислород“, велејќи во интервју за Си-ен-ен на 13 јуни дека „никогаш немало шанса Иран да се согласи на договор што ние би го сметале за прифатлив“.

Нетанјаху „се проби низ маглата и, искрено, го направи она што требаше да се направи пред 20 години“, рече Болтон, познат јастреб за надворешна политика кој претходно беше амбасадор на САД во Обединетите нации.

Други експерти за Блискиот Исток предупредија дека можноста САД да бидат вовлечени во уште една војна во регионот е реална.

Елиот Абрамс, виш соработник за студии за Блискиот Исток во Советот за надворешни односи (CFR), рече дека САД ќе возвратат ако Иран убие некој Американец. Но, тој додаде дека не верува оти Техеран ќе биде „доволно луд за да го стори тоа“.

Зборувајќи на телефонска конференција со новинарите, Абрамс исто така посочи дека иако не го смета Трамп за изолационист како многумина во неговата коалиција „Да ја направиме Америка повторно голема“ (MAGA), тој верува дека претседателот работи врз основа на претпоставката дека САД не сакаат да интервенираат никаде, но „ако предизвикате проблеми, ќе ве убиеме“.

Абрамс и други експерти за надворешна политика рекоа дека на Израел ќе му треба таканаречена бомба за уништување бункери за да го уништи нуклеарниот објект Фордоу, кој се наоѓа длабоко под земја. Тој рече дека не верува оти САД се подготвени да му го обезбедат оружјето на Израел или самите да го користат.

Даниел Бајман, експерт за политика во Центарот за стратешки и меѓународни студии (CSIS), рече дека не е јасно дали израелскиот напад всушност ја уништил нуклеарната програма на Иран на долг рок и дека, и покрај одбивноста на Трамп кон војната, може да биде убеден да ја заврши работата.

„Иако администрацијата на Трамп можеби не сака да го нападне Иран, можеби смета дека е подобро тоа отколку да му дозволи на Иран да ја обнови својата нуклеарна програма“, рече Бајман во онлајн коментар.

„Таквиот одговор на САД е особено веројатен ако Иран возврати на американски цели, како и на израелски“, додаде тој.

Бајман смета дека САД „лесно би можеле да бидат вовлечени во овој конфликт.“

Вали Наср, автор на „Големата стратегија на Иран“ и професор по меѓународни односи и студии за Блискиот Исток на Универзитетот Џонс Хопкинс во Балтимор, рече дека смртта на десетици ирански цивили значеше дека двете страни веќе ја преминале линијата во конфликтот.

„Не гледам дека тоа ќе престане бидејќи не гледам дека Иран сега ќе може да седне на преговарачка маса и … да прифати да се предаде“, изјави Наср за американската телевизија PBS.

„Тој се чувствува принуден да возврати, а тоа ќе предизвика понатамошна одмазда“.

Наср додаде дека Трамп нагласил оти сака дипломатија, но дека сега веројатно ќе „заработи војна за која рече дека не ја сака и ќе го остави регионот, мислам, понестабилен отколку кога дојде на власт“.

XS
SM
MD
LG