По извештаите дека Москва ги зајакнала своите воени бази во близина на границата на НАТО алијансата, Финска изјави дека очекува Русија дополнително да го зголеми бројот на војници по должината на нивната заедничка граница откако ќе заврши војната во Украина.
Генерал-мајор Сами Нурми, шеф на стратегијата на финските одбранбени сили, изјави дека војската ги следи маневрите на Москва „многу внимателно“ и дека нивната работа, како дел од НАТО алијансата, е да се „подготват за најлошото“.
Финската гранична стража во среда (21 мај) објави дека ги завршила првите 35 километри од планираната ограда од 200 километри на нејзината источна граница со Русија, која е затворена повеќе од една година, откако Хелсинки ја обвини Москва за пренасочување на баратели на азил во Финска во „хибридна операција“. Оградата, исто така, користи камери и сензори за да прави разлика помеѓу луѓето и животните што ја преминуваат границата.
Се чини дека сателитските снимки, објавени од „Њујорк тајмс“, ја покажуваат експанзијата на руската воена инфраструктура во близина на финската граница, вклучувајќи редови шатори, воени возила, реновирање на засолништа за борбени авиони и изградба на претходно неискористен хелиодром.
„Тие ги менуваат структурите и гледаме умерени подготовки кога станува збор за изградба на инфраструктура во близина на нашите граници, што значи дека кога војната во Украина, се надеваме, ќе заврши, тие ќе почнат да ги враќаат силите што се бореа во Украина, особено копнените сили“, рече Нуми.
Иако ова не беше неочекувано, бидејќи Финска се приклучи на НАТО со рекордно темпо во 2023 година по руската инвазија на Украина, Нурми рече дека тие „многу внимателно ги следат подготовките“.
„Тие го прават тоа во фази. Би рекол дека бројот на војници е сè уште умерен. Не е голема градба, но на одредени места се гради нова инфраструктура и се прават подготовки, се внесува нова опрема. Исто така, треба да процените дали се подготвуваат да испратат повеќе војници во Украина или се подготвуваат да ги зголемат своите сили во близина на нашата граница. Но, претпоставувам дека ги прават и двете“, истакна тој.
Реагирајќи на промената во активностите на Русија, американскиот претседател Доналд Трамп на новинарите им рече дека „воопшто не е загрижен за тоа“, додавајќи дека Финска и Норвешка „ќе бидат многу безбедни“.
Повторувајќи го мислењето на претседателот, Нурми рече дека „нема непосредна воена закана за Финска или НАТО од таа насока“ додавајќи:
„Она што се случи веднаш по нападот врз Украина беше дека аплициравме за членство во НАТО, а потоа, кога бевме примени, Русија објави дека ќе почне да го менува својот воен став преку границата“.
Финските граѓани се навикнаа на заканата од нивниот источен сосед, но стотици сè уште се запишуваат на курсеви за обука за да се подготват за вонредни ситуации.