Денеска во Тирана ќе се одржи шестиот Собир на Европската политичка заедница под наслов „Нова Европа во новиот свет: единство - соработка - заедничко дејствување“, на кој ќе присуствува и македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Клучна тема на Собирот, чии ко-домаќини се претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и албанскиот премиер Еди Рама, ќе биде сигурноста и споделената визија за иднината на Европа.
Се очекува водачите да дискутираат за безбедноста на Европа, вклучувајќи ја и поддршката за Украина, европската одбрана, заштитата на демократијата, како и подготвеноста и капацитетот за одговор на разни закани.
Дополнително на ова, на настанот ќе се организираат и три тркалезни маси на високо ниво со акцент на безбедноста и демократската отпорност на Европа, вклучувајќи ја и руската агресија врз Украина, потоа на унапредување на европската конкурентност и сигурност преку иновации и издржливост, како и на предизвиците во мобилноста и зајакнување на младите.
Во поканата упатена до европските водачи за учество на Собирот, Кошта и Рама истакнуваат дека Европа се наоѓа во важен историски момент, одбележан со повеќеслојни и комплексни предизвици.
„Додека продолжува агресивната војна на Русија против Украина, нејзините последици се чувствуваат далеку надвор од границите на Украина, оптоварувајќи ја нашата безбедност и тестирајќи ја нашата колективна отпорност“, се наведува во поканата.
На Собирот на ЕПЗ во Тирана е најавено присуство на 47 шефови на држави или влади од Европа.
Покрај премиерите Мицкоски и Рама, на настанот ќе учествуваат и претставници на сите 27 членки на ЕУ, на земјите од ЕФТА (Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија), како и на Азербејџан, Андора, Босна и Херцеговина, Велика Британија, Грузија, Ерменија, Косово, Молдавија, Монако, Сан Марино, Србија, Турција, Украина и Црна Гора.
На Собирот ќе бидат присутни и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, како и генералните секретари на НАТО, Марк Руте, на Советот на Европа, Ален Барсе и на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Феридун Синирлиоглу.
Идејата на Европската политичка заедница е да го поттикне дијалогот и соработката помеѓу водачите на континентот за справување со прашања од заеднички интерес и за зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на Европа. Таа не е предвидена да замени ниту една постоечка структура, организација или процес, туку е форум на кој европските земји можат да пронајдат дополнителен простор за соработка по најважните прашања на континентот.
До сега се одржаа пет собири на Европската политичка заедница.