Достапни линкови

Судир меѓу полицијата и демонстрантите пред Факултетот за физичко образование во Нови Сад


Полицијата интервенираше за да ги растера студентите и граѓаните од протестот пред Факултетот за спорт и физичко образование во Нови Сад, 28 април 2025
Полицијата интервенираше за да ги растера студентите и граѓаните од протестот пред Факултетот за спорт и физичко образование во Нови Сад, 28 април 2025

Полицијата употребила сила во обид да ги отстрани студентите и граѓаните, собрани на нивен повик, пред влезот на Факултетот за спорт и физичко образование (ДИФ) во Нови Сад за време на блокадата.

На видеата објавени на социјалните мрежи може да се забележи како полицијата ја тепа толпата со палки. Полициските единици употребиле и солзавец.

Демонстрантите одговориле на полициската акција со туркање, фрлање шишиња и полевање вода врз нив.

Тие скандираа „рацете ви се крвави“, „спуштете ги штитовите“ и слоганот на студентските протести „пумпај“.

Студентите во блокадата и граѓаните се собраа пред Факултетот за спорт и физичко образование на 28 април во утринските часови, со цел да ги спречат деканот Патрик Дрид и неговите соработници да влезат во зградата и да ја пробијат блокадата на тој факултет.

Деканот за медиумите потврди дека ја повикал полицијата, а пред факултетот биле распоредени единици на жандармеријата и интервентна полиција опремени за разбивање на демонстрациите.

Факултетот за спорт и физичко образование во Нови Сад, заедно со десетици високообразовни институции во Србија е во блокада веќе неколку месеци.

Блокадите ги предводат студенти, а фокусот на нивните барања е утврдување на кривична и политичка одговорност за смртта на 16 лица во железничката несреќа во Нови Сад.

Полиција и граѓани пред Факултетот за спорт и физичко воспитување во Нови Сад, 28 април 2025 година
Полиција и граѓани пред Факултетот за спорт и физичко воспитување во Нови Сад, 28 април 2025 година

Деканот на Факултетот за спорт и физичко образование, Патрик Дрид, се спротивставува на блокадата и, спротивно на волјата на студентскиот пленум, се обидува да организира настава.

На 28 април, тој за телевизијата Н1 изјави дека повеќето студенти сакаат да полагаат испити и дека „група блокатори“, за кои рече дека не ги познава и кои ги гледа за прв пат, не му дозволува да влезе на универзитетот.

Денеска Дрид се појави пред факултетот, каде што беше пречекан од голема група студенти, професори кои ги поддржуваат блокадите и граѓани кои се јавија на студентскиот повик.

Студентите го нарекоа протестот „Утринска вежба“ и рекоа дека нема да дозволат Дрид да ја пробие блокадата на факултетот.

Толпата го поздрави деканот со свирчиња и тапани и од него побараа оставка.

„Сите ве молиме да поднесете оставка сега, дајте оставка, повеќе не сте на власт, дајте оставка додека не ве избркаат сите ваши студенти“, му рекоа насобраните на деканот.

Шестмесечните масовни протести и студентски блокади беа предизвикани од несреќата на железничката станица во Нови Сад, каде што 16 лица загинаа кога на 1 ноември падна настрешницата на зградата.

Властите тврдат дека барањата на студентите се исполнети, повикувајќи ги да ги отворат факултетите.

Студентските протести станаа симбол на пошироко незадоволство од владеењето на правото во Србија - заедно со прашањето дали небрежноста и корупцијата на системот доведоа до уривање на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад и смрт на 16 лица.

Зад барањата на студентите, покрај стотиците илјади граѓани кои со месеци се собираат на протести, застанаа бројни универзитетски професори, едукатори, земјоделци, адвокати и актери.

XS
SM
MD
LG