Достапни линкови

Вести

Кина одржува голема воена вежба околу Тајван

илустрација
илустрација

Кинеската војска денеска (1 април) соопшти дека започнала воена вежба во која учествуваат различни родови на војската околу Тајван, „за да послужат како остро предупредување и моќно одвраќање за тајванската независност“ и го нарече тајванскиот претседател Вилијам Лаи „паразит“.

Кина, која го смета Тајван за своја провинција, го зголемува политичкиот и воениот притисок врз островот во последниве години.

„Фокусот на вежбите е на практикување борбено патролирање на море и во воздух, воспоставување сеопфатна контрола, удар на морски и копнени цели и наметнување блокада на стратешките области и рути“, напиша Источната команда на кинеската армија на својот официјален профил на WeChat.

Тајванската војска соопшти дека внимателно ги следи вежбите, во кои учествуваше и кинескиот носач на авиони „Шандун“.

Овие вежби се одржуваат само две недели по големите маневри во средината на март кога Пекинг испрати голем број беспилотни летала и бродови на островот.

Кинеската канцеларија за прашања на Тајван објави дека вежбите биле насочени кон тајванскиот претседател Лаи Чинг-те.

„Лаи Чинг-те тврдоглаво инсистира на ставот за „независност на Тајван“, дрско нарекувајќи ја континенталната Кина „непријателска странска сила“ и ја претстави таканаречената „стратегија од 17 точки“ за да го поттикне антикинеското расположение“, соопшти кинеската канцеларија за прашања на Тајван.

„Нема да го толерираме или одобриме на кој било начин и мора одлучно да се спротивставиме и строго да ги казниме ваквите постапки“, додаваат од Канцеларијата.

Во средината на март, Лаи претстави стратегија од 17 точки чија цел е зајакнување на националната безбедност на Тајван.

Меѓу точките се дозволувањето случаи на шпионажа да се судат во воени судови, заострување на регулативите за имиграција за кинеските државјани кои бараат постојан престој.

Пекинг испраќа воени авиони и морнарички бродови кон Тајван на речиси секојдневна основа во обид да ја намали одбраната и моралот на Тајван, иако повеќето од 23-те милиони жители на Тајван го отфрлаат кинеското барање за суверенитет над островот.

Кина го зголеми опсегот на овие вежби во последниве години, од испраќање само борбени авиони до испраќање групи авиони, беспилотни летала и бродови.

види ги сите денешни вести

Руски напад остави без струја околу 27000 домаќинства во Одеса

илустрација
илустрација

Речиси 27.000 домаќинства во јужниот регион Одеса во Украина се без електрична енергија по синоќешниот руски воздушен напад врз енергетски објект, соопшти денеска (29 октомври) енергетската компанија ДТЕК.

Нападот ја оштетил и транспортната инфраструктура, напиша воениот гувернер на црноморскиот регион, Олег Кипер, на Телеграм.

Украинското Министерство за енергетика пријави нови руски напади врз енергетските системи во регионите Одеса, Дњепропетровск и Доњецк, пренесе ДПА.

Со оглед на тоа што електричната мрежа е веќе ослабена од претходните напади, некои области се соочуваат со повеќечасовни прекини на електричната енергија, што влијае и на индустријата и на приватните домаќинства.

Властите соопштија дека едно лице е убиено во синоќешните напади.

Украинското воено воздухопловство информираше дека руската војска лансирала 126 дронови, од кои 93 биле соборени.

Предвремени парламентарни избори во Холандија

Лидерот на Партијата на слободата (ПВВ) Герт Вилдерс, 29 октомври 2025 година
Лидерот на Партијата на слободата (ПВВ) Герт Вилдерс, 29 октомври 2025 година

Холанѓаните се враќаат на гласачките места во среда, 29 октомври, само 23 месеци откако Партијата за слобода (ПВВ), предводена од Герт Вилдерс, постигна најголем успех на изборите во ноември 2023 година.

Крајнодесничарската партија освои 37 од 150 места во долниот дом на парламентот.

Коалиција предводена од високиот државен службеник Дик Шуф беше формирана во јули 2024 година, по интензивни преговори. Таа влада траеше помалку од една година, бидејќи Вилдерс го забрза нејзиниот пад во јуни, предизвикувајќи предвремени избори.

На денешните избори кои се оценуваат како најнеизвесни во последниве неколку децении до 10: 30 часот гласале околу 12 отсто од регистрираните гласачи.

Како што јавуваат холандските медиуми, оваа излезност е пониска во споредба со претходните избори во ноември 2023, кога до 10:30 часот одзивот беше 14 проценти.

Своето гласачко право уште претпладнево го остварија лидерите на водечките политички партии.

За да се олесни гласањето на граѓаните, поставени се гласачки места и на 50 железнички станици ширум Холандија, на кои, според централната Изборна комисија, засега нема поголеми гужви и гласачкиот процес тече непречено.

Последните анкети на јавното мислење, спроведени вчера (28 октомври), покажуваат неизвесна борба за победа меѓу Партијата на слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс, блокот на Лабуристичката партија (ПВДА) и Зелената левица (ГЛ) на Франс Тимерманс и партијата Демократи 66 (Д66) на Роб Јетен, кои се очекува да освојат по околу 15 отсто од гласовите и по 23 пратенички места.

Околу 10.000 гласачки места за денешните избори ќе бидат отворени до вечерва до 21 часот.

Трамп вели дека трговскиот договор со Јужна Кореја е „речиси“ готов

Американскиот претседател Доналд Трамп и северкорејскиот претседател Ли Џе Мјунг
Американскиот претседател Доналд Трамп и северкорејскиот претседател Ли Џе Мјунг

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е постигнат трговски договор со јужнокорејскиот претседател Ли Џе Мјунг, пред да додаде дека договорот е „речиси“ финализиран.

„Го направивме тоа“, им рече Трамп на новинарите кога беше прашан дали е постигнат договор, без да даде дополнителни детали.

„Постигнавме договор. Направивме многу различни работи. Имавме одлична сесија“, рече американскиот лидер.

Но, подоцна го смени тврдењето, велејќи на вечера на која беше и Ли дека договорот е „скоро финализиран“.

„Дојдовме до заклучок за многу многу различни точки“, истакна Трамп.

Во јули, Трамп рече дека Вашингтон се согласил да ги намали царините за јужнокорејскиот увоз на 15 проценти во замена за инвестициски залог од 350 милијарди долари.

Но, високите царини за автомобили останаа на сила, а двете влади беа поделени околу структурата на инвестицискиот залог.

Во разговор со новинарите, главниот помошник на претседателот во Сеул, Ким Јонг-Беом, потврди дека е постигнат широк договор.

Сеул и Вашингтон „постигнаа договор за деталите од преговорите за царините“, потврди Ким.

Тој рече дека двете страни се согласиле да ги одржат реципрочните царини на 15 проценти по прелиминарниот договор постигнат во јули.

„Пакетот за финансиски инвестиции на Јужна Кореја за Соединетите Држави, вреден 350 милијарди долари, се состои од 200 милијарди долари во готовински инвестиции и 150 милијарди долари во соработка во бродоградбата“, додаде Ким.

Двете страни, исто така, се согласиле да ги „намалат царините за автомобили и автоделови на 15 од 25 проценти, соопштија од Кабинетот на Мјунг.

Романија вели дека САД ќе го намалат бројот на војници во Европа

илустрација
илустрација

Вашингтон им соопшти на Романија и на сојузниците дека ќе намали дел од американските трупи распоредени на источното крило на НАТО, соопшти романското Министерство за одбрана во среда, 29 октомври.

Одлуката не е „повлекување“, изјави романскиот министер за одбрана Јонут Мостеану за новинарите кратко по објавувањето на соопштението.

„Тоа е прекинување на ротацијата на бригада што имаше елементи во неколку земји на НАТО, вклучувајќи ги Бугарија, Романија, Словачка и Унгарија“, истакна министерот.

Во соопштението на министерството се наведува дека 1000 американски војници ќе останат распоредени во Романија.

Тие ќе помогнат „да се одврати каква било закана“ и претставуваат „гаранција за посветеноста на Соединетите Држави кон регионалната безбедност“, рече Мостеану.

Функционер на НАТО за АФП изјави биле однапред информирани од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и го минимизираше овој потег.

„Дури и со ова прилагодување, позицијата на американските сили во Европа останува поголема отколку што беше со години, со многу повеќе американски сили на континентот отколку пред 2022 година“, рече функционерот, додавајќи дека посветеноста на Вашингтон кон алијансата останува „јасна“.

Мостеану рече дека стратешките капацитети се „непроменети“, прецизирајќи дека „системот за ракетна одбрана во Девеселу останува целосно оперативен.

„Воздухопловната база Кампија Турзи продолжува да биде клучна точка за воздушни операции и сојузничка соработка, базата Михаил Когалничеану продолжува да се развива, а американското знаме ќе остане присутно на сите три локации“, продолжи тој.

„Воздухопловната борбена група ќе остане во воздухопловната база Когзлничеану, како што беше случај пред избувнувањето на конфликтот во Украина“, додаде тој.

Неговото министерство, исто така, рече дека „одлуката била очекувана“ и дека е „резултат на новите приоритети на (американската) администрација, објавени во февруари“.

Касами: Мојата изјава за поддршка на Дехари во Кичево е извадена од контекст

Билал Касами
Билал Касами

Билал Касами, еден од лидерите на ВРЕДИ и кандидат за нов мандат за градоначалник на Тетово, вели дека неговата изјава за поддршка на кандидатот на НАИ во Кичево, Фатмир Дехари била погрешно протолкувана бидејќи, како што нагласува, противниците на ВРЕДИ се обиделе да ја отворат етничката карта на овие избори. Тој објаснува дека неговата изјава за Кичево е извадена од контекст, а реакцијата на премиерот Христијан Мицкоски не ја гледа како „опомена“.

„Изјавата, во моментот кога беше дадена, беше во контекст на тоа што нашите политички опоненти во овие избори се обидоа максимално да ја отворат етничката карта. Целата таа изјава, би рекол, беше искрена, но политички беше погрешно протолкувана“, изјави Касами.

Тој во интервју на Алсат, потенцира дека неговите ставови се јасни и во согласност со оние на коалицијата ВРЕДИ, објаснувајќи дека намерата не била да се поддржи ниту еден кандидат поради етничка припадност, туку врз основа на морални вредности и политички перформанси.

„Фатмир Дехари е најслабиот кандидат на ДУИ, кој за време на неговото владеење не донесе ништо добро во Кичево. Напротив, им наштети на градот и на луѓето од Кичево. Поради оваа причина, не можеме да застанеме зад него само затоа што е Албанец“, рече Касами.

Тетовскиот градоначалник додава дека Движењето Беса отсекогаш ги поддржувало кандидатите кои ги претставуваат интересите на граѓаните, без оглед на етничката припадност. Потсетува дека Движењето Беса имало свој кандидат во Кичево и дека граѓаните сега знаат „кого треба да поддржат во вториот круг“.

Касами се осврна и на коментарите на премиерот Христијан Мицкоски во врска со неговата изјава за поддршка на кандидатот на НАИ во Кичево, Дехари.

Во интервјуто тој нагласува дека не ја гледа реакцијата на Мицкоски како „опомена“, објаснувајќи дека неговата изјава е извадена од контекст.

По завршувањето на првиот круг од локалните избори, Касами повика на национално, а не на коалициско мобилизирање за вториот круг од локалните избори. Касами, кој победи во првиот круг на градоначалничката трка во Тетово благодарение на гласовите на коалицискиот партнер во владата, ВМРО-ДПМНЕ, во ТВ дебата изјави дека Вреди во вториот круг во Кичево ќе го поддржи кандидатот на ДУИ, Фатмир Дехари, а не кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски.

Иако не го спомена со име, премиерот Мицкоски одговори дека „некои политичари мора да разберат дека за да бидеме коалициони партнери треба да сме подготвени да се обединиме и да поддржиме вредности, а не да се поделиме на етнички теми и прашања, низ призмата на шовинизмот и слични етнички процедурални разлики“.

Шеснаесетгодишно момче загина во сообраќајна несреќа во Србија, седум малолетници се повредени

илустрација
илустрација

Едно малолетно лице загина, а неколку други се повредени во сообраќајна несреќа што се случила рано наутро на автопатот Нови Сад - Белград кога се превртело комбе во кое се наоѓале млади членови на џудо клубот „Партизан“, соопшти српското Министерство за внатрешни работи.

Според соопштението, во возилото имало осум малолетни патници, на возраст од 13 до 16 години, кои се членови на џудо клубот „Партизан“ од Белград и се враќале од меѓународен спортски камп и натпревар во Азербејџан.

Според Министерството за внатрешни работи, комбето, кое го управувал С.С. (43), се превртело од непознати причини.

„Малолетно лице, 16-годишно лице, починало на лице место, додека осум лица, вклучувајќи го и возачот, се пренесени во Клиничкиот центар на Војводина во Нови Сад со повреди од различен степен“, се вели во соопштението.

Алкотестот покажал дека возачот на комбето не бил под дејство на алкохол, се додава во соопштението.

Милош Бајиќ, раководител на одделот за хирургија во Институтот за здравствена заштита на деца и младинци на Војводина, изјави дека пет од седумте хоспитализирани момчиња се во стабилна состојба, едно е на интензивна нега надвор од животна опасност, додека едно од момчињата е транспортирано во Белград, каде што ќе биде лекувано во Универзитетскиот клинички центар на Србија.

Според него, момчето кое се транспортира во Белград има „обемна повреда на цервикалниот ‘рбет“.

Возачот (43), кој бил примен во болница со повеќекратни трауматски повреди, бил лекуван и моментално е под лекарски надзор.

По десетици убиени, израелската војска соопшти дека примирјето во Газа е во сила

илустрација
илустрација

Израелската војска соопшти дека има намера да го продолжи примирјето во Појасот Газа откако бомбардираше десетици цели на територијата по смртоносниот напад врз нејзините војници.

Соопштението дојде по сериозната ескалација на ситуацијата во Газа, при што медицински извори објавија дека 91 Палестинци загинале во израелските напади, најмногу откако примирјето меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас стапи на сила на 10 октомври. Инаку САД и ЕУ ја прогласија Хамас за терористичка организација.

Израел соопшти дека неговите воздушни сили нападнале неколку цели на Хамас откако израелските војници биле нападнати на југот од територијата, при што загинал еден.

Хамас ја негираше одговорноста за нападот врз израелските војници. Тврдењата не можеа да бидат независно потврдени.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „ништо“ нема да го загрози примирјето меѓу Израел и Хамас во Газа, и покрај обновеното насилство на територијата. Зборувајќи со новинарите на пат од Јапонија кон Јужна Кореја, Трамп додаде дека Израел има право да одговори на нападите.

Грузиската владејачка партија сака да ги забрани најголемите опозициски партии

Шалва Папуашвили
Шалва Папуашвили

Владејачката партија на Грузија ќе побара од Уставниот суд да ги забрани трите најголеми опозициски партии, кои се силно прозападни, изјави на 28 октомври висок член на владејачката партија „Грузиски сон“, Шалва Папуашвили.

Папуашвили рече дека партиите „практично континуирано го негираат внатрешно-политичкиот и надворешно-политичкиот легитимитет на сегашната влада и владејачката политичка партија на Грузија и, соодветно, нејзината уставност“.

Трите партии - Коалицијата за промени, Обединетото национално движење и блокот „Силна Грузија-Лело“, претставуваат „вистинска закана за уставниот поредок“, рече Папуашвили.

„Нашата тужба претставува доказ дека овие политички партии се водени од неуставни цели“, рече Папуашвили.

Папуашвили рече дека одлуката е донесена врз основа на големината и влијанието на трите партии. Тој истакна дека помалите сојузнички групи не биле вклучени, но дека тоа може да се промени.

„Нивната потенцијална неуставност би можела да се испита подоцна ако добијат значително влијание врз политичкиот процес“, рече Папуашвили.

Локалните медиуми го цитираа Иракли Купрадзе, висок член на Силна Грузија, кој ја нарече тужбата „решителен удар врз демократијата“ и вети дека ќе ѝ се спротивстави.

Кандидатката за ЕУ, Грузија, доживеа влошување на односите со блокот откако Тбилиси минатата година донесе закон против ЛГБТ и таканаречен закон за странски агенти.

Односите дополнително се влошија по парламентарните избори во октомври 2024 година, на кои партијата „Грузиски сон“ остана на власт, потоа одлучи да ги прекине преговорите за пристапување во ЕУ, а воедно практикува и она што многумина вклучително и Брисел го сметаат за пријателска политика кон Русија.

Ураганот Мелиса остави хаос во Јамајка и стигна до Куба

илустрација
илустрација

Ураганот Мелиса стигна до Куба на 29 октомври, како еден од најсилните од 2017 година, откако го погоди Јамајка претходниот ден, поплавувајќи градови, уништувајќи домови и прекинувајќи ја електричната енергија на повеќе од половина милион домаќинства, поттикнувајќи ја владата да го прогласи островот за зона на катастрофа.

Ураганот од категорија 5 - најсилната класификација - стигна до копното на Јамајка на 28 октомври, носејќи бури, ненадејни поплави и налети на ветер до 295 километри на час (км/ч).

Иако засега нема сигурни информации за смртни случаи во Јамајка, властите веруваат дека луѓето веројатно ги загубиле животите со оглед на обемот на уништувањето.

Досега, веќе се пријавени големи штети низ југозападниот дел. Поплавени патишта, соборени дрвја и соборени далноводи оставија делови од регионот без електрична енергија. Болниците, училиштата и мостовите, исто така, претрпеа големи штети.

Откако ја погоди Јамајка како еден од најсилните урагани во Атлантикот, Мелиса накратко ослабе. Додека го преминуваше островот, изгуби дел од својата енергија бидејќи повеќе не беше над топлото море кое ја „хранеше“.

Сателитската снимка RAMMB/CIRA го прикажува ураганот Мелиса југоисточно од Јамајка во 13:00 часот по средноевропско време, 28 октомври 2025 година
Сателитската снимка RAMMB/CIRA го прикажува ураганот Мелиса југоисточно од Јамајка во 13:00 часот по средноевропско време, 28 октомври 2025 година

Кога северниот брег на Јамајка беше зад него, тој повторно се засили до четврта категорија.

Мелиса потоа направи втор удар на копно, овој пат во југоисточна Куба, како ураган од категорија 3 со ветрови до 125 милји на час - еден од најсилните што го погодија островот од ураганот Ирма во 2017 година.

Кубанските власти соопштија дека евакуирале повеќе од 735.000 луѓе пред пристигнувањето на ураганот.

NHC предупреди за опасни по живот поплави и потенцијални лизгања на земјиштето предизвикани од поројни дождови, штетни ветрови и бранови од бура што достигнуваат до 4 метри во некои области.

Во среда навечер, се очекува Мелиса да продолжи кон Бахамите, ослабувајќи ја силата, но се очекува да забрза кон североисток, преминувајќи ги Бахамите во текот на денот и приближувајќи се кон Бермудите, задржувајќи ја силата на ураган од категорија 1.

Притвор од 30 дена за директорот и управителот на „Комунална хигиена“ поради несобирањето на ѓубрето во Скопје

Северна Македонија - полни контејнери ѓубре во Скопје, октомври 2025 година.
Северна Македонија - полни контејнери ѓубре во Скопје, октомври 2025 година.

Основниот кривичен суд Скопје го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство - Скопје и определи мерка притвор од 30 дена за двајца раководители од ЈП „Комунална хигиена“ поради основано сомнение за кривично дело „Загрозување на животната средина и природата со отпад“, соопшти Кривичниот суд.

„Согласно решението на судот, за осомничените С.Р. и А.С., вработени во ЈП „Комунална хигиена“, мерката притвор е определена заради постење на основите од чл. 165 ст. 1, точка 2 и 3 односно опасност да ја попречи истрагата или да влијае врз сведоци и можност да го повтори делото“, соопштија од судот.

Претходно, скопското обвинителство донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двете лица.

„Осомничените, од кои едниот в.д. директор, а другиот управител за отпад во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, заедно постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на својата основна дејност за редовно собирање и транспортирање безопасен отпад на подрачјето на Град Скопје, како и на обврските предвидени во Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад и на Оперативниот план за одржување на јавната чистота во Градот. Со пропуштање на целосниот надзор над собирањето и транспортирањето на комунален отпад, како и со непрописно управување со отпадот тие овозможиле во текот на месецов да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини, во близина на предвидените садови за собирање комунален отпад, со што предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести“, соопштија од обвинителството.

До ова дојде откако минатата недела Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи (МВР), во координација со повеќе инспекциски и здравствени институции да спроведе вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и во ЈП „Комунална хигиена – Скопје“, поради сериозни проблеми со собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG