Вести
Муртезани на средба со Кос – една од темите биле и уставните измени
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска (5 февруари) во Брисел одржал средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Во фокусот на нивниот разговор биле реформите и Планот за раст на Западен Балкан, а се зборувало и за уставните измени, соопштија од Министерството за европски прашања (МЕП).
„Соговорниците разменија мислења и за уставните измени во контекст на предизвиците на европскиот пат. Тие констатираа дека добрососедските односи се од клучно значење за напредокот на интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија и дека сите решенија треба да бидат во согласност со волјата на граѓаните“, велат од МЕП.
Уставни измени со кои Бугарите ќе се внесат како една од заедниците во преамбулата на македонскиот Устав, е услов за Северна Македонија да ја одржи втората меѓувладина конференција со ЕУ и да ги отвори првите поглавја од преговорите.
Меѓутоа, ВМРО-ДПМНЕ, која формираше влада по изборите во мај заедно со коалицијата ВРЕДИ и партијата ЗНАМ, е на став за уставни измени со одложено дејство односно тие да важат од моментот на полноправно членство на земјава во ЕУ.
Муртезани, претходно во текот на денот од Брисел рече дека од бугарска страна има сигнали за подготвеност за дијалог. Како што пренесе државната агенција МИА, тој изјавил оти претставникот на Бугарија во Работната група за проширување на ЕУ му пренел оти Бугарија е подготвена за разговори.
„Мислам дека се создава добра средина, којашто мора да ја искористиме не само да воспоставиме дијалог, кој мора да го има помеѓу соседните земји за да се градат добрососедските односи, туку и простор што ќе нè води кон заедничко прифатливо решение, кое конечно ќе нè внесе во ЕУ“, изјави Муртезани.
Во последните четири години во Бугарија беа одржани седум парламентарни избори бидејќи ниту една партија не можеше да состави мнозинство за да се избере политичка влада. Меѓутоа, на 16 јануари бугарскиот парламент изгласа влада на чело со Росен Жељазков, а во која има претставници на партиите ГЕРБ-СДФ, БСП и „Има таков народ“ (ИТН).
Со средбата со Кос, Муртезани ја заокружи дводневната посета на Брисел. Од Министерството за европски прашања посочија дека тој го презентирал напредокот на земјата во спроведувањето на реформската агенда која е во рамки на Планот за раст.
Имплементацијата на овој план, според најавите од ресорното Министерство, ќе биде главна тема и на состанокот на лидерите од Западен Балкан што треба да се одржи во март во Скопје.
види ги сите денешни вести
СДСМ победи во Центар и во уште две општини, Филипче не поднесува оставка
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) во вториот круг победи во три општини - во скопската општина Центар, во Македонска Каменица и во Зрновци, објави на прес-конференција претседателот на партијата, Венко Филипче.
Со тоа, СДСМ досега освои победа во вкупно шест општини, заедно со победата во првиот круг во Крива Паланка, Богданци и Кривогаштани.
Филипче рече дека се очекуваат конечни резултати од неколку општини каде разликата е мал број гласови и кажа дека согласно изборниот резултат на советничките листи, СДСМ е втора партија во земјата и прва во опозицискиот блок.
Тој обвини дека во изминатите две недели власта правела притисок на сите кандидати на СДСМ во 17 општини во кои партијата влезе во втор изборен круг и рече дека нема да поднесе оставка од лидерската позиција.
Согласно изборниот резултат на советничките листи, СДСМ е втора партија во земјата и прва во опозицискиот блок.
„Кажав и минатиот пат, јас сум претседател многу кратко, година и неколку месеци. Лани имавме една консолидација во партијата, но секако дека овие избори се дополнителен показател од кои ќе влечеме пораки и поуки во иднина. Процесот продолжува, сите да се бориме против оваа власт. Сметам дека тоа што власта изгуби 130-140.000 гласови за само година ипол е делумно и наша заслуга“, рече Филипче.
Тој најави дека СДСМ ќе одржи Конгрес на кој ќе се дискутира за изборниот резултат и ќе следат промени и во раководството на партијата.
Во првиот круг, СДСМ на советнички листи освои над 125.00 гласови.
ВРЕДИ прогласи победа во четири општини, меѓу нив и Тетово и Струга
Коалицијата ВРЕДИ (ВЛЕН) прогласи победа во четири од пет општини во кои имаше кандидати во денешниот втор круг од локалните избори за градоначалници.
„До овој момент можам да потврдам убедлива победа во Тетово со над 5.000 гласови разлика. Убедлива победа во Боговиње со 1.400 гласови разлика. Убедлива победа во Дебар, Долнени, во Струга со над 1.500 гласа“, рече Башким Бакиу од ВРЕДИ.
Во Струга, ВРЕДИ немаше свој партиски кандидат, туку ја поддржа независната кандидатура на бизнисменот Менди Ќура.
Единствено каде коалицијата не прогласи победа, а имаше свој кандидат е во Брвеница. Таму кандидатот на ВРЕДИ, Хаким Рамадани губи од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Јовица Илиевски, со нешто повеќе од 100 гласа разлика на 99,96% обработени гласови, според податоците на ДИК.
„ВЛЕН со добиените општини е втора политичка сила во државата. Денеска конечно се заокружи промената кај Албанците. ВЛЕН постигна убедлива победа речиси во сите општини каде бевме во вториот круг“, рече Бакиу.
Тој го повика Али Ахмети, лидер на ДУИ која ја предводи коалицијата НАИ да поднесе оставка.
Ахмети, пак, на прес-конференција реагираше дека се правеле непринципиелни коалиции и тврдеше дека исходот од изборите не ја одразува волјата на граѓаните.
По првиот круг од локалните избори на 19 октомври, од ДУИ тврдеа дека на национално ниво нивната коалиција НАИ е победник во албанскиот блок бидејќи на советничките листи освоиле околу 20.000 гласа повеќе од оние на ВРЕДИ.
ВМРО-ДПМНЕ слави победа во Кичево и Карпош, ЗНАМ во Куманово
Поддржувачите и кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ веќе слават победа во Кичево и во скопски Карпош.
„Драги мои карпошани, сакам да ви се заблагодарам на сите за огромната поддршка и да ја објавам историската победа на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош“, изјави Сотир Лукровски, кандидатот на владејачката партија за Карпош.
Тој во вториот круг се натпреваруваше со актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски од ГРОМ.
ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа и во Кичево
„Победи заедништвото, победи Кичево!“, објави на социјалните мрежи и кандидатот на партијата во Кичево, Александар Јовановски.
Негов противкандидат во вториот круг беше актуелниот градоначалник Фатмир Дехари.
Во Куманово, пак, актуелниот градоначалник и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски, прогласи победа. Тој соопшти дека веќе добил честитка од неговиот противкандидат Горан Стојковски. Во изјавата по прогласувањето на победата, Димитриевски им се заблагодари на партнерите од владината коалиција за поддршката, посебно на ВМРО-ДПМНЕ. Прашан за нискиот одѕив на гласачите, Димитриевски рече дека пораката од граѓаните е примена.
Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК), во Кичево обработени се 85,43% од избирачките места, а Јовановски е во водство со околу 2.000 гласа.
Во Карпош, пак, на речиси 90% обработени избирачки места, Лукровски води со околу 1.200 гласа.
Во Куманово, на обработени, Димитриевски е во водство со нешто повеќе од 1.000 гласови на обработени 98% од избирачките места, според ДИК.
Првичните податоци на ДИК, покажуваат дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ води во 21 општина. ВРЕДИ (ВЛЕН) во четири, СДСМ во три, а во по една Унијата на Роми и ЗНАМ.
ДИК: ВМРО-ДПМНЕ води во 19, ВРЕДИ во 5, СДСМ во 4 општини
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ води во 19 од вкупно 33 општини во кои денеска (2 ноември) се одржува втор круг од локалните избори, покажуваат податоците од Државната изборна комисија на 85,07% од обработените избирачки места.
Меѓу местата каде води партијата е главниот град Скопје, но и во Кичево и Кочани, како и скопските општини Карпош и Аеродром.
Коалицискиот партнер во власта, ВРЕДИ (ВЛЕН), пак, е во водство во пет општини: Боговиње, Брвеница, Дебар, Долнени и Тетово.
Кандидати на опозицискиот СДСМ се во предност во скопски Центар, како и во Крушево, Зрновци и Македонска Каменица.
Во водство во по една општина се и ЗНАМ – во Куманово и Унијата на Роми во Шуто Оризари.
Во вториот круг се бираа градоначалници во 33 општини.
Во првиот круг на 19 октомври се избраа нови состави на општините, како и градоначалници во 44 општини.
Во првиот круг на 19 октомври беа избрани градоначалници во 44 општини. Од нив, најмногу освои владејачката ВМРО-ДПМНЕ – 33. Владиниот коалициски партнер ВРЕДИ тогаш освои пет градоначалнички места, а по три освоија опозициските СДСМ и коалицијата НАИ, којашто е предводена од ДУИ.
Во четири општини – Гостивар, Маврово-Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа изборите за градоначалник пропаднаа и ќе се распишат нови бидејќи не беше постигнат цензусот за одзив од најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список.
Тошковски: Вториот круг помина во мирна, фер и демократска атмосфера
Вториот круг помина во исклучително мирна, фер и демократска атмосфера, оцени министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на првата прес-конференција по затворањето на гласачките места на вториот круг од локалните избори.
„Изборниот процес се одвививаше без сериозни инциденти, без нарушување на јавниот ред и мир и без настани што би го довеле во прашање интегритетот на изборите. Ова е уште една потврда дека граѓаните, институциите и МВР покажаа зрелост и одговорност што покажаа Македонија да има едни од најмирните избори во последните години“, рече Тошковски.
До Министерството за внатрешни работи(МВР) имало 30 пријави за нерегуларности, од кои најмногу во Скопје. Најчестите пријави биле за агитирање близу гласачки места (седум пријави), пет пријави се за можен поткуп при гласање, а има и четири пријави за неовластено присуство на гласачко место. Забележани се и изолирани случаи на попречување на гласање, фотографирање гласачко ливче, неовластено фотогриарирање граѓани и како и упатени закани.
Паралелно, Секторот за компјутерски криминал регистрирал 18 објави на социјални мрежи поврзани со изборниот процес.
Претходно, и Јавното обвинителство излезе со оценка дека изборниот дел поминал „без поголеми нарушувања на изборниот процес“. До Обвинителството е доставено само едно известување од подрачјето на Шуто Оризари за фотографирање гласачко ливче.
ДИК: Одзивот е 45,71 отсто на ниво на цела држава
Точно во 19:00 часот, согласно Изборниот закон, навреме се затворени сите избирачки места каде што имаше гласање во вториот круг на локалните избори 2025 година - информираше претседателот на ДИК, Борис Кондарко на прес конференција.
Тој рече дека до Комисијата пристигнале податоци за излезност од 1340 избирачки места. Обработени се 97,60 отсто од податоците, кои покажуваат дека одзивот на гласачите бил 45,71 процент на ниво на цела држава.
„Вкупниот број гласачи кои гласале во овие избирачки места е 325.691“, рече Кондарко.
За Град Скопје одзивот до 18:30 часот изнесува 33,82 проценти.
„Од 19 часот избирачките одбори пристапуваат кон отворање на гласачките кутии и броење на гласачките ливчиња. Конечната излезеност ќе се знае по 23:00 часот кога ќе биде одржана последната прес-конфернеција за соопштување на целосните првични неофицијални резултати, добиени по електронски пат од секое избирачко место“, информира Кондарко.
Тој додаде дека Државната изборна комисија со неколку свои тимови овластени лица ќе го набљудува непосредно броењето на резултатите и составувањето на записниците во повеќе избирачки места во различни општини.
Обвинителство: Изборниот ден помина без поголеми нарушувања
По затворањето на избирачките места во вториот круг од локалните избори во Северна Македонија, Јавното обвинителство излезе со оценка дека изборниот дел поминал „без поголеми нарушувања на изборниот процес“.
„До јавното обвинителство во текот на денешниот ден е доставено само едно известување на подрачјето на Шуто Оризари за фотографирање на гласачко ливче. Итно се дадени насоки за документирање на настанот кој претставува прекршок“, соопштија од Јавното обвинителство.
И покрај мирниот изборен ден, оттаму додаваат дека Комисијата која е формирана за следење на евентуални кривични дека поврзана со изборите, ќе остане активна до целосно завршување на изборниот процес.
Во вториот круг од локалните избори, се бираат градоначалници на 33 општини, вклучително и во Градот Скопје.
Единствено во Шуто Оризари на три избирачки места имаше прегласување и за членовите на советот поради утврдени недоследности од страна на Државната изборна комисија во првиот круг.
Во првиот круг на 19 октомври беа избрани градоначалници во 44 општини. Од нив, најмногу освои владејачката ВМРО-ДПМНЕ – 33. Владиниот коалициски партнер ВРЕДИ тогаш освои пет градоначалнички места, а по три освоија опозициските СДСМ и коалицијата НАИ, којашто е предводена од ДУИ.
НАИ посочи на нерегуларности, ВРЕДИ очекува победа
Националната алијанса за интеграција (НАИ), коалицијата предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ) посочи за нерегуларности за време на изборите додека од коалицијата ВРЕДИ оценија дека гласањето се одвивало без „некои неправилности и во духот на граѓанската одговорост“, на првите прес-конференции по затворањето на гласачките места на вториот круг од локалните избори.
„Успешно се соочивме со нечесна и незаконска кампања кои го оцрнија процесот и ја нарушуваат еднаквоста на изборниот процес. Сведоци сме на масовно купување гласови, изборен асфалт, ноќно бетонирање, злоупотреба на јавните ресурси и брутална вмешаност на државниот апарат во корист на власта. Сепак и покрај сите тие злоупотреби граѓаните не дозволија овие темни методи да го искриват резултат во првиот круг. Затоа сме убедени дека нема да успеат да го искриват ниту сега, во вториот круг“ рече Арбер Адеми, портпарол на НАИ.
Во ВРЕДИ очекуваат од Државната изборна комисија(ДИК) фазата на затворање и броење на гласовите да се спроведе како и во првиот круг, „со целосна транспарентност, точност и професионализам во согласност со законот и со волјата на граѓаните“.
„Според нашите информации од теренот, кандидатите на коалицијата ВРЕДИ добија широка поддршка во сите општини каде што настапуваат и очекуваме резултати кои ќе ја потврдат таа доверба“, рече Дритон Сулејмани, портпарол на ВРЕДИ.
Со затворање на избирачките места во 19 часот заврши гласањето во вториот круг од локалните избори за градоначалници, по партиите излегуваат со првични реакции, а се очекува и да почне објавувањето на првичните резултати.
Во вториот круг од локалните избори се гласа за градоначалници во 33 општини, вклучително и во Градот Скопје.
Општини кои треба да добијат градоначалници се: Аеродром, Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Центар, Чешиново Облешево, Чучер Сандево, Шуто Оризари, Долнени, Дојран и Зрновци.
Заврши гласањето, се очекуваат првичните резултати
Со затворање на избирачките места во 19 часот заврши гласањето во вториот круг од локалните избори за градоначалници, по што се очекува партиите да излезат со првични реакции, како и да почне објавувањето на првичните резултати.
Во вториот круг од локалните избори се гласа за градоначалници во 33 општини, вклучително и во Градот Скопје.
Останатите 32 општини кои треба да добијат градоначалници се: Аеродром, Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Центар, Чешиново Облешево, Чучер Сандево, Шуто Оризари, Долнени, Дојран и Зрновци.
Од нив, во најмногу меѓусебни соочувања имаа ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ – во 16 општини. Кандидати на коалициите во албанскиот блок, НАИ и ВРЕДИ се соочија во три општини. Во останатите, овие партии и коалиции ќе се борат за градоначалничко место со некоја од партии или независни кандидати.
Во првиот круг на 19 октомври беа избрани градоначалници во 44 општини. Од нив, најмногу освои владејачката ВМРО-ДПМНЕ – 33. Владиниот коалициски партнер ВРЕДИ тогаш освои пет градоначалнички места, а по три освоија опозициските СДСМ и коалицијата НАИ, којашто е предводена од ДУИ.
Во првиот круг се избраа и новите совет на општините. Единствено во Шуто Оризари на три избирачки места во Шуто Оризари имаше прегласување и за членовите на советот поради утврдени недоследности од страна на Државната изборна комисија во првиот круг.
Во четири општини – Гостивар, Маврово-Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа изборите за градоначалник пропаднаа и ќе се распишат нови бидејќи не беше постигнат цензусот за одзив од најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список.
ДИК: До 17 часот гласале 39,28 проценти
До 17 часот излезеноста во Скопје е 28,52 проценти, а во сите општини низ државава каде што се гласа во вториот круг од локалните избори процентот на избирачи што излегле на гласање е 39,28, соопшти на прес-конференција Радица Тодоровска Алексовска, портпаролка на ДИК.
Најголем одзив на гласање има во Конче (64,44), а најмал во Сарај 8,77 проценти.
Во Скопје до 17 часот излегле 28,52 проценти односно 134.586 избирачи врз основа на 99,56 проценти од пристигнaти податоци до ДИК за вкупно 682 избирачки места.
Спорeдено со првиот круг, излезеноста во главниот град до 17 часот е помала, затоа што пред две недели излегле 39,62 проценти.
На ниво на држава, до 17 часот излезеноста е 39,28 проценти односно вклупно гласале 279.241 гласач од 96,94 проценти на податоци од избирачки места што пристигнале до ДИК.
Според податоците на ДИК, до 17 часот најголем одѕив за гласање има во Конче (64,44), како и во Дојран (62,96), Демир Капија (62,71), Крушево (61,89) и Росоман (63,58), а најслаб е одѕивот во Сарај (8,77), Шуто Оризари (25,82) и Куманово (27,72).
Тодоровска Алексовска соопшти дека до оваа прес-конференција до ДИК нема пријави за поголеми неправилности и нема пристигнато информација од некое избирачко место дека гласањето ќе продолжи по 19 часот.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете