Вести
Кривична пријава за несовесно обезбедување на локалитетот „Плаошник“ во Охрид

Кривична пријава против поранешен времен директор на Управата за заштита на културното наследство и управителот на кичевската фирма за обезбедување „2СС“ поднесе охридската полиција. Првиот е осомничен за кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ додека вториот за „несовесно работење во службата“.
Во полициското соопштение е наведено дека 49 годишниот А.А во својство на в.д. директор без да изврши контрола кај локалитетот „Плаошник“ во Охрид, дозволил агенцијата за обезбедување имоти и лица „2СС“ со седиште во Кичево да се незаконски да заработи 80 илјади евра, со тоа што не се придржувал до потпишаниот договор за физичко и техничко обезбедување на локалитетот.
„Второпријавениот се товари дека како одговорно лице во агенцијата, по склучување на договорот со Управата не постапил по истиот и целосно не ги исполнил предвидените технички услови и ангажирал помал број вработени лица. Тој исто така не се придржувал на законот за приватно обезбедување каде јасно е предвидено дека секој вработен треба да поседува лиценца и легитимација“, се вели во соопштението на Секторот за внатрешни работи-Охрид.
Станува збор за последниот договор кој оваа фирма го склучила со Управата за заштита на културното наследство во 2022 година. Само во изминативе четири години со оваа институција склучила седум договори за јавна набавка - обезбедување на локалитетот на скопското Кале, охридскиот Плаошник и деловен простор на институцијата на Павел Шатев во вредност од над 200 илјади евра.
Во изминативе четири години оваа компанија има потпишано околу сто договори за јавни набавки за обезбедување на голме број на институции во вредност од над 7 милиони евра.
види ги сите денешни вести
Израел предупредува дека признавањето на палестинската држава охрабрува „еднострани дејствија“

Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, ја нарече одлуката на неколку држави да ја признаат палестинската државност „грешка“ и предупреди дека таков потег би можел да предизвика неодреден едностран одговор, по извештаите дека Израел планира да анектира делови од Западниот Брег.
Неколку земји, вклучувајќи ги Франција и Велика Британија, ветија дека ќе ја признаат палестинската држава на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, кое се одржува овој месец.
Француско-израелските односи се значително затегнати во последните недели, откако францускиот претседател Емануел Макрон објави дека неговата земја планира да биде домаќин на конференција организирана заедно со Саудиска Арабија за да се разговара за решението за две држави во ОН.
Британскиот премиер Кир Стармер минатиот месец изјави дека Велика Британија ќе ја признае палестинската државност доколку Израел не постигне прекин на огнот во војната во Газа, предизвикана од нападите на Хамас на израелска територија, до октомври 2023 година.
Хамас е прогласен за терористичка организација од страна на САД и други сили.
„Земји како Франција и Велика Британија, кои напредуваа со таканареченото признавање, направија голема грешка“, рече Сар на прес-конференција со неговиот дански колега, Ларс Локе Расмусен.
Според него, продолжувањето со овие планови го отежнува постигнувањето мир.
„Регионот ќе биде дестабилизиран. Израел ќе биде принуден да донесува еднострани одлуки.“
Неговите изјави доаѓаат откако Израел одобри план за изградба на нови населби на Западниот Брег, вклучувајќи и голем проект во источен Ерусалим.
Меѓународната заедница, од друга страна, изјави дека таквата акција ја загрозува идната палестинска држава.
Сите израелски населби на окупирана палестинска територија се сметаат за нелегални според меѓународното право.
Во меѓувреме, Израел ја продолжува офанзивата започната во Газа, по нападите на Хамас во 2023 година, во кои загинаа околу 1.200 луѓе, претежно цивили.
Од приближно 240 заложници земени во нападот, 49 сè уште се држат во Газа, вклучувајќи 27 за кои израелската војска верува дека се мртви.
Израелските одмазднички напади убија над 62.000 луѓе во Газа, повеќето од нив цивили, според податоците од палестинските здравствени власти, кои Обединетите нации ги сметаат за веродостојни.
Еден ден претходно, израелската војска ги повика Палестинците да го напуштат градот Газа - најголемата урбана област во Газа - бидејќи армијата дејствува во градот.
Јапонскиот премиер поднесе оставка

Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба поднесе оставка по една година на функцијата и по два големи изборни порази.
Одлуката доаѓа еден ден откако се очекуваше неговата Либерално-демократска партија да гласа дали да се одржи внатрешно гласање за негово отстранување од челната позиција во партијата.
Оваа партија владееше со Јапонија речиси седум децении, но под водство на Ишиба го загуби мнозинството во Долниот дом на парламентот за прв пат по 15 години, а потоа го загуби мнозинството и во Горниот дом на парламентот во јули.
Јапонија, четвртата најголема економија во светот и близок сојузник на Соединетите Американски Држави, сега се соочува со период на политичка неизвесност, бидејќи тензиите со Кина и регионалните неизвесности растат.
„Сега кога е постигнат заклучок во преговорите во врска со американските царини, верувам дека е вистинско време“, рече Ишиба, осврнувајќи се на договорот потпишан минатата недела за намалување на царините воведени од американскиот претседател Доналд Трамп за јапонски автомобили и друг извоз.
Тој се спротивстави на повиците за негова оставка до недела, велејќи дека негова одговорност е да ги реши разликите со Вашингтон.
„Длабоко верував дека преговорите во врска со американските тарифи, кои би можеле да се опишат како национална криза, требаше да завршат како одговорност на нашата администрација“, рече тој, меѓу другото.
Ишиба изјави дека ќе продолжи да ги извршува своите одговорности „пред народот“ сè додека не се избере нов премиер.
Тој ја презеде функцијата во октомври 2024 година, ветувајќи дека ќе се бори против зголемувањето на цените, но инфлацијата, која ги удвои цените на оризот минатата година, имаше длабоко штетно влијание врз неговото лидерство.
Причини за падот на јавната поддршка се и неговите одлуки да назначи само две жени во кабинетот, како и да купи скапи подароци за членовите на партијата.
Норвежаните гласаат на парламентарните избори помеѓу лабуристите и десницата

Норвежаните излегуваат на гласачките места во недела, 7 и понеделник, 8 септември, во тесна трка за да одлучат дали ќе продолжат со влада предводена од лабуристите или ќе се свртат кон централно-десничарската.
Земјата-членка на НАТО, која ја дели арктичката граница со Русија и е дел од единствениот пазар на Европската унија, но не е земја-членка, има само четири милиони гласачи.
И покрај малубројното население, Норвешка долго време игра важна улога на меѓународната сцена, а војните во Газа и Украина, како и трговските тарифи на САД, одиграа значајна улога во изборната кампања.
Сепак, во последната фаза од трката, фокусот се префрли на растечките трошоци за живот и нееднаквоста.
Се очекува најмалку девет политички партии да освојат места на парламентарните избори што завршуваат во понеделник вечерта, но само лидерите на трите главни партии се кандидати за премиер.
Геополитичките прашања станаа многу важни за гласачите, а аналитичарите велат дека тоа би можело да им користи на лабуристите и на нивниот лидер, премиерот Јонас Гар Стере, поранешен министер за надворешни работи кој се претставува како безбеден партнер.
Според неодамнешните анкети на јавното мислење, Лабуристичката партија и четири помали партии ќе освојат 88 места во норвешкиот парламент, три повеќе од минимумот потребен за мнозинство.
„Најверојатното сценарио е дека Стехре ќе биде реизбран, но тоа ќе биде коалиција „тути фрути“, која ќе оди во многу различни насоки“, рече Јонас Штајн, вонреден професор по политички науки на Универзитетот во Тромсе, пишува Ројтерс.
Враќањето на власт на американскиот претседател Доналд Трамп и војната на Русија во Украина беа посебен извор на загриженост во Норвешка, земја со 5,6 милиони луѓе со извозно ориентирана економија која граничи со Русија на Арктикот.
Во десничарскиот табор, конзервативците на поранешната премиерка Ерна Солберг водеа кампања за реформа на јавниот сектор и укинување на данокот на богатство во Норвешка, за кој велат дека неправедно го таргетира сопствеништвото на бизниси.
Но, како и во другите западни земји, гласачите сè повеќе се свртуваат кон попопулистички десничарски опции. Силви Листхауг од антиимиграциската Партија на напредокот моментално освојува околу 21 процент од гласовите на анкетите, што е убедливо пред конзервативците со 14 проценти.
Десничарите Солберг и Листхауг отворено не се согласуваат околу тоа кој треба да биде следниот премиер во случај на победа на десницата, што ги прави некои гласачи претпазливи во поддршката на која било од опциите.
Доверба, поддршка и заемно почитување да се темел врз кој ќе се гради евроинтегративниот процес, бара Муцунски

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски смета дека интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ) останува врвен приоритет на надворешната политика и дека Владата остануваат на ставот дека тој процес мора да се води исклучиво според Копенхашките критериуми.
Овој став на Муцунски следува по изјавата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, од Софија, во која тој истакна дека е разумно на Северна Македонија да и се гарантира дека по уставните измени нема да има други барања на нејзиниот пат кон Европската Унија.
„ Македонија веќе покажа дека е кредибилен и доверлив партнер на Унијата – целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика, прва во регионот што го потпиша Партнерството за безбедност и одбрана со Европската Унија, и држава која активно придонесува кон мирот и стабилноста во регионот и пошироко“, рече Муцунски во изјава за ТВ Сител.
Инаку Кошта одговарајќи на новинарско прашање, рече дека ги разбира позициите на Скопје и оти смета дека е разумно на Северна Македонија да ѝ се дадат гаранции дека нема да има нови барања на патот кон Европската Унија.
„Тие очекуваат дека пристапувањето сега може да се прецизира, но она што е одобрено е одобрено, она што е договорено е договорено и тие мора да го спроведат. Во исто време, многу е важно да се изгради доверба. И да се гарантира на Северна Македонија дека она што го очекуваме и сакаме во моментов не е само нешто што го сакаме сега и го очекуваме подоцна. Нема да сакаме ништо повеќе да се прави подоцна. Ова е разумно“, рече Кошта, претседател на Европскиот совет.
Бугарскиот премиер Росен Жељазков рече дека Софија досега повеќе пати ја потврдила својата позиција дека нема да поставува други барања за обврски што треба да ги исполни Северна Македонија.
Инаку Уставниот суд на 13 август информираше дека е формиран предмет во кој е оспорен Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија донесен на 17.07.2022 година во Софија, за кој во тек е претходна постапка во која се испитуваат податоците и известувањата потребни за донесување на одлука.
Подносителка на иницијативата, поранешната пратеничка Поповска во иницијативата наведува дека со оспорениот Протокол е прекршен Уставот и тврди дека има несоодветна форма и содржина, дека излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден член од Договор меѓу две земји и произведува штетни дејствија врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава.
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова изјави дека уставните судови не се под јурисдикција на соседни политичари, а одлуките на овој суд се конечни и не се коментираат.
На темата потсети дека нема потреба од нова декларација за „црвените линии“ на државата за евроинтеграциите, рече претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, откако претседателот на СДСМ, Венко Филипче најави дека ќе поднесе декларација со „црвени линии“ која треба да помогне во поместувањето на преговарачките позиции на Северна Македонија на патот кон Европската унија.
Поддржувачите на Болсонаро излегуваат на улиците пред пресудата во случајот за државен удар во Бразил

Поранешниот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро, ќе ја тестира својата политичка сила во недела, 7 септември, со демонстрации во главните градови на земјата, неколку дена пред Врховниот суд да одлучи дали е виновен за обидот за државен удар.
Лидерот на крајната десница, исто така поранешен капетан на армијата, се соочува со казна затвор до 43 години доколку биде осуден за обид да ја задржи власта по поразот на изборите во 2022 година од неговиот левичарски ривал Луиз Инасио Лула да Силва.
Судот треба да донесе пресуда следната недела во случајот што го предизвика гневот на американскиот претседател Доналд Трамп, сојузник на Болсонаро.
Болсонаро, кој е во домашен притвор од август, ќе биде отсутен протагонист на настаните за Денот на независноста, повикувајќи на амнестија за стотици негови поддржувачи кои беа осудени за упадот во Врховниот суд, претседателската палата и Конгресот на 8 јануари 2023 година.
„Болсонистите“ се надеваат дека Конгресот ќе гласа за амнестија, која би можела да се прошири на поранешниот претседател дури и ако биде осуден.
Болсонаро во тоа време беше во Соединетите Американски Држави, но беше обвинет за поттикнување на немирите, кои ја повикаа армијата да го собори Лула една недела по неговото враќање на власт.
Сојузниците на Болсонаро организираат собири за недела под слоганот „Бразил одговара“, а настаните започнуваат во Рио де Жанеиро пред главните демонстрации во недела попладне во Сао Паоло на авенијата Паулиста.
Ултраконзервативниот евангелистички пастор Силас Малафаја, спонзор на настанот, ќе присуствува, заедно со неколку десничарски претседателски кандидати, вклучувајќи го и гувернерот на Сао Паоло, Тарцисио де Фреитас, кој се смета за потенцијален наследник на Болсонаро и клучен поборник за амнестија.
Болсонаро, на кого му е забрането да се кандидира до 2030 година поради сомневања за изборниот систем на Бразил без докази, тврди дека е невин и дека е политички прогонуван.
На Денот на независноста, претседателот Лула ќе ја предводи традиционалната официјална парада во Бразилија под овогодинешното мото „Суверен Бразил“, по казнените американски царини од 50 проценти што ги наметна Трамп, кој тврдеше дека Болсонаро страда од „лов на вештерки“.
Властите ја засилија безбедноста за парадата со распоредени 2.000 полицајци и дополнителни војници во готовност, потврди воената полиција на Бразилија.
Лула, 79, кој планира да се кандидира за реизбор во 2026 година, оваа недела предупреди на ризиците од амнестија ако прашањето стигне до Конгресот.
„Тоа е битка што мора да ја води народот“, рече тој.
Претседателот на Претставничкиот дом, Уго Мота, рече дека „сè уште нема одлука“ за амнестијата, но призна дека преговорите се интензивирале во последните денови за да се изнесе прашањето пред Конгресот.
Несреќата со жичарница во Португалија е поради проблеми со каблите, пишува во извештајот

Проблемите со каблите веројатно предизвикале уривање на жичарница во Лисабон, популарна кај туристите, при што загинале најмалку 16 лица, а уште 22 биле повредени кога се урнал во зграда, според прелиминарниот извештај.
Жолт вагон сличен на трамвај, кој превезува луѓе нагоре и надолу по стрмна падина во португалската престолнина, се урна во зграда откако излетал од шините во среда (3 септември).
Португалската канцеларија за истрага на воздушни и железнички несреќи го објави својот прв истражен извештај за несреќата во саботата.
Во извештајот се наведува дека кабините патувале „не повеќе од околу шест метри“ кога „одеднаш ја изгубиле силата на балансирање што ја обезбедува кабелот што ги поврзува“.
„Кабината бр. 2 одеднаш започнала наназад, нејзиното движење запрело на приближно 10 метри поради делумно преминување на крајот од пругата и закопување на долната страна на количката на крајот од ровот за кабел“, се додава.
„Кабината бр. 1, на врвот на Калкадо да Глорија, продолжи со своето движење надолу, зголемувајќи ја својата брзина“, се вели во извештајот.
Во извештајот се додава: „Кочникот на кабината веднаш ја активираше воздушната и рачната сопирачка за да се обиде да го запре движењето. Овие дејствија немаа ефект врз запирањето или намалувањето на брзината на кабината, и таа продолжи да забрзува надолу по падината.“
Во извештајот се додава дека испитувањето на остатоците покажало дека „кабелот за поврзување попуштил“ на местото на прицврстување на кабината на врвот на ридот.
Конечниот извештај ќе биде објавен подоцна.
Голема материјална штета и 18 повредени во пожарот во фабриката за вафли во Виница

Вкупно осумнаесет лица се примени синоќа во кочанската Општа болница со повреди здобиени во пожарот што избувна вчера доцна попладне во фабриката за кондиторски производи „Макпрогрес“ во Виница. Дел се задржани во Кочани, дел од нив се препратени на клиниките во Скопје, но сите се во стабилна состојба, изјави за МИА, д-р Оливера Цимбаљевиќ, анестезиолог, раководител на одделението за анестезиологија и реанимација во кочанската Општа болница.
„Петмина од нив се наоѓаат на хирургија, од нив четворица се со изгореници на нозете од прв и втор степен. Петтиот што е задржан на хируруршкото одделение е со инхалациони (токсиколошки) повреди. Други петмина повредени во пожарот во „Макпрогрес“ се згрижени на интерното одделение во Општата болница во Кочани. Сите се со инхалациони повреди (вдишување чад), односно со токсиколошки наод. Шест други лица веднаш се препратени на Клиника во Скопје, сите затруени со чад од огнот. Преостанатите заминале после укажаната лекарска интервенција“, вели д-р Цимбаљевиќ.
Таа не можеше да прецизира колку од нив се пожарникари, а колку се вработени во „Макпрогрес“.
Сите примени во Болницата во Кочани се во стабилна состојба, потенцира д-р Цимбаљевиќ.
Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, опожарени биле „три линии“, а од утрово пожарот е ставен под контрола изјави .
„Опожарени се три линии означени како 6, 7 и 8 (од кои два магацини), сите имале сончеви панели на покривот. Спасени се линиите од 1 до 5. Пожарот е под целосна контрола. Во гаснењето учествуваа пожарникари од ТППЕ Виница, Македонска Каменица, Делчево, Кочани, Пробиштип, Штип, Струмица, Кавадарци и Велес, наведува Ангелов.
Ангелов објаснува како неколку пожарникари се здобиле со изгореници на стапалата откако се заглавиле во смола од стопен шеќер во еден од погоните.
„При обидот да ги одглават стопалата чизмите им останале во стопениот шеќер и згазнале во стопената смеса, појаснува Ангелов.
Пожарот во фабриката за слатки производи и вафли во Виница избувна вчера вечер во 18:40 часот, во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката. На видео снимките објавени на социјалнтие мрежи можеше да се види силен оган и густ чад како се издига од фабриката „Макпрогрес“ позната по производите „Винчини“.
Стопанската комора на Северна Македонија најави дека ќе формира кризен штаб со сопственикот на фабриката со цел целосно нормализирање на состојбите, изразувајќи при тоа жалење за претрпената штета на компанијата, нивна членка.
„Вчеравечер околу 19.20 часот, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески беше известeн од сопственикот на Макпрогрес Виница, Глигор Цветанов, дека во фабриката има пожар. Веднаш беше алармирана Владата, премиерот, како и вицепремиерот и министер за транспорт, кои ги дадоа потребните наредби за спасување на целокупната фабрика, но и покрај интензивните активности, мора да се констатира дека три клучни погони се целосно уништетни“, се наведува во соопштението.
Според комората овој настан ќе остави длабока трага врз работењето на нивната членка која вработува околу 500 работници.
Пожарот направи голема штетата на фирмата „Макпрогрес Винчини“, која е и најголемиот стопански објект во оваа мала општина. Основана е пред 35 години, работи во кондиторско-пекарската индустрија и 75% од производството го извезува и тоа во 45 држави.
Зеленски го покани Путин да „дојде во Киев“, мировните преговори се уште се во застој

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја отфрли понудата на рускиот претседател Владимир Путин да патува во Москва на мировни преговори и наместо тоа го покани во Киев.
„Тој може да дојде во Киев“, рече Зеленски во интервју за ABC News кое беше објавено во саботата. „Не можам да одам во Москва додека мојата земја е под ракети, под напади секој ден. Не можам да одам во главниот град на овој терорист“.
Украинскиот претседател додаде дека понудата на Путин има за цел „одложување на состанокот“ и дека рускиот лидер „игра игри со САД“.
Путин претходно ја намали важноста на состанокот со украинскиот претседател, но исто така навести дека би бил подготвен да се сретне со него, но само на домашен терен.
„Најдоброто место за тоа е рускиот главен град, во херојскиот град Москва“, рече Путин во петокот за време на економскиот форум во пацифичкиот пристанишен град Владивосток.
Путин претходно им кажа на западните партнери на Киев, кои ветија повоени „мировни сили“ за поддршка на нивниот сојузник, велејќи дека нивните трупи распоредени во Украина ќе бидат цел на Русија.
„Доколку некои трупи се појават таму, особено сега додека траат борбите, претпоставуваме дека тие ќе бидат легитимни цели“, рече Путин.
Предупредувањето е последното во низата бескомпромисни изјави на рускиот лидер кои сигнализираат дека напорите за започнување преговори за мировен договор за војната во Украина се во застој по самитот на Алјаска меѓу Путин и американскиот претседател Доналд Трамп минатиот месец.
По изјавата на Путин, Русија испали уште еден бран воени беспилотни летала кон Украина во текот на ноќта.
Во најновата рунда напади врз Украина, Русија лансираше 91 беспилотно летало, соопштија украинските воздухопловни сили, додавајќи дека имало 18 напади на осум локации во земјата. Досега нема регистрирани жртви.
Порано оваа недела во Кина, Путин доби шанса да покаже на серија дипломатски настани од висок профил дека не е изолиран на глобалната сцена, и покрај раскинувањето со Западот по инвазијата на Москва врз Украина во 2022 година.
И на самитот на Шангајската организација за соработка на 1 септември и на воената парада на Кина на 3 септември, рускиот претседател беше виден како се ракува и разменува насмевки со разни светски лидери, вклучувајќи значајна средба лице в лице со индискиот премиер Нарендра Моди, кинескиот претседател Си Џинпинг и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.
Голем пожар во Виница во фабрика за вафли

Голем пожар избувна вечерва во фабриката „Макпрогрес“ во Виница. На терен интервенираат пожарникари од Виница и Кочани, а беше побарана помош и од противпожарните единици од соседните општини.
Со огнот е зафатен еден погон информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, а според Министерството за внатрешни работи, според досегашните информациите, нема повредени лица.
На социјалнтие мрежи се објавени видео снимки од кои може да се види силен оган и густ чад како се издига од фабриката попозната по производите „Винчини“, а многубројни противпожарни екипи се на самото место и се обидуваат да се справат со пожарот.
Присутни се и припадници на Доброволното противпожарно друштво (ДПД) Кочани, а според Ангелов, на пожарот територијалните противпожарни единици на Виница и Кочани се обидуваат да спречат огнот да се прошири кон останатите погони.
„На помош се тргнати и пожарникари од Свети Николе, Струмица и Пробиштип“, информира директорот на ДЗС.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека пожарот е пријавен во 18:40 часот преку единствениот број за итни случаи – 112.
„Денес, во 18:40 часот, во Центарот за управување со кризи преку бројот Е-112 е добиена пријава за пожар во фабриката за кандирани производи и вафли ‘Винчини’ во Виница“, велат од ЦУК.
Од ЦУК велат дека за градоначалникот на Виница, Миле Петков, е дадена насока да побара дополнителна поддршка и помош од соседните општини.
„Поддршка е побарана и од Општина Македонска Каменица и Штип. Доколку биде потребно, ќе се ангажираат сили и од други општини. Со оглед на тоа дека станува збор за специфичен урбан пожар, неопходно е ангажирање исклучиво на професионални пожарникари“,вели директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Пожарот, како што информираат оттаму, избувнал во магацините и во производствените погони 6, 7 и 8 на фабриката, по што на терен веднаш излегле екипите на ТППЕ Виница со неколку противпожарни возила и пожарникари.
Се одржува Парада на гордоста во Белград, бучава наместо музика

Силни полициски сили го обезбедуваат центарот на Белград каде што се одржува овогодинешниот протестен Mарш на гордоста.
Портите на паркот Мањеж во Белград, каде што започнува прошетката, се отворени.
Барањата на ЛГБТИ+ заедницата остануваат непроменети со години бидејќи ниту едно од нив не е исполнето.
Првите две се однесуваат на усвојувањето на Законот за истополови заедници и Законот за родов идентитет.
Нацртот на Законот за истополови заедници е изготвен пред неколку години, но српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека „додека е на таа позиција, тој нема да биде усвоен“.
„Оттогаш не сме слушнале ниту еден збор за усвојувањето на тој закон и тука приказната запре. Што се однесува до Законот за родов идентитет, има некои предлози, но официјалниот нацрт на тој закон не постои, а неговото усвојување е уште помалку сигурно. А животите на луѓето минуваат и тие не можат законски да ги регулираат своите животи“, изјави Матија Стефановиќ од Белградскиот прајд за Радио Слободна Европа.
Горан Милетиќ, еден од организаторите, изјави во Мањеж дека слоганот на овогодинешниот Прајд „За семејството“ е избран поради клучно барање - а тоа е усвојувањето на Законот за истополови заедници.
Тој изјави дека ова е една од најсложените организации на Прајд досега поради социо-политичката ситуација.
Оваа година, Прајд е протест и „се солидаризира со студентите и граѓаните“, кои десет месеци се на улиците барајќи одговорност од властите за смртта на 16 лица во несреќа во Нови Сад.
Студентите во блокадата не ја изразија јавно својата поддршка за Прајд.
„Можеби мислат дека поврзувањето на нивните студентски протести со Прајд ќе го одвлече фокусот од примарните барања поврзани со борбата против системот и корупцијата. Веројатно постои и страв од јавни реакции, со оглед на високото ниво на хомофобија и трансфобија“, изјави Матеа Стефановиќ од организацијата Талас за РСЕ/РЛ.
Тој е редовен учесник во антивладините протести.
„Она што системот им го прави на студентите со месеци, го прави и на ЛГБТ заедницата со години. Но, и покрај сето тоа, многу ЛГБТ лица, вклучувајќи ме и мене, се на улиците.“
Иако концертот на гордоста е задолжителен дел од Белградскиот прајд, организаторите оваа година објавија дека не можат да затворат очи пред она што се случува во земјата. Организаторите објавија дека овогодинешнешната парада сепак е повеќе протест од кога било.
„На протестната прошетка, креваме бучава - за правда, за институции, за сите долгогодишни семејства невидливи пред законот, за сите транс и небинарни луѓе кои со години страдаат од системска и социјална дискриминација, како и за студентите, од кои многу се квир и кои се борат за подобра иднина 9 месеци на блокадите“, се додава во соопштението.
„Затоа оваа година, наместо музика, правиме бучава за време на прошетката“, објавија тие.
Мултимедија
Најпосетени
Што треба да знаете